Општество
Во Крива Паланка денеска ќе се одржи "Сусурига 2026"
21.02.2026
Дефиле од маскирани лица во чест на празникот Прочка организирани во групи што го оживуваат древниот македонски обичај посветен денес ќе продефилира низ центарот на Крива Паланка во рамки на манифестацијата "Сусурига 2026".
Крива Паланка повторно ќе живее во ритамот на вековната традиција, преку манифестацијата „Сусурига 2026“, што со години го негува автентичниот обичај на маскирање и палење оган во чест на празникот Прочка.
Во духот на прошката, заедништвото и обновувањето, градскиот плоштад денеска ќе биде место каде ќе се сретнат генерациите, обединети околу живата традиција што се пренесува од колено на колено. Маскираните поворки, богатите обредни елементи и симболичниот оган ќе создадат силна и впечатлива слика за културниот идентитет на Крива Паланка – препознатлив, достоинствен и жив, се вели во соопштението од Општина Крива Паланка, во кое се повикуваат сите граѓани да ја проследат манифестацијата што ќе започне точно на пладне.
Дефилето ќе тргне од плоштадот „Карпошово востание“, а централниот настан ќе се одржи на градскиот плоштад.
-Пред присутните ќе се претстават бројни фолклорни и обредни групи од земјата и регионот, кои преку традиционални костими, автентични маски, ѕвонци, чанови и обредни игри ќе ја доловат магијата на древните обичаи, додаваат од Општината.
Учесници во годинашното издание се: Здружението „Странчинарски игри“ од село Мокриево, Општина Ново Село, „Ратевски Бамурци“ од село Ратево Општина Берово, суроварска група од село Вискјар, Перник, Бугарија, „Џоломари“ од село Манастирец , Општина Росоман и локалните културно-уметнички ансамбли „Карпош“ и „8 Октомври“ од Крива Паланка.
Манифестацијата „Сусурига 2026“ е во организација на Општина Крива Паланка и фондацијата „Со срце за Крива Паланка“ и има за цел зачувување и промоција на нематеријалното културно наследство и поттикнување на заедништвото меѓу граѓаните.
Фото: Општина Крива Паланка