Западен Балкан треба да се гледа како единствен пазар, а не како шест одделни економии, вели Бранко Азески

Регионалната економска интеграција е важен предуслов за поголема конкурентност на компаниите од Западен Балкан, а бизнис-заедницата треба да има поактивна улога во креирањето на политиките што ја олеснуваат трговијата, оценува претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во интервјуто за Економија и бизнис.

Според него, компаниите не треба да го гледаат Западен Балкан како шест одделни пазари, туку како заеднички регионален пазар што постепено ќе се усогласува со европските правила и ќе се интегрира во Единствениот европски пазар.

Во тој процес значајна улога има Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој, како што посочува Азески, придонесува регионалната соработка да се претвори од политичка декларација во конкретна економска агенда.

„Коморите се најблиску до компаниите и најбрзо ги идентификуваат проблемите што ја ограничуваат регионалната трговија. Преку заеднички настап, тие можат тие проблеми да ги претворат во конкретни препораки до владите и до европските институции“, истакнува Азески.

Тој смета дека регионот треба поактивно да се залага за повеќе договори за слободна трговија и за примена на четирите слободи врз кои се темели единствениот пазар на Европската Унија.

Поголемата регионална поврзаност, според Азески, може да им овозможи на компаниите полесен пристап до поширок пазар, нови деловни партнерства и подобри услови за раст и извоз. Притоа, регионалната интеграција и постепеното приближување кон европскиот пазар треба да се третираат како поврзани процеси.


Целото интервју можете да го прочитате на ЛИНКОТ

Повеќе од истиот автор

Најчитано