АНАЛИЗА: Лов на финансиските друштва

пишува: Горан Петревски, авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Лов на финансиските друштва

Еден од најкорисните изуми во историјата на човештвото е кредитот – прост но генијален механизам кој им овозможува на фирмите и на луѓето во одредени периоди да трошат повеќе отколку што заработуваат. Кредитирањето не е специјална функција на банките, зашто на еден или друг начин кредити одобруваат и производните фирми, трговците, па и луѓето. Се разбира, централна улога во вкупната кредитна активност имаат финансиските институции: банките, штедилниците, финансиските друштва, пензиските фондови, друштвата за осигурување итн. Притоа, колку е поширока лепезата на финансиските институции, т.е. колку е поразвиена структурата на финансискиот систем, толку се поголеми придобивките за општеството, и тоа поради две основни причини: прво, одделните финансиски институции извршуваат различни активности со кои задоволуваат различни потреби на луѓето и на фирмите; второ, конкуренцијата меѓу различните финансиски институции води кон поголема понуда на поквалитетни и/или поевтини финансиски производи. Оттука, разновидноста на финансиските институции му носи полза на општеството и треба да се поттикнува, а не да се ограничува.

Како и во сите неразвиени земји, така и кај нас, структурата на финансискиот систем е прилично сиромашна: банките се главните играчи, макар што во поново време се зголемува и улогата на пензиските фондови. Имајќи ја предвид сиромашната финансиска структура, појавата на новите финансиски институции е добредојдена. Меѓутоа, искуството покажува дека тоа не е така, зашто регулаторите одвреме-навреме покажуваат „непријателски“ став кон новите играчи.

Така, пред триесет години, кога штедилниците паднаа во немилост поради аферата „ТАТ“, таквата состојба ја искористи централната банка, која во период од неколку години фактички ги укина штедилниците. Се разбира, таа не го направи тоа затоа што ги мразеше штедилниците, туку од себични причини: во тоа време, централната банка немаше доволно капацитет за супервизија (читај: имаше мал број супервизори, регулативата беше сиромашна, итн.). Оттука, за да си ја олесни работата и, истовремено, за да ја отстрани опасноста од евентуални идни скандали од типот на „ТАТ“, централната банка едноставно ги натера штедилниците самите да се ликвидираат. Имено, таа им наметна толку строги (и неверојатно нелогични) ограничувања, што постоењето на штедилниците стана невозможно, па дури и бесмислено. На пример, од тоа време потекнува веројатно најдрастичната законска мерка во историјата на финансиите – штедилниците немаа право самостојно да даваат кредити, ниту пак имаа право да вршат платен промет. Разбирливо, ако штедилницата не може да ги извршува овие рбаоти, нема никаква смисла воопшто да постои.

Десетина години подоцна, на сиромашната македонската финансиска сцена се појавија нови институции – финансиските друштва, кои се разликуваат од банките по тоа што не смеат да прибираат депозити, туку работат само со капиталот што го вложиле сопствениците. Денес, во Македонија постојат 27 финансиски друштва, од кои најголем дел (18) имаат седиште во Скопје, а нивниот основачки капитал се движи од девет до 288 милиони денари, иако повеќе од нив се основани со капитал од околу 30 милиони денари. Меѓутоа, уште од самото раѓање на овие финансиски институции, тие станаа озогласени и од различни страни постојано слушаме гласови дека треба да се ограничат, па дури некои (меѓу нив и голем број професори по финансии) би биле среќни и ако овие друштва воопшто не постојат.

Кому и зошто му пречат финансиските друштва? Најчестото обвинување против нив е тоа што наводно ги искористуваат клиентите, применувајќи „предаторско“, „пиратско“ или „лихаврско“ кредитирање. Со прости зборови, на финансиските друштва им се забележува тоа што наплаќаат високи каматни стапки на кредитите. Во продолжение ќе покажеме дека овој аргумент воопшто не држи вода, а уште помалку може да послужи како основа за ограничување на финансиските друштва. Еден од основните „закони“ во финансиите е „поголем ризик – повисока каматна стапка“. Имено, ако оној што ги позајмува парите се сомнева дека должникот можеби нема навреме да го врати заемот, тогаш парите ги позајмува со повисока каматна стапка. И тоа е сосема нормално и разбирливо, и не може да биде поинаку. Бидејќи финансиските друштва најчесто си имаат работа со луѓе со ниска кредитна способност (луѓе со ниски плати), единственото средство за да си го заштитат својот капитал и да остварат некаква заработка е токму тоа – да даваат пари на заем со повисока каматна стапка! Повторно ќе ги потсетам читателите дека тоа е сосема во согласност со основното и златно правило во финансиите. Напротив, тие би биле неодговорни (па, дури и луди) ако на ризичните клиенти им позајмуваат пари со ниска каматна стапка, зашто на тој начин би работеле во корист на својата штета.

Некој ќе рече: добро, сето тоа е во ред, но сепак, финансиските друштва претеруваат со каматните стапки и ги искористуваат кутрите сиромашни луѓе кои немаат друг излез, туку мораат да земаат пари на заем за да прежиеват. Ако некој навистина мисли вака, тогаш тој целосно ги измешал работите, зашто заштитата на сиромашните не е работа на финансиските друштва ниту на другите финансиски институции, туку со тоа треба да се занимаваат оние кои се задолжени за социјалната заштита. Просто кажано, ниту финансиските друштва ниту банките не се хуманитарни организации за да се грижат са потребите на сиромашните. Впрочем, да го поставиме следново прашање: Ако финансиските друштва ги „дерат“ клиентите со високите каматни стапки, тогаш зошто тие не одат кај банките за да земат поевтини кредити? Одговорот е прост: затоа што тие не можат да добијат кредит од ниедна банка, односно затоа што банките не сакаат да работат со толку ризични клиенти. На тој начин, повторно се враќаме на основното правило во финансиите: ако некој е ризичен клиент, тогаш не може да позајмува по ниска каматна стапка!

Во продолжение, на финансиските друштва често им се забележува дека се однесуваат нефер кон клиентите, па дури и дека работат незаконски (даваат кредити без лична карта, даваат кредити во готови пари, вршат насилна наплата на долговите итн.). Така, неодамна имавме прилика да слушнеме дека министерството за финансии спровело засилени контроли на финансиските друштва при што открило бројни и значителни злоупотреби во нивното работење. И навистина, верувам дека во работењето на финансиските друштва може да се најдат грешки, пропусти, па дури и прекршоци. Но, повторно, тоа не е никакво оправдување за хајката против нив. Впрочем, овој аргумент може да се примени на сите фирми и, воопшто, во сите области. На пример, одвреме-навреме, некои возачи возат во пијана состојба и предизвикуваат судари или газат пешаци. Но, тоа не значи дека поради нив треба да се забранат автомобилите и сообраќајот! Со други зборови, во секоја дејност можат да се најдат поединечни случаи на грешки или злоупотрби. На крајот на краиштата, дури и банките прават пропусти и грешки, а нивните клиенти често упатуваат поплаки. Меѓутоа, сѐ додека се работи за поединечни, изолирани случаи, тоа не е аргумент кој може да се употреби против целата дејност. Најпосле, токму државата е должна да ги открие и казни таквите случаи.

Да заклучам, не е спорно дека и финансиските друштва треба да подлежат на обврската за заштита на клиентите, ниту пак е спорно дека треба да ги почитуваат законите и другите прописи. Во тој поглед, нивниот регулатор (Министерството за финансии) треба да обезбеди современа регулатива и да го зајакне својот капацитет за надзор (супервизија) на овие друштва. Меѓутоа, секоја помисла или обид за војна против нив или, не дај боже, за нивно поништување е штетна за општеството. Затоа, мојата порака е: да не дозволиме да се повтори несреќната судбина на штедилниците.


пишува: Горан Петревски, авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис, 01 октомври 2026г

Најчитано