Во државата се потврдени 64 жаришта на сипаници кај овците, а надлежните институции секојдневно ја следат состојбата и преземаат мерки за спречување на ширењето на болеста. Според последните официјални податоци, 50 се во Источниот регион, седум во Североисточниот, шест во Вардарскиот и едно во Скопскиот регион – информираше денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
На прес-конференцијата во Министерството, тој апелираше до сточарите доследно да ги почитуваат препораките на надлежните институции, навремено да ги пријавуваат сомнителните случаи и да избегнуваат користење заедничка опрема без претходна дезинфекција.
Според Серафимовски, следењето на епидемиолошката состојба покажало дека еден од главните ризици за пренесување на заразата е стрижењето на овците со ножици кои претходно не биле соодветно дезинфицирани.
Министерот информира дека институциите веќе преземаат активности за обезбедување вакцини преку Европската комисија, Република Турција и Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
– Обезбедувањето вакцини нема автоматски да значи започнување на вакцинацијата. Одлуката ќе се темели на стручна проценка на епидемиолошката состојба, ризикот и можните ветеринарно-здравствени и економски последици од вакцинацијата – истакна Серафимовски.
Одговарајќи на новинарски прашања, Серафимовски рече дека сточарите чии стада се погодени од појавата на сипаници кај овците ќе бидат обесштетени, а во тек се проценките и подготовките за обезбедување средства за исплата и дека моделот за обештетување е веќе утврден од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во однос на состојбата на терен, Серафимовски информира дека според информациите со кои располага, досега се евидентирани околу 10.000 угинати грла овци.
Извор МИА








