Вчера во Скопје успешно се одржа првиот Supply Chain Summit, специјализиран настан во целост посветен на управувањето со синџирите на снабдување, логистиката, набавките и оперативната ефикасност. Во време на глобални предизвици и забрзана дигитализација, самитот понуди конкретни стратегии и решенија за оптимизација на бизнис-процесите во сите индустрии.
Настанот го отвори Верица Мартиновска, генерален директор на InStore и „Кликер маркетинг“, која истакна дека по 11 години успешно градење на секторот преку FMCG Summit, се појавила реална потреба за посебен, фокусиран настан. „Глобалните случувања директно влијаат врз логистиката и синџирот на снабдување, па затоа создадовме платформа на која професионалците можат да разменат искуства и да ги трансформираат предизвиците во предност,“ нагласи таа.
Самитот почна со фокус на набавките и менаџментот. Наташа Цикач потенцираше дека современата набавка веќе не е само оперативна функција насочена кон цена, туку стратешки двигател на профитабилноста. Паралелно, Александар Стевановиќ укажа дека оперативните проблеми често не се во процесите, туку во нејасната одговорност и начинот на носење одлуки, повикувајќи на системско наместо реактивно работење. Дино Шкријељ (КОЛА Група) ја заокружи оваа целина со тезата дека синџирот на снабдување е клучен генератор на cash flow, каде прецизната анализа на залихите директно ја подобрува финансиската ефикасност на компанијата.
На првата панел-дискусија, во која учествуваа Влатко Бежоски (Quehenberger Logistics Македонија), Владимир Трпаноски (Витаминка) и Методија Христовски (Nelt ST), се дебатираше за клучната стратешка одлука – дали компаниите треба да ја изнесат логистиката надвор (outsource) или да ја задржат во свои рамки. Заклучокот беше дека не постои универзален модел, туку секоја компанија мора точно да знае што е клучно да контролира, а каде партнерството носи поголема вредност.
Офелија Бајо го претстави статусот АЕО (економски овластен оператор) како алатка за побрзо царинско расчистување и подобра предвидливост, додека Горан Антевски (Раде Кончар-ТЕП) се фокусираше на производната логистика, нагласувајќи дека методите како Lean и Kaizen се неопходни за намалување на логистичкото време.
Посебен интерес предизвикаа излагањата поврзани со вештачката интелигенција и дигиталната трансформација. Александар Мастиловиќ порача дека автоматизацијата и предиктивната анализа веќе не се иднина, туку неопходност за создавање агилен и отпорен систем на снабдување. На ова се надоврза и Александар Бојаџиски, оперативен директор за пиво во „Пивара Скопје“, кој преку конкретни примери покажа како производствените процеси можат значително да се подобрат со поддршка на AI. Тој истакна дека „smart“ (паметните) решенија овозможуваат подобра организација и далеку побрзо надминување на секојдневните предизвици во оперативното работење.
Самитот беше затворен со дискусија за носењето одлуки во кризни времиња. Панелистите Виолета Митковска (Atlantic Grupa), Бобан Трпезановски (Kuehne+Nagel) и Станиша Ивановиќ (Fresh Line) се согласија дека во денешни услови, планирањето мора да се врши на пократки рокови, со цел компаниите да останат флексибилни на светските економски турбуленции.
Настанот обедини претставници од производствени компании, дистрибутери, трговски ланци и ИТ-секторот, потврдувајќи дека професионалното управување со синџирот на снабдување е столбот на секој успешен бизнис.








