АНАЛИЗА: Дали негативниот ПР за брзите кредити ја крие вистинската слика за нивната улога

пишува: Христијан Блажовски, aвторот е експерт од областа на усогласеност со прописи, спречување перење пари и спречување финансиски измами

Во последните години финансиските друштва во Македонија речиси по правило се појавуваат во јавноста во негативен контекст. Најчесто се зборува за високи камати, трошоци, брзи кредити и презадолжување. Дел од критиките се разбирливи, а секоја незаконска, нетранспарентна или нефер практика мора да биде санкционирана. Но од тоа не следува дека целиот сектор е штетен, ниту дека решението е негово ограничување до степен на исчезнување. Таквиот пристап би значел да се отстрани финансиска услуга затоа што дел од нејзините даватели не работеле правилно.

Финансиските друштва постојат затоа што пополнуваат празнина која традиционалниот банкарски систем не секогаш може или сака да ја покрие. Банката, по природа, бара повисоко ниво на документација и време за проценка. Тоа е оправдано за нејзиниот деловен модел. Но што се случува со микро-компанија на која ѝ се потребни 2.000 или 5.000 евра денес за залиха, опрема или краткорочен недостаток на ликвидност? Или лице чиј приход е редовен, но не следи класичен образец — сезонски работник, самовработено лице, лице со приходи од повеќе извори — на кое му е потребен помал износ, за кус рок и со брза одлука? Тоа не е потреба за која стандардизираниот банкарски процес е создаден, и не значи помала способност за отплата.

Тука е потребна една разлика која јавната дебата речиси никогаш не ја прави. Небанкарското финансирање покрива две различни функции, со различна економска логика.

Првата е микрокредитирањето наменето за деловна активност. Европската комисија уште во 2007 година, го препозна микрокредитот, дефиниран како заем до 25.000 евра, како средство за поттикнување на самовработувањето и за создавање и развој на микро-претпријатија. Подоцна Унијата воспостави и посебни инструменти за поддршка на микрофинансирањето. Пораката е дека пристапот до финансии е дел од економскиот развој, а не проблем сам по себе.

Втората функција е потрошувачкото кредитирање, и токму тоа е предмет на најжестоките критики. Но и таму европскиот одговор не е забрана, туку регулација. Новата Директива за потрошувачки кредити, го проширува опфатот на кредити до 100.000 евра и, што е особено значајно, ги внесува во рамката и кредитите под 200 евра, како и моделите на одложено плаќање, кои претходно беа надвор од неа. Европа, значи, не го исклучува малиот и краткорочен кредит од пазарот. Го подведува под исти правила за преддоговорно информирање и проценка на кредитоспособност.

Често се прави и погрешна споредба на цената на банкарскиот и небанкарскиот кредит. Банките значаен дел од средствата за кредитирање ги обезбедуваат преку депозити од граѓани и компании, кои претставуваат релативно поевтин извор на финансирање. Финансиските друштва немаат таков модел. Тие обезбедуваат капитал и кредитни линии од сопственици, инвеститори и други финансиски извори, а цената на тој капитал може да биде значително повисока, во одредени случаи и со двоцифрени каматни стапки.

На тоа треба да се додаде и ризикот. Клиентите кои традиционалните банки не ги финансираат по правило носат повисок кредитен ризик. Кредитите често се необезбедени, со мали износи, краток рок и брза одлука. Сето тоа има цена. Не е реално производ со повисок ризик, поскап извор на капитал и многу побрза услуга да чини исто како класичен банкарски кредит.

Тоа, секако, не е дозвола за неодговорно кредитирање. Финансиските друштва мора да бидат транспарентни, да ја проценуваат кредитоспособноста на клиентот, јасно да ги прикажуваат сите трошоци и да не поттикнуваат презадолжување. Затоа и најавеното натамошно заострување на регулативата за овој сектор не треба да се доживува како непријателски чин. Тоа е нормален дел од созревањето на една млада индустрија. Друштво кое работи сериозно нема причина да се плаши од повисоки стандарди — напротив, повисокиот праг ги отстранува токму оние учесници поради кои целиот сектор носи негативен имиџ. Ако одредено друштво го прекршува законот, треба да одговара тоа друштво, а не целата индустрија.

Затоа негативниот ПР кон финансиските друштва како категорија не е оправдан. Државата не би требала да има интерес да го затвора секторот; треба да има интерес да го направи подобар. А индустријата има обврска да ја заслужи довербата преку фер производи и одговорно кредитирање.

Најдобрата заштита за граѓаните, сепак, не е забрана на пристапот до кредит. Тоа е финансиски писмен граѓанин кој разбира колку позајмува, колку ќе врати, за што ги користи средствата и дали кредитот создава вредност или само нов долг. Токму затоа државата, образовниот систем, банките и финансиските друштва треба заеднички да инвестираат во финансиска писменост. Целта не треба да биде помалку финансии, туку попаметно користење на финансиите.


пишува: Христијан Блажовски, aвторот е експерт од областа на усогласеност со прописи, спречување перење пари и спречување финансиски измами
Економија и бизнис, 01 октомври 2026

Најчитано