Пишува: Драган Лазаров | Aвторот е Адвокат – Адвокатска Канцеларија Лазаров
Можеби не живееме во најтешкиот период во историјата, но дефинитивно е еден од најкомпресираните периоди на кризи. Историјата познава периоди на длабоки кризи, но ретко познава време во кое толку различни ризици − здравствени, геополитички и економски − се случуваат истовремено и се прелеваат низ светот со огромна брзина. Во ваква ситуација се чини дека процесот на ребалансирање на светскиот поредок е веќе во тек. Прашањата од типот што е приоритет за зачувување стануваат централни во размислувањата и во дејствувањата од економски, од социјален, од правен, од филозофски аспект и се чини сè е на тест.
Правниот поредок секојдневно е на тест, и тоа не само во својата способност за брза реакција и структурна издржливост туку и фундаментално во најшироката и суштинска смисла. Оваа лавина на преиспитување на масовно ниво се гледа и во неколку високопрофилни меѓународни случаи, како што беше „случајот Мадуро“, но ваквиот случај беше лимитиран на ефектите на само една хемисфера од планетата, додека за другите светски сили со сигурност предизвика несоница од бројни причини. Реалната закана, со центрипетална сила од пошироки регионални пропорции, дојде со ескалацијата на геополитичките тензии на Блискиот Исток кои повторно ја отворија темата за сигурноста на енергетските текови и нивната директна зависност од безбедносната состојба во регионот. Ефектите од воените дејствија беа моментални, па така Меѓународната енергетска агенција (ИЕА [IEA]) во Извештај од 12 март 2026 година истакна дека настаните на Блискиот Исток го создаваат најголем прекин на снабдувањето во историјата на глобалниот пазар на нафта. Државната компанија Катар енерџи, која е најголемиот поединечен производител на течен природен гас во светот, на 2 март 2026 година на својата веб-страница истакна соопштение: „Поради воени напади врз оперативните капацитети во Ras Laffan Industrial City и Mesaieed Industrial City , Катар енерџи го прекина производството на течен природен гас (ТПГ [LNG]) и на поврзаните производи.“ Веднаш по ваквото соопштение, следуваше огромен раст на цените на природен гас. Клучно е дека за разлика од Саудиска Арабија и другите производители кои можат да извезуваат суровина преку терминали на Црвено Море, катарскиот ТПГ исклучиво минува низ Ормускиот Теснец. Сообраќајот низ теснецот практично запре, а според S&P Global , Катар сочинуваше 93 % од целиот ТПГ-сообраќај низ него.
Веднаш потоа, на 4 март 2026 година, Катар енерџи издаде ново соопштение со кое прогласи виша сила (force majeure): „По објавувањето на најавата на Катар енерџи за прекин на производството на течен природен гас (ТПГ) и сродни производи, Катар енерџи прогласи виша сила за своите засегнати купувачи.“
Зошто е ова битно за нас? Гасот што денес влегува во Северна Македонија преку Бугарија не доаѓа од еден извор, туку е дел од поширока европска мрежа во која се мешаат испораки од Азербејџан, ТПГ од глобалниот пазар и, во одредени случаи, преостанати количини од традиционалните извори. Течен природен гас од Катар, регасифициран во терминали во Грција, преку регионалната мрежа може индиректно да стигне и до македонскиот пазар, што значи дека глобалните шокови директно се прелеваат и во локалната економија.
Во каква и да е констелација, примерот со Катар го осветлува правниот концепт на вишата сила и импликациите што ги има и може да ги има. Многу често во нормирањето и во уредувањето на деловни односи, оваа клаузула се третира како проформа, иако таа веќе имаше еден сериозен тест во време на пандемијата со ковид-19. Денешните случувања даваат еден друг аспект на овој правен институт кој се однесува на нејзината суштина, а тоа е дека виша сила не значи дека извршувањето е потешко или поскапо, туку дека е објективно невозможно. Вооружен конфликт е еден типичен пример за виша сила, покрај природните катастрофи, одредени државни забрани и санкции, пандемии, прекини во инфраструктура.
Анализирајќи го примерот со Катар енерџи, можеме да ги согледаме далекусежните ефекти на оваа клаузула преку неколку клучни правни елементи кои мора да бидат исполнети за нејзина валидна примена.
Прво, настанот мора да биде надвор од контрола на страната која се повикува на клаузулата, тој не смее да биде предизвикан од страната која се повикува на неа. Во случајот со Катар енерџи, ова е неспорно: напади со дронови врз постројките во Ras Laffan и Mesaieed се воен акт на трета држава врз кој компанијата немала никаква можност за влијание. Второ, настанот не смее да биде предвидлив во моментот на склучувањето на договорот. Токму ова е правно најчувствителната точка − геополитичкиот ризик во Персискиот Залив е структурно познат за секој учесник на ТПГ-пазарот. Сепак, конкретниот обем на конфликтот, вклучувајќи и де факто затворање на Ормускиот Теснец и директен напад врз најголемата ТПГ-постројка во светот, претставуваат квалитативно поинаков настан од вообичаените регионални тензии. Само арбитражен трибунал би дал дефинитивен одговор на ова прашање и речиси сигурно ќе биде предмет на спорови во наредниов период.
Трето, извршувањето мора да биде физички или правно невозможно, не само потешко или поскапо. Ова е фундаменталната разлика меѓу виша сила (force majeure) и клаузулите за отежнати околности (hardship). Во случајов, производството беше физички запрено, Ормускиот Теснец блокиран, па испораката на карго беше објективно невозможна, а не само комерцијално неисплатлива. Четврто, страната мора да обезбеди навремено писмено известување до другите страни, во определен рок. Во конкретниот случај, Катар енерџи постапи брзо, односно официјалното соопштение дојде само два дена по нападот (2 и 4 март). Петто, постои должност за ублажување што подразбира дека страната мора да преземе разумни чекори за да ги минимизира последиците. Шесто и последно, мора да постои директна причинско-последична врска меѓу настанот и неможноста за извршување на обврската. Во случајот со Катар енерџи, овој синџир е јасен и документиран: најпрво имало напад, па следува прекин на производство, потоа блокада на теснецот и конечно неиспорака.
Особено значаен аспект на овој случај е т.н. каскаден ефект на вишата сила. Прогласувањето на Катар енерџи не застана на релацијата производител − директен купувач. Шел („Shell“), како најголем трговец со ТПГ во светот и стратешки партнер и инвеститор во Катар енерџи, веднаш ги информираше своите клиенти во Азија дека не може да ги испорача договорените количини. Ова е нова правна реалност во глобалните синџири на снабдување − еден настан на едно место може да предизвика контрактен домино ефект низ цела верига на правни односи, засегајќи страни кои немале никаков директен однос со изворниот настан.
Постои уште една важна правна дистинкција која практичарите мора да ја имаат предвид: третманот на вишата сила значително се разликува меѓу правните системи. Англиското право, кое го регулира поголемиот дел од меѓународните ТПГ-договори, не ја препознава вишата сила како самостоен правен концепт − таа мора да биде изрично договорена и прецизно формулирана во договорот. Доколку клаузулата не е вклучена, страната може да се повика само на доктрината на фрустрација, чии услови се значително построги. Спротивно, француското право и UNIDROIT -принципите предвидуваат повеќе флексибилност и пошироко толкување. Оттаму прецизното формулирање на клаузулата за виша сила при склучувањето на договорот не е формална ставка, туку суштинска правна заштита.
За македонските компании, случајот со Катар енерџи нуди конкретна практична поука. Иако Македонија не е директна страна во ТПГ-договори, нашите деловни субјекти се изложени на ефектите од вишата сила преку синџирите на снабдување, и тоа преку увозниците на горива, дистрибутерите на природен гас, па дури и преку цените на електричната енергија која делумно се произведува со гас. За компаниите, ова значи дека клаузулата виша сила повеќе не смее да се третира како формалност. Современите договори сè почесто предвидуваат детални механизми за прилагодување − од прецизно дефинирани настани до обврска за повторно преговарање и модели за распределба на ризикот. Геополитичкиот ризик повеќе не е апстракција во далечни региони, тој е реален оперативен ризик кој бара правна одговорност уште во фазата на договарање.
Економија и бизнис. 01 април 2026г









