ЕКОНОМИЈА | Петревски: Социјализам на нордиски начин

Во нордиските земји разликите во платите на вработените не се толку изразени како што е случајот на САД
Социјализам на нордиски начин

Економско-социјалниот модел на нордиските земји се темели на неколку основни столбови: 1) големи јавни инвестиции во образованието, во здравството и во семејствата; 2) централизирано и координирано определување на платите како во рамките на одделните индустрии така и меѓу нив; 3) многу дарежлив систем на социјално осигурување; 4) прогресивно оданочување со високи даночни стапки, надополнето со субвенции наменети за поттикнување на вработувањето. Како резултат на тоа, нордиските земји се познати како пример за социјална праведност, односно како земји во кои нема големи разлики во заработките меѓу луѓето. Вообичаено тоа се објаснува со високите даноци со кои се врши прераспределба на доходот на тој начин што државата одзема дел од заработката на побогатите и потоа тие пари ги пренасочува кон посиромашните.

Меѓутоа, истражувањето на тројца норвешки економисти покажува дека пониската нееднаквост на доходот во нордиските земји, споредено со Британија или со САД, не се должи на порамномерната распределба на доходот (со помош на даноците и со слични инструменти), туку произлегува од релативните односи на платите на пазарот на труд. Навистина, точно е дека нордиските земји се одликуваат со повисоки даноци и буџетски трансфери, што ја ублажува нееднаквоста на доходот меѓу луѓето, но тие покажуваат дека тоа е само спореден фактор. Наместо тоа, основната причина за порамномерната распределба на доходот во нордиските земји во споредба со САД се многу помалите разлики во висината на платите меѓу вработените.

Нордиските земји наспроти САД и Британија

Нордиските земји се познати по својот модел на капитализам кој значително се разликува од капитализмот во англосаксонските земји. Според една поделба, нордиските земји се пример на координирани пазарни економии, додека англосаксонските земји можат да се означат како либерални пазарни економии. Овие два типа се одликуваат со висок доход, меѓутоа се разликуваат според социјалното осигурување и (не)рамномерноста на доходот. Иако е тешко да се објасни зошто во одделни земји постојат различни системи на пазарна економија, вообичаено разликите се објаснуваат со историски причини.

Табела бр. 1 Основни демографски и економски показатели

Како што покажува табелата бр. 1, нордиските земји се прилично побогати (мерено според БДП по жител) од Британија, но затоа, пак, се посиромашни од САД, иако сите се одликуваат со високо ниво на развој. Во однос на демографските одлики, нордиските земји имаат постаро население (показателот „старо население“ го покажува односот меѓу старите луѓе [64+] и работоспособното население), а разликата е особена изразена во споредба со САД. Од друга страна, жените раѓаат исто во споредените земји, а исто така нема разлика ниту во поглед на бројот на доселениците: во сите земји, 14 % од вкупното население го сочинуваат луѓе кои се родени во странство. Показателот „општествена доверба“ ги отсликува културните разлики меѓу нордиските и англосаксонските земји. Во нордиските земји, дури 68 % од луѓето сметаат дека може да им се верува на другите луѓе, додека во САД тој процент изнесува само 37 %. Луѓето во нордиските земји се чувствуваат посреќни во споредба со САД и со Британија.

Ако ги погледнеме разликите во економските показатели, можеме да го заклучиме следново: продуктивноста на работниците (БДП по работен час) е иста во нордиските земји и во САД, додека британската продуктивност е многу пониска; вработените во нордиските земји работат значително помалку (показателот „работливост“ го покажува бројот на работни часови по вработен), а тоа значи дека луѓето во САД се побогати затоа што работат подолго време; од друга страна, нордиските земји се одликуваат со поголемо учество во работната сила: дури 91 % од работоспособното население е вклучено на пазарот на труд; најпосле, нордиските земји имаат многу поголем јавен сектор − кај нив дури 29 % од вработените работат во државните служби, што е двојно повеќе во споредба со САД.

Нееднаквоста во нордиските земји

Последниот ред од табелата бр. 1 го покажува општопознатиот факт дека нордиските земји се одликуваат со пониска нееднаквост во заработката меѓу луѓето: коефициентот ЏИНИ, кој вообичаено се употребува како мерка на нееднаквоста, изнесува 0,27 во нордиските земји наспроти 0,39 во САД. Меѓутоа, овде треба да се спомне дека коефициентот ЏИНИ може да се мери на два начина: однапред и отпосле. Првиот начин ја изразува нееднаквоста во заработувачката на луѓето која произлегува од пазарот, односно покажува дали разликите во заработувачката на луѓето произлегуваат од работата или од сопственоста (плата, камати, кирии, дивиденди итн.). Вториот ЏИНИ, пак, покажува какви се разликите во примањата на луѓето имајќи ги предвид и парите кои ги добиваат од државата преку различни форми на буџетски трансфери. Имено, со помош на даноците, државата им ја намалува заработувачката на едни, а потоа тие пари им ги дава на други луѓе во вид на детски додатоци, стипендии, разни видови социјална помош итн.

Споредбата меѓу нордиските и англосаксонските земји покажува дека првите се одликуваат со поголема еднаквост мерено според првиот ЏИНИ, а тоа покажува дека нееднаквоста во англосаксонските земји произлегува од пазарот, т. е. некои луѓе заработуваат многу повеќе од другите. Со други зборови, во нордиските земји разликите во платите на вработените не се толку изразени како што е случајот на САД. Навистина, со помош на даноците и со буџетските трансфери дополнително се изедначуваат разликите меѓу луѓето, но тоа го прават и нордиските и англосаксонските земји. Според тоа, разликите во нееднаквоста се само израз на различните пазарни модели меѓу двете групи на земји. Во САД, луѓето заработуваат различно поради две причини: прво, постојат големи разлики во платите меѓу одделни занимања и второ, постојат големи разлики во обемот на работа (бројот на одработените часови) меѓу работниците. Во продолжение, истражувањето на тројцата норвешки економисти покажува дека, иако разликите меѓу платите на жените и на мажите се пониски во нордиските земји, сепак тоа не е главната причина за различната нееднаквост, туку напротив: и кај мажите и кај жените платите во нордиските земји се порамномерни во споредба со САД и со Британија каде што и кај мажите и кај жените постојат многу поголеми разлики во платите.

Постојат неколку објаснувања за пониската нееднаквост на доходот во нордиските земји. Според првата хипотеза, овие земји вложуваат многу пари во грижата и во образованието на децата и како резултат на горе-долу сличниот равој, децата подоцна се одликуваат со слични работни способности, а со тоа и со слична заработувачка. Сепак, истражувањата покажуваат дека детските градинки, детските додатоци, здравствената заштита, образованието и другите слични политики во нордиските земји имаат скромно влијание врз разликите во работните вештини и врз понудата на труд. Освен тоа, образовната и квалификациската структура на вработените во САД, во Британија и во нордиските земји е слична. Оттука не држи објаснувањето дека нееднаквоста во нордиските земји е помала зашто луѓето имаат слични работни квалификации. Наспроти тоа, разликата во платите меѓу одделните степени на образование во САД е двапати поголема во споредба со нордиските земји. Со други зборови, во САД и во Британија разликите во платите на луѓето со средно и со високо образование се многу поголеми отколку разликите во платите во нордиските земји.

Според второто објаснување, нордиските земји се одликуваат со високи субвенции на активностите кои имаат поволно дејство врз пазарот на труд како што се разните семејни политики (породилно отсуство, згрижување на децата итн.). Овие субвенции ја зголемуваат понудата на труд и на тој начин ги намалуваат разликите во заработувачката на луѓето. На пример, ако државата го субвенционира престојот на децата во детските градинки, тогаш мајките ќе можат да работат со полно работно време и ќе заработат поголема плата. Повторно бројни истражувања покажуваат дека семејните политики во нордиските земји немаат никакво влијание врз вработувањето и заработувачката на мајките така што и ова објаснување не држи вода.

Најпосле, третата хипотеза тврди дека ниската нееднаквост во нордиските земји е резултат на начинот на определување на платите. Имено, нордиските земји се одликуваат со централизиран двостепен систем на колективни договори за платите: најпрвин, посебно за секоја индустрија се определува најниската плата, а на тоа се надоврзуваат колективните договори на ниво на фирмите. На тој начин, во овие земји постои тесна координација во определувањето на платите како меѓу одделните индустрии така и во рамките на секоја индустрија. Како последица на тоа, во рамките на поединечните фирми и индустрии, како и меѓу одделните индустрии, разликите во платите на вработените се многу помали во споредба со САД каде што улогата на синдикатите и на колективното договарање е незначителна. Се разбира, наспроти поволното влијание врз нееднаквоста на заработувачките, централизираниот систем на определување на платите во нордиските земји предизвикува негативни ефекти врз поттикот за работа. Имено, платите во овие земји се определуваат според можностите на помалку продуктивните фирми, а тоа значи дека платите во поефикасните фирми се пониски од продуктивноста на работниците. Меѓутоа, за чудо, наспроти овој негативен ефект, нордиските земји не се одликуваат со пониска продуктивност од англосаксонските земји. Оваа појава навистина претставува загатка за која постојат две објаснувања: според првото, земјите со поголема нееднаквост (на пример, САД) се предводници во поглед на иновациите кои потоа се прелеваат во земјите со пониска нееднаквост (на пример, нордиските земји); според второто, еднаквоста може да ги поттикне продуктивноста и растот така што ги прави платите превисоки во неефикасните фирми, додека во новите фирми тие се пониски од продуктивноста, а тоа ги поттикнува застарените фирми или да се затворат или да инвестираат во нова технологија. Сепак, ниедна од овие теории не е докажана, па нордиското чудо останува предизвик за економската наука.


Пишува: Горан Петревски – Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис, 15 март 2026г

Најчитано