По повод 35 години од независноста, Државниот завод за статистика ја објави публикацијата „35 години независна Македонија“, која преку внимателно избрани статистички показатели ги прикажува развојот и промените во земјата во изминатите три и пол децении.
-Триесет и пет години независност се повеќе од јубилеј. Тие се приказна за една држава, за нејзините луѓе, за промените низ кои поминувало општеството и за патот што сме го изоделе заедно. А токму бројките се едни од најверните сведоци на тој пат. Преку податоци за населението, образованието, пазарот на трудот, економијата, земјоделството, индустријата, животната средина, туризмот, информатичкото општество и многу други области, публикацијата создава статистички портрет на независна Македонија – од првите години на независноста до денес – се вели во соопштението од Статистика.
Посебен белег на публикацијата е нејзиниот визуелен идентитет, инспириран од македонскиот традиционален вез.
-Везот не е избран само како декоративен елемент. Неговите нишки симболично ги поврзуваат минатото и сегашноста, традицијата и современоста, наследството што го носиме и промените што ги создаваме. Како што со внимателно испреплетување безброј нишки се создава една целина, така и од илјадници статистички податоци се создава сликата за едно општество. Oваа публикација не е само збир на табели, графикони и показатели. Таа е хроника на 35 години независност, раскажана на јазикот на статистиката – посочуваат од Статистика.
Зад секој податок, посочуваат од Државниот завод за статистика, стои дел од нашиот секојдневен живот, зад секоја статистика стојат луѓе – 35 години. Илјадници бројки. Една приказна.
Извор/фото МИА








