Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, Wellness Society – Movement & Education Center ги обединува спортот, вежбањето и образованието во мултифункционален спортско-рекреативен центар, инклузивен по својата природа. Неговата цел е да го поттикне активниот животен стил и да создаде повеќе можности за физичка активност, особено за луѓето кои имаат ограничен пристап до организиран спорт.
Фокусот на центарот е работа со деца и млади, лица со атипичен развој и/или попреченост, спортисти и параспортисти. Програмите се насочени кон развој на моторичките способности, подобрување на физичката подготвеност и стекнување навики за редовно вежбање. Преку заедничките активности се поттикнуваат и самостојноста, самодовербата, дружењето и меѓусебната соработка.
Работата се темели на потребите и можностите на учесниците. Вежбите, нивната сложеност и интензитет се приспособуваат на возраста, искуството и индивидуалните способности, со цел секој учесник да има можност за активно вклучување и напредување.
„Низ досегашната работа ја препознававме потребата од ваков простор, како на спортски, така и на социјален план. Идејата ја развивавме долго време, а сега со здружени сили се нафативме да ја реализираме. Една од првите цели ни е центарот што поскоро да стане самоодржлив, додека паралелно ги развиваме програмите кои наскоро ќе ѝ бидат достапни на јавноста.
Вежбалната нема да функционира како класична комерцијална теретана. Работата ќе се одвива преку специфични програми, дизајнирани во соработка со тренери и приспособени на потребите на лицата со атипичен развој и/или попреченост, децата во раниот развој, младите, спортистите и параспортистите. Покрај практичната работа, ќе развиваме и едукативни содржини за тренери, терапевти, волонтери и други лица кои сакаат да ги надградат своите знаења и да придонесат во оваа област “, истакнува м-р по кинезиологија Мартин Мојсовски, претседател на ИТК Македонија.

Центарот се наоѓа на вториот кат во СЦ „Борис Трајковски“, со пристап преку ВИП западниот влез. Просторот располага со татами и гумена спортска подлога, гимнастички душеци и разновидна опрема за развој на сила, рамнотежа, координација и издржливост. Опремен е со конструкции за качување и висење, гимнастички кругови, јажиња, висечки скали, рипстоли, разбој и медицински разбој, како и лента за трчање и повеќе видови ергометри, меѓу кои и пливачки ергометар.
На располагање се и тегови, ластици, медицински и пилатес топки, балансни помагала, координациски скали и реквизити за спортски игри и моторички полигони. Опремата овозможува организирање различни активности — од основни движења и учење преку игра до кондициска подготовка на спортисти и параспортисти. Центарот има и сопствени соблекувални и санитарен блок.
Образованието е составен дел од концептот на Wellness Society. Покрај спортските програми, предвидени се работилници, размена на искуства и поврзување на тренери, едукатори, терапевти, родители и волонтери. Целта е современите знаења и добри практики во спортот и инклузијата да станат подостапни и применливи во локалната заедница.
„Преку Wellness Society – Movement & Education Center, ИТК Македонија создава простор што ги поврзува спортот, образованието и луѓето, со цел да придонесе за поактивен и поквалитетен живот. Центарот е продолжување на нашата досегашна работа во пливањето и можност за развој на нови спортски и едукативни програми. Со тоа сакаме да дадеме дополнителен придонес во развојот на адаптивното пливање, адаптивниот спорт и параспортот во целина. Нашата цел е да ги намалуваме бариерите и да создаваме еднакви можности, за секој човек, без разлика на своите способности, да може да спортува, да напредува и да биде рамноправен дел од заедницата “, вели Радован Велјановски, тренер по пливање и потпретседател на ИТК Македонија.
Wellness Society – Movement & Education Center работи под водство на ИТК Македонија, организација основана во 2022 година и добро позната во регионот по својата работа во областа на инклузивниот спорт, спортот и образованието. Преку програмите за инклузивно и адаптивно пливање, меѓународниот инклузивен пливачки натпревар „Атлас Винтер Куп “, спортските кампови и о бразовните соработки, организацијата создава можности за учество, поврзување и развој. Центарот претставува продолжување и проширување на оваа работа — постојан простор во кој движењето, образованието и инклузијата се дел од заедничка мисија.








