Lifestyle

На прилепскиот карневал „Прочка“ преку 500 учесници од земјава и странство

Околу 500 маскирани учесници ќе дефилираат низ Прилеп на годинашниов карневал „Прочка 2026“. Карневалките свечености почуваат в петок со традиционалната изложба на маските, в сабота е детското карневалско дефиле, а в недела од 13 часот во центарот на Прилеп е дефилето на маските со учесници од Прилеп, од земјава и од странство.

- Карневалот „Прочка“ годинава  е во знакот на јубилеите. Се одбележуваат 25 години од организираното одржување на карневалската поворка на Прочка“, а мечкарите се заштитната маска на карневалот кои и го започнуваат дефилето и се одбележуваат и 100 години од првите „Мечкари“ во Прилеп. Годинава се возобнови традицијата два дена да бидат карневалските дефилеа, во сабота е детското карневалско дефиле, а во недела е централното и со учесници од странство, рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.

Здружението „Прилепски мечкари“ како организатор на карневалот со гордост истакнува дека ќе бидат пречекани гостите, а и челниците на Меѓународната асоцијација на карневалските градови.

- По повеќегодишна пауза, на Карневалот ќе пречекаме гости-карневалски групи од Србија, од четири града, од Албанија, од Бугарија, а се најавени и од Грција и од Црна Гора. Оваа година е и голем јубилеј. Се потрудивме од прилепкиот архив и од постарите граѓани да најдеме и да потврдиме преку фотографии дека уште во 1920-21 година имало веќе организирани поворки на мечкарите, што потврдува дека постоиме повеќе од 100 години. А поворката-карневалот во Прилеп слави јубилеј од 25 години. Ние постоиме и ќе постоиме, зашто Прилеп, на некој начин е љубител на тие „преправања“, истакна Ванчо Ѓеорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.

Маската „Прилепски мечкари“ со  целосниот обреден ритуал како посебност е заштитено нематеријално културно богатство од Министерството за култура уште од 2019 година.

- Се прават последните подготовки на Карневалот. Отворено е пријавувањето на Маските и за Детскиот карневал в сабота и за централното карневалско дефиле во недела. Сето тоа е со цел карневалот да го има заслуженото место како културна манифестација што ги промовира традицијата и посебностите од ова поднебје. На најуспешните маски од изожбата в петок ќе им бидат доделени награди, како и на детскиот и на главното карневалско дефиле кога стручното жири ќе ги прогласи најдобрите маски. Радува фактот што се враќаат учесниците од другите градови  и од соседните земји, рече Снежана Ристеска, советник за култура при локалната самоуправа во Прилеп.

Карневалската програма викендов ќе биде збогатена со настапи на жонглери, акробати, кловнови, пантомимичари. Рестораните и кафулињата ќе работат со продолжено работно време и секој ќе има организирано карневалска забава за гостите и посетителите.

Според традициите, в понеделник, во организација на здружението „Прилепски мечкари“ ќе се одржи посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ во близина на Прилеп со што ќе биде одбележан „чист понеделник“ и почетокот на велигденските пости.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано