пишува: Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Од почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога пропадна социјализмот во Централна и во Источна Европа, се забележува постојан тренд на исчезнување на автократските режими во светот. Така, во 1994 година, Нелсон Мандела стана претседател на Јужна Африка; во 2000 година беше сменет Милошевиќ, а со Заливската војна дојде крајот на Садам Хусеин; во 2011 година пропаднаа автократските режими во неколку северноафрикански земји; најпосле, оваа година, благодарение на „новиот шериф во градот“ (Трамп), бевме сведоци на соборувањето на автократскиот режим во Венецуела, на обидот за промена на режимот во Иран и на најавената промена на режимот во Куба. Со еден збор, на еден или друг начин, демократијата незапирливо го преплавува целиот свет.
Ако ги оставиме политичките прашања (дали демократијата е најдобриот од сите можни светови), она што нѐ интересира во оваа статија се економските ефекти на демократијата, односно прашањето дали демократијата обезбедува повисок економски раст во споредба со автократските режими. Ова е особено важно за младите демократии (како што сме ние) кои имаат големи очекувања од преминот кон демократијата. На прв поглед, одговорот на ова прашање е јасен: демократијата е најдобриот систем, а тоа го потврдува сознанието дека најразвиените (најбогатите) земји истовремено се и најдемократски. Сепак, ова е пример на погрешно логичко расудување зашто ако најбогатите земји се демократски, тоа воопшто не докажува дека тие станале развиени благодарение на демократијата, туку врската може да биде спротивна − откако земјите се развиле, тие изградиле демократски системи. Во прилог на оваа теза може да се наведе фактот дека во некои од богатите земји економскиот развој се случил во периодот кога тие биле потполно недемократски (апсолутни монархии − во 18 и во 19 век). Постојат и бројни историски примери кои покажуваат дека брзиот економски развој е можен и во авторитарните системи (подемот на Германија за време на нацизмот, забрзаната индустријализација во Советскиот Сојуз, економскиот подем на Чиле за време на диктаторот Пиноче итн.). Во поново време, азиските економски чуда (Јужна Кореја и Тајван, а потоа и Кина) се најголемиот доказ дека демократијата не е неопходна за силен економски развој.
Демократијата како поттик на развојот
Економската теорија наведува неколку канали преку кои демократијата го поттикнува развојот. Во прв ред, демократијата обезбедува поголема заштита на правото на сопственост кое е основа на употребата и на размената на производните ресурси. Вообичаено се смета дека демократијата обезбедува најдобри механизми (институции) за заштита и за спроведување на сопственичките права. Имено, за овие права најважно е да бидат јасно дефинирани и гарантирани, а тоа го овозможува само политичкиот систем во кој постојат механизми за контрола на власта (слободни избори, политичка одговорност спрема гласачите, устав, парламент итн.). Со други зборови, демократските институции ја спречуваат власта самоволно да ја одземе или да ја ограничи сопственоста на ресурсите. Исто така демократиите вообичаено се одликуваат со владеење на правото (стабилни закони со независно и со ефикасно судство) кое го попречува одземањето на сопственоста од страна на другите приватни лица. Оттука поголемата заштита на сопственоста ги поттикнува инвестициите зашто инвеститорите се сигурни дека никој нема да им ги одземе плодовите од нивните инвестиции.
Понатаму, теоријата смета дека демократијата обезбедува политичка стабилност која, пак, има поволно влијание врз инвестициите и врз економскиот развој. Имено, политичката нестабилност ја зголемува неизвесноста во работењето и ги обесхрабрува претприемачите и инвеститорите. Во тој поглед се смета дека демократските системи обезбедуваат поголема политичка стабилност од автократските, и тоа на повеќе начини. На пример, демократијата подразбира јасни правила за смена на власта, која се изведува по однапред пропишана законска процедура и по мирен пат. Исто така демократијата се одликува со вклученост на сите луѓе во политичкиот процес, што ги елиминира екстремните движења и политичкото насилство. На пример, овие одлики на демократските режими објаснуваат зошто комунистичките и фашистичките преврати не се случија во англосаксонските или во скандинавските земји. Бидејќи смената на власта во демократските земји се одвива по мирен пат, тие не се подложни на повремени епизоди на насилство кое ѝ штети на економската активност. Проблемот со овој аргумент лежи во тоа што не постои причина зошто политичката стабилност би била поголема во демократските режими. На пример, во автократските режими (Северна Кореја, Кина, Куба итн.) не постојат опозиција, слободни избори итн., а со тоа нема никаква промена на власта. Со други зборови, во овие земји постои сигурност дека власта и институциите нема да се променат во догледна иднина, што ја намалува неизвесноста.
Третиот канал преку кој демократијата го поттикнува развојот е акумулацијата на човечкиот капитал. Имено, ако демократските режими во поголема мера водат сметка за интересите, за потребите и за барањата на просечните (посиромашните) гласачи, тогаш тие ќе применуваат политики за прераспределба на доходот и ќе ја зголемат понудата на јавните добра. Покрај другото, тоа значи дека демократските земји повеќе ќе инвестираат во здравството и во образованието − двете дејности кои се клучни за акумулацијата на човечкиот капитал. И овој аргумент во прилог на демократијата е прилично проблематичен зашто се темели на политиката за прераспределба. Во тој поглед, вреди да се потсетиме дека во многу автократски режими (на пример, социјалистичките земји), државата спроведува(ше) политика со која доходот го насочуваше кон здравството, образованието и другите јавни услуги. Оттука воопшто не е јасно зошто демократијата би била повеќе наклонета кон стимулирање на акумулацијата на човечкиот капитал.
Најпосле демократијата има поволно влијание врз развојот преку поттикнувањето на технолошките иновации. Во тој поглед, демократските земји се одликуваат со поголема дисперзија (помала концентрација) на власта, односно во нив не постои строга хиерархија како што е случај во автократските режими. Познато е дека ваквата децентрализирана структура претставува плодна почва за создавање и за размена на новите идеи во споредба со автократскиот режим во кој некое повисоко ниво треба да даде одобрение за новите идеи и проекти. Демократијата се одликува со отвореност и со слободна размена на идеите, како и со критички однос кон постојните решенија, а тоа ги поттикнува иновациите. Најпосле во демократските режими не постојат привилегирани фирми (заштитени бели мечки), туку напротив, тие се одликуваат со слободен влез и излез на фирмите на одделните пазари. Со други зборови, во демократските режими новите иновативни фирми имаат поголеми можности да се пробијат на пазарот и да ги истиснат фирмите со застарени методи на производство.
Демократијата како пречка за развојот
Автократските режими имаат една голема предност − власта може да прави сѐ што ќе посака зашто таа не зависи од избирачите. Во тој поглед, власта не мора да ги „купува“ гласовите со разни ветувања, не е зависна од донациите на фирмите, не мора да води сметка за разни интересни групи итн. Со други зборови, автократската власт е сосема самостојна и може да се посвети на долгорочните политики кои го поттикнуваат растот. Наспроти тоа, во демократијата, ако сака да остане на власт, владата мора да води сметка за интересите на гласачите (пензионерите, синдикатите итн.) кои често го гледаат својот сегашен интерес (на пример, повисоки плати и пензии) за сметка на негативните долгорочни последици. Токму поради оваа причина, власта во демократските земји често ги избегнува или ги одложува реформите кои се неопходни за долгорочниот раст, а се непопуларни на кус рок.
Оваа разлика во однесувањето на демократските влади и на автократските режими најдобро се гледа во изборот меѓу сегашната потрошувачка и инвестициите. Основниот политички проблем со инвестициите е тоа што тие бараат жртва од сегашните поколенија, а даваат резултати во иднина. Бидејќи политичарите се зависни од сегашните гласачи, тие се принудени да водат политика на претерано сегашно трошење на товар на инвестициите во иднината (чии резултати ќе ги користат некои идни гласачи). Автократските режими не се оптоварени со прашањето на политичката популарност и лесно можат да му наметнат на населението присилно штедење за финансирање на инвестициите. Токму ова беше случај во социјалистичките земји (барем до 80-тите години на минатиот век) кои имаа високи стапки на раст на инвестициите на товар на тековната потрошувачка.
Сличен проблем е односот на власта спрема политиката на прераспределба на доходот. Во демократските земји, власта мора да ги исполнува желбите на гласачите. Оттука, ако поголемиот дел од гласачите се сиромашни, власта ќе применува мерки за прераспределба на доходот − ќе им наметне повисоки даноци на фирмите (капиталистите), а тие пари ќе им ги префрли на посиромашните за тековна потрошувачка (плати, пензии, социјална помош итн.). Се разбира, со ваквите мерки власта го намалува фондот за финансирање на инвестициите, што неизбежно ќе се одрази врз економскиот раст. Наспроти тоа, автократските режими не мора да им се умилкуваат на гласачите (вклучувајќи ги и посиромашните), туку можат да се насочат кон долгорочните цели.
Оттука воопшто не зачудува тоа што нема конечен одговор на прашањето кој политички систем (демократијата или автократијата) е подобар за економскиот развој. Како што видовме, теоријата дава спротивни аргументи, а стварноста ни нуди различни примери: во времето на Сталин, Советскиот Сојуз спроведе масовна индустријализација, нацистите изградија широка мрежа на патишта, економскиот подем на Чиле се случи за време на владеењето на диктаторот Пиноче, недемократската Кина го восхитува светот со високите стапки на раст итн. Сето тоа покажува дека или демократијата нема никакво влијание врз економскиот раст или, ако има, тоа е незначително во споредба со останатите фактори.
Економија и бизнис, 15 април 2026










