Економија

Мицкоски: 17 инвестиции во ТИРЗ-зоните ќе креираат 5.000 нови работни места

Во портфолиото на Технолошко-индустриските развојни зони се содржани над 17 проекти, инвестиции во вредност од речиси 650 милиони евра, кои треба да креираат до 5.00 нови работни места, изјави премиерот Христијан Мицкоски.  

- Инвестициите, кои или се почнати, или се реализираат, или се во фаза на договарање државна помош, а се дел од портфолиото на ТИР-зоните, изнесуваат речиси 650 милиони евра. Тоа се 17 проекти што треба да креираат до 5.000 нови работни места, а во делот на извозот се очекува да го зголемат за речиси 2 % од БДП, поточно во вредност од речиси 400 милиони долари дополнителен извоз на почетокот, што би достигнало до една милијарда евра. И тоа се инвестициите во ТИР-зоните - посочи премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања додавајќи дека инвестиции има и надвор од нив.

Мицкоски најави дека набргу ќе почне да се гради ветерниот парк, инвестиција на компанијата „Алказар“, откога деновиве ќе го добие одобрението за градба. 

- Очекувам само оваа година да имаме нови 150 милиони долари бидејќи тоа не може да се случи за неколку месеци, изградбата ќе трае неколку години, а очекувам неговата целосна функционалност да биде на почетокот на 2028 година. Тој ќе влегува во мрежа постепено и во 2027 година, но неговата целосна, 100-процентна сила, ја очекувам на почетокот на 2029 година - посочи Мицкоски.

Одговарајќи за инвестициите во енергетиката, премиерот Мицкоски се осврна и на проектот потпишан со компанијата АКСА за изградба на две, односно потенцијална трета когенеративна гасна централа, една во Скопје, една на половина пат меѓу Гостивар и Тетово. Третата е потенцијална, да се гради откога ќе се однесе гас кон Кичево и да се трансформира ТЕЦ „Осломеј“, со тоа што, покрај парна турбина, да има и гасна, со што ќе се добие целосната физиономија.

- Таа физиономија е нова една милијарда долари инвестиција, која ќе биде важна за граѓаните, но истовремено ќе значи и централно затоплување на делови на градот Скопје, што во моментот немаат таков тип на затоплување, што е многу важно затоа што ќе влијаеме и на животната средина, но и на друг тип на параметри. Во Скопје веќе се работи за инвестицијата. Општина Кисела Вода и градот Скопје заедно со Министерството за енергетика рударство и минерални суровини веќе работат на овој проект заедно со ЕСМ. Се развива методологијата како треба да се заврши и цениме дека оваа година сите тие контури ќе бидат затворени и ќе почнеме со негова имплементација - појасни премиерот.

Премиерот најави дека Комисијата за заштита на конкуренцијата го работи новиот закон за нефер трговски практики, со кој се очекува драстично зголемување на казните и до 400 илјади евра.

- Очекувам многу бргу тој закон да стигне тука во Собранието. Комисијата за заштита на конкуренцијата го работи. Очекувам поддршка за законот од сите пратеници во Собранието. Па пак нека се здружуваат (маркетите) во картели, нека ги диктираат цените. Тоа е она што ние како Влада можеме да го направиме - засилени инспекции и рестриктивна законска политика за да го заштитиме стандардот на граѓаните. И тоа доведува до резултат - нагласи премиерот Мицкоски. 


Извор МИА

Фото: Влада

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано