Економија

Седница на ЕСС в понеделник, на дневен ред и Просечната потрошувачка кошничка

В понеделник, на 2 март, ќе се одржи седница на Економско-социјалниот совет. Како што изјави за МИА министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, меѓу точките од дневниот ред ќе биде и Просечната потрошувачка кошничка која Владата веќе ја изготви, но се уште го чека ставот на работодавачите и синдикатите.

На седницата на ЕСС ќе биде објавена и точната сума за која ќе се зголеми минималната плата.

-Просечната потрошувачка кошничка веќе беше ставена на дневен ред на ЕСС, но одговор - предлози, забелешки, сугестии од другите две страни, работодавачите и синдикатите, се уште немаме. На оваа седница, што ќе се одржи на 2 март, повторно ќе ја ставам на дневен ред за да ја дискутираме. На крај, кога ќе ја финализираме, ќе биде објавена пред јавноста - потрошувачка кошничка која ќе се базира на реалните податоци од релевантните институции. Нема да имаме некоја потрошувачка кошничка направена од некој професор или од некои луѓе што не се релевантни, односно не се проверени од институциите. Да не им сееме магла на граѓаните, туку реално да знаат колку пари треба да имаат едно четиричлено семејство за да помине еден месец, рече Дурмиши.

Тој потсети дека Владата досега многу пати зборувала за синдикалната кошничка и ги кажала своите забелешки.

-На пример, тие ги објавуваат податоците 10 дена пред да заврши месецот, ги земаат предвид највисоките цени на прехранбените производи, ги пресметуваат и трошоците за кирија. Според пописот во 2021 година, 90 отсто од нашето население живее во сопствен дом, нагласи министерот.

Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата, го повтори ставот дека  Владата ќе го поддржи секое решение што ќе го договорат работодавачите и синдикатите. 


Извор МИА

Фото Економија и бизнис

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано