МИЛИОНИ ЛУЃЕ ВО ЕУ ЗА ДОМУВАЊЕ ТРОШАТ ПОВЕЌЕ ОД 40 ПРОЦЕНТИ ОД МЕСЕЧНИТЕ ПРИХОДИ, Грција е најизложена земја со 26,4 проценти  

Повеќе од 34 милиони луѓе во Европската Унија трошат повеќе од 40 проценти од своите приходи за домување, при што  лицата со пониски приходи се најтешко погодени. Според податоците на Евростат,  Грција е најранливата земја со 26,4 проценти од граѓаните што ја преминуваат оваа граница.

Цените на становите во Европската Унија се зголемиле во просек за 69 проценти помеѓу 2015 и вториот квартал од 2026 година. Во некои земји, цените дури и повеќе од двојно се зголемиле, додека кириите и трошоците за енергија исто така скокнале.

Европскиот совет предупредува на сериозна криза со домувањето предизвикана од порастот на цените на недвижностите и вкупните трошоци за живот во стан или куќа, пренесува Еуроњуз.

Процентот на жители кои трошат повеќе од 40 проценти од својот семеен буџет за домување се зема како клучен индикатор за тоа колку е сериозна ситуацијата. Евростат го нарекува стапка на преоптовареност со трошоците за домување. На ниво на Европската Унија, таа стапка била 7,7 проценти во 2025 година.

Меѓу европските земји за кои постојат податоци, ситуацијата е убедливо најтешка во Грција. Во 2025 година, дури 26,4 проценти од населението таму живеело во домаќинства кои трошеле повеќе од 40 проценти од своите приходи за домување. Тоа е повеќе од трипати повеќе од европскиот просек.

На второ место во Европската Унија е Данска со 14,7 проценти, по што следуваат Германија со 11,2 и Шведска со 10,8 проценти. Естонија (8,8 проценти), Чешка (8,2 проценти) и Луксембург (8,1 процент) се исто така над просекот на ЕУ. Надвор од ЕУ, Швајцарија (15,3 проценти) и Норвешка (13,5 проценти) бележат високи проценти.

Најмал притисок е забележан на Кипар, каде што само 2,4 проценти од населението троши повеќе од 40 проценти од својот приход за домување. Хрватска е исто така на самото дно на листата со удел од 3,2 проценти, додека Словенија и Словачка имаат по 3,5 проценти.

Кога станува збор за најголемите економии на ЕУ, стапката е 7,2 проценти во Шпанија, 6,4 проценти во Франција и пет проценти во Италија, додека Германија е далеку над просекот на Унијата.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано