Водете љубов, а не војни!

пишува: Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Многупати низ историјата човештвото има докажано дека нема поголеми катастрофи од оние кои се предизвикани од човекот. Навистина, одвреме-навреме, одделни места, подрачја или целиот свет ги зафаќаат разни природни непогоди (земјотреси, поплави, урагани, болести итн.) кои понекогаш предизвикуваат големи материјални и човечки загуби. Сепак, слободно може да се каже дека штетата предизвикана од природните несреќи никако не може да се мери со разурнувањата кои ги предизвикуваат војните. Историските извори нудат обемен материјал кој го отсликува ужасот на војните, а економските последици од воените судири се предмет и на економските истражувања.

Неодамна група германски економисти направја обемна анализа на економските движења поврзани со воените дејствија, заснована на статистички и на историски материјал за 60 земји.1 За таа цел, авторите собрале и проучиле податоци за вкупно 1 737 поединечни борби во рамките на 694 војни кои се одвивале на 469 воени жаришта од 1870 година до 2023 година. Анализата ги опфаќа како внатрешните војни во рамките на една земја (вкупно 469) така и војните меѓу одделни земји (вкупно 225 случаи). Просечната должина на војните изнесува 3,3 години за внатрешните војни и 2,5 години за војните меѓу одделни земји.
Во поглед на причините, најчести се војните за независност, за создавање сопствена држава и империјалистичките (за освојување туѓи територии). Исто така прилично чести се војните кои се предизвикани со промената на распоредот на силите, односно кога една земја се претвора во голема воена сила, предизвикувајќи ги постојните доминантни светски или регионални сили; во оваа група спаѓаат и војните предизвикани од чувството на закана, кога воените мерки преземени од една земја предизвикуваат реакција кај некоја друга земја. Понатаму подеднакво чести се војните предизвикани од големи идеолошки или верски разлики, војните за спорните погранични подрачја, војните преземени во знак на одмазда или поради националната гордост, како и економските војни за контрола на трговските патишта, за освојување нови пазари или за природните богатства. Најретки се војните кои се водат поради внатрешни политички или економски причини: на пример, војните во земјите зафатени од економски кризи или висока инфлација, како и војните кои се преземаат за да се одврати вниманието на јавноста од домашните проблеми.

Интересно е што овие економисти покажуваат дека веројатноста една земја да биде некако зафатена од воените дејствија воопшто не е за занемарување. Навистина, емпириската веројатност земјата да претставува воено жариште е ниска (6 %), меѓутоа веројатноста за воени судири во соседството е многу поголема (20 %). За да се разбере значењето на овие бројки треба да се забележи дека оваа веројатност е дури петпати поголема од фреквенцијата со која се јавуваат финансиските кризи. Со други зборови, војните ги зафаќаат земјите многу почесто отколку вообичаените економски шокови како што се финансиските кризи. Ова покажува дека економското значење на војните воопшто не е за потценување, иако навидум тие ни изгледаат како ретки настани.

Кога се зборува за поврзаноста меѓу војните и економските движења, најпрвин се наметнува прашањето за причинско-последичните врски. Имено, воопшто не е спорно тоа дека војните предизвикуваат човечки жртви и материјални уништувања поради кои страда и економијата. Меѓутоа, од друга страна, токму неповолните економски состојби (да речеме, висока инфлација, голема невработеност и сиромаштија, економска или финансиска криза) можат да бидат причина за појава на воени судири кои понатаму се одразуваат негативно врз економската активност. Во тој поглед, ова истражување потврдува дека постои голема разлика меѓу внатрешните војни и војните што се водат меѓу одделни земји. На внатрешните војни најчесто им претходат неповолни економски движења (висока инфлација и опаѓање на производството), но тоа не е случај со надворешните војни. Тоа покажува дека внатрешните војни се последица на економските движења, а не нивна причина, додека кај надворешните војни врската е обратна.

Што се однесува до економските ефекти на војните, истражувањето покажува дека, во просек, тие предизвикуваат опаѓање на производството за десет проценти (во споредба со периодот пред војната) во земјите на чија територија се води војната. Притоа негативните ефекти на војните траат подолго време – потребни се дури 12 години за производството повторно да го достигне нивото од пред војната. Исто така, како последица на материјалните разурнувања, војните предизвикуваат намалување на вкупниот физички капитал и на вкупната продуктивност во воените жаришта. Се разбира, војните предизвикуваат и намалување на надворешната трговија (во просек, узвозот и извозот, изразени како процент од БДП, се намалуваат за по три проценти во споредба со предвоениот период). Сепак, треба да се забележи дека само големите војни предизвикуваат застој во надворешната трговија. Понатаму војните предизвикуваат и инфлација: во просек, цените се повисоки за 20 % во земјите кои се непосредно зафатени од војните. Најпосле, земјите зафатени со војните се соочуваат и со голем пад на пазарите на капитал чија активност се намалува за 20 %.

Во продолжение истражувањето открива дека војните предизвикуваат неповолни економски последици и врз третите земји – земјите кои не се никако вклучени во војните (на пример, соседите на завојуваните страни). Меѓутоа, ова е точно само за земјите кои пред војната имале значителни трговски врски со завојуваните војни, што покажува дека негативните економски последици од војните главно се пренесуваат преку трговскиот канал. Кај овие земји, туѓите војни предизвикуваат опаѓање на БДП за 2 % во споредба со предвоениот период при што штетите траат во период од осум години. Исто така, како последица на туѓите војни, овие земји се соочуваат со намалување на обемот на физичкиот капитал (2 %), опаѓање на берзите (5 %) и пораст на цените (3 %), додека вкупната продуктивност расте за 1 %. Од друга страна, сосема очекувано истражувањето покажува дека војните предизвикуваат мала или никаква штета во останатите земји кои немаат никакви економски односи со земјите што се вклучени во војните.
Што се однесува до човечките жртви, иако надворешните воени судири траат пократко, тие се многу покрвави: во просек, тие предизвикуваат големи човечки загуби (3,5 % од населението) за разлика од внатрешните земји чии жртви изнесуваат 0,74 % од населението. Најголемата поединечна битка во поновата историја е познатата офанзива на генералот Брусилов, која се одвивала во летото 1916 година, при што, според различни проценки, во борбите меѓу Русија и Австроунгарија погинале, биле ранети или биле заробени меѓу два и три милиони војници на двете страни. Меѓу најкрвавите битки спаѓаат и битката за Вухан во рамките на Кинеско-јапонската војна од 1938 година (со проценети жртви меѓу 300 000 и 500 000), како и познатата битка кај Верден во Првата светска војна (меѓу 700 000 и 800 000 жртви).

Според тоа, клучните заклучоци од истражувањето се следниве: прво, војните предизвикуваат значителни негативни последици врз економската активност; второ, штетните ефекти на војните се пренесуваат дури и на останатите земји кои никако не се вклучени во нив; трето, врската меѓу војните и економската активост е различна кај внатрешните војни и војните меѓу одделни земји – кај првите, неповолните економски движења се причина за појава на воените судири, додека кај вторите, војните се причинители на неповолните економски движења. Се разбира, овие сознанија не се ништо ново, односно тие му се познати на секое дете. Но, што е со политичарите? Поновото историско искуство нѐ учи дека, со развојот на цивилизацијата, војните никако не се намалуваат, туку напротив, стануваат поразурнувачки. Затоа останува да важи познатата порака: водете љубов, а не војни!


Економија и бизнис, 15 мај 2026г.

Најчитано