Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Секој од нас има право да биде сигурен дека храната што ја купува и јаде е безбедна. Токму таа доверба е најголемата одговорност што ја носиме како институција – порача директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов, на настанот по повод јубилејот – 15 години од постоењето на АХВ, и 7 Јуни, Светскиот ден на безбедноста на храната.
Како што истакна Миланов, минатата година АХВ ја заокружи со спроведени над 47.200 надзори, а за утврдените прекршоци изрече 6.770 инспекциски мерки.
– Од формирањето на институцијата во 2011 година нашата мисија беше јасна: да изградиме и одржуваме ефикасен, транспарентен и современ систем за контрола на храната, здравствената заштита и благосостојбата на животните. Тоа е систем што веќе петнаесет години ги става граѓаните, производителите и бизнис-секторот на прво место, со посветеност на безбедноста на храната, здравјето и благосостојбата на животните и заштитата на јавното здравје – нагласи директорот.
Според него, покрај безбедноста на храната, значаен дел од работата на АХВ е и здравствената заштита и благосостојбата на животните.
– Нашата определба е јасна – здрави животни, безбедна храна и одговорен однос кон животните како предуслов за одржливо земјоделство и сигурен синџир на храна. Изминатите 15 години континуирано ги спроведувавме националните програми за превенција, контрола и искоренување на заразните болести кај животните, како и програмите за мониторинг и надзор, со цел навремено откривање и справување со потенцијалните ризици. Благодарение на посветената работа на ветеринарните служби и соработката со одгледувачите, успеавме да одржиме висок степен на заштита на здравјето на животните и да придонесеме кон заштита на јавното здравје – рече Миланов.
Осврнувајќи се на инспекциската служба, напомена дека спроведува десетици илјади надзори годишно, во сите фази од синџирот на храна – од примарното производство на храна од животинско потекло, производство и преработка на храна од животинско и неживотинско потекло, до дистрибуција и продажба.
– Покрај заштитата од небезбедна храна, особено внимание посветуваме и на спречувањето измами со храна. Современите предизвици не се ограничени само на безбедносните ризици. Сѐ почесто се соочуваме со случаи на погрешно означување, лажно претставување на потеклото или составот на производите и други практики, кои може да ги доведат потрошувачите во заблуда. Затоа, преку засилени контроли и лабораториски испитувања континуирано ги зајакнуваме механизмите за откривање и спречување на ваквите појави следејќи ги европските практики и стандарди. Со тоа ја штитиме не само безбедноста туку и правото на потрошувачите на точни и веродостојни информации за храната што ја купуваат – потенцира Миланов.
– Во 2024 и 2025 година ги интензивиравме инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. Не дозволивме на домашниот пазар и на трпезите на граѓаните да се пласираат повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло, од домашно производство и од увоз, како и над 287 тони храна од животинско потекло. Како небезбедни од граничните премини вративме 16 пратки со храна од животинско потекло, а нештетно уништивме три пратки. Дополнително, забранети се девет пратки на храна од неживотинско потекло и уништени се 90 тони храна од неживотинско потекло од увоз – информира Миланов.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис








