Интервјуа

ИНТЕРВЈУ | Бранислав Серафимоски: Грижата за своите клиенти е на највисоко ниво

Интервју со Бранислав Серафимоски, партнер и управувачки директор на Унија ЕТЛ Акаунтинг (Unija ETL Accounting) Скопје

Унија ЕТЛ Акаунтинг (Unija ETL Accounting) е меѓународна сметководствена компанија со канцеларии во Словенија, во Хрватска, во Србија, во Босна и Херцеговина, во Црна Гора и во Северна Македонија. Во 2024 година станавте дел од глобалната ETЛ-мрежа и го сменивте името во Унија ЕТЛ (Unija ETL). На што се должи одлуката за спојување и кои се придобивките за вашите клиенти од проширувањето на партнерството?

Б. Серафимоски: Одлуката за приклучување кон ETЛ-мрежата е резултат на долгорочна стратегија за интернационализација, за зголемување на квалитетот на услугите и за следење на глобалните трендови во сметководството и во деловното советување.
ETЛ е една од најголемите европски мрежи на сметководствени и на консултантски компании, што ни овозможува пристап до знаење, до експертиза и до стандарди на највисоко ниво, како и поддршка во растот, во развојот и во дигитализацијата.
За клиентите, ова значи поголема сигурност, унифицирани процеси, поддршка при меѓународно работење и пристап до експерти во повеќе земји, особено при прекугранични инвестиции, даночно планирање и корпоративно управување.

Во Македонија сте од 2015 година како Унија Смарт Акаунтинг (Unija Smart Accounting). Прославувате значајна годишнина − една деценија успешно работење. Кој беше мотивот да бидете присутни на нашиот пазар и дали сте задоволни од развојот на компанијата во изминатиов период?

Б. Серафимоски: На македонскиот пазар сме присутни од 2015 година, водени од јасна визија − да понудиме современо, проактивно сметководство кое не е само административна поддршка туку и вистински бизнис-партнер, да понудиме напредни ИТ-решенија кои ќе го олеснат работењето на нашите клиенти и да излеземе од границите на традиционалното „книговодство“.
По десет години работење можеме да кажеме дека сме задоволни од развојот − и во однос на растот на клиентското портфолио и во однос на градењето силен, стручен тим. Македонија има голем потенцијал, особено кај странските компании, каде што модерните сметководствени услуги се неопходни и знаат да ги препознаат. Простор за напредок имаме сè уште кај малите и кај средните претпријатија во домашна сопственост каде што на сметководството, за жал, сè уште се гледа како на наметнат трошок кој не им е премногу од корист.

Каква е вашата проценка на состојбата во сметководствениот сектор во Македонија во однос на конкуренцијата, на регулативата и на недостатокот на стручен кадар? До кој степен домашните сметководствени компании се подготвени за примена на европските регулативи и на меѓународните стандарди поврзани со новите форми на финансиски услуги, со трансфер на капитал и сл.?

Б. Серафимоски: Секторот е под силен притисок од неколку аспекти: чести регулаторни промени, неатрактивност за потенцијалниот квалификуван кадар и зголемени барања од клиентите.
Конкуренцијата е голема, пазарот е фрагментиран, со многу малку поголеми компании од оваа област. Разликата се прави во квалитетот, во дигитализацијата и во широчината на услугите кои може да се добијат.
Во однос на подготвеноста за европски регулативи и за меѓународни стандарди, постои јаз − дел од компаниите инвестираат и се прилагодуваат, но дел сè уште функционираат со застарени модели. Иднината ќе им припадне на оние кои ќе инвестираат во знаење, во технологии и во усогласеност.

Вашето деловното портфолио се состои од примена на модерно сметководство. Што ве издвојува од другите компании во давањето на новите услуги, односно која е вашата конкурентска предност?

Б. Серафимоски: Нашата главна предност е комбинацијата од модерна технологија, стандардизирани процеси и широко портфолио на услуги. Не нудиме само сметководствени услуги, туку целосна финансиска поддршка − од даночно советување, преку анализа на работниот учинок, до поддршка при раст, интернационализација и ИТ-услуги поврзани со финансиите.
Дополнително, регионалното присуство и ETЛ-мрежата ни овозможуваат да понудиме целосна услуга на едно место за компании кои работат во повеќе земји.
Компанија сме за која грижата за своите клиенти е на највисоко ниво. Покрај ИСО-сертификатите, имаме воспоставени и интерни стандарди и Сектор за интерна ревизија, што осигурува висок квалитет на нашите услуги. Дополнително клиентите добиваат стандардизирани независни анкети за квалитетот на услугите, што ни помага да бидеме уште подобри и да работиме на областите каде што клиентите ќе нотираат простор за напредок. Секоја рекламација во Унија ЕТЛ сериозно се разгледува и придонесува за промена на процесите за една иста грешка веќе никогаш да не се повтори. Така сме подобри секој ден и сметаме дека забелешките се едни од подобрите подароци што можеме да ги добиеме од клиентите бидејќи нè прават подобри.

Како ваш производ ја издвојувате можноста за користењето на надворешно ангажирање за пресметка на плати (Outsourcing payroll) и на управувањето со човечки ресурси (HRM)? Колкав е интересот за надворешното ангажирање за пресметка на плати и за функциите за човечки ресурси во Македонија? Какви се бенефициите за компаниите од оваа услуга?

Б. Серафимоски: Интересот за надворешното ангажирање за пресметка на плати и на ЧР-функциите во Македонија постојано расте, особено кај ИТ-компаниите, странските инвеститори и растечките домашни бизниси.
Бенефициите се јасни: намалување на административниот товар и усогласеност со законските прописи, поголема доверливост на податоците и фокус на основната дејност.
Компаниите добиваат сигурност и експертска поддршка без потреба од внатрешни ресурси за оваа комплексна област. Во време кога податоците се на мета на сајбер напади, имаме недостаток на кадар на пазарот и постојани промени во регулативата, добро е кога грижата за ненадејните отсуства од работа, за флуктуацијата на кадарот, за заштитата на податоците или за одржувањето на адекватно знаење на кадарот се грижа на некој друг, а не ваша.

Работите на регионално ниво, во земји каде што често се менуваат законските прописи, што ја комплицира регионалната економска соработка и ја отежнува мобилизацијата на капиталот и на работната сила со што се зголемуваат и оперативните и финансиските ризици за компаниите. Кои се вашите совети за компаниите кои сакаат да го прошират своето работење? Колку сметководствените и финансиските показатели за работењето на компаниите се споредливи во однос на другите компании од регионот?

Б. Серафимоски: Регионалното работење носи можности, но и значајни ризици поради различните регулативи и честите законски измени. Наш совет до компаниите е да не влегуваат неподготвени − потребна е детална финансиска и даночна анализа, локална експертиза и доверлив локален партнер. Она што на почеток изгледа како поевтина опција, во најголем дел од случаите на крајот излегува поскапо, на еден или на друг начин.
Во однос на споредливоста на финансиските показатели, таа е можна само доколку се применуваат меѓународни стандарди и унифицирани методологии, што е уште една причина зошто професионалната сметководствена поддршка е клучна.

Каква е состојбата во ИТ-секторот? Дали компаниите во Македонија се свесни за потребата од подобрување на сопствената сајбер безбедност?

Б. Серафимоски: Свесноста за сајбер безбедноста расте, но сè уште не е на посакуваното ниво. Компаниите често инвестираат во дигитализација, но недоволно во заштита на податоците.
Можеби поради тоа што барем до сега и барем од јавно достапните податоци, мал број компании од Македонија биле цел на сајбер напади, компаниите сè уште не го гледаат ова како сериозна опасност, иако е најбрзорастечки криминал и тероризам во моментов.
Со оглед на чувствителноста на финансиските и на личните податоци, ова е област каде што нема простор за компромис. Сајбер безбедноста мора да биде составен дел од секоја бизнис-стратегија.

Кои се ризиците од примена на нова дигитална технологија и на вештачка интелигенција во сметководствениот сектор? И, генерално, кои се вашите очекувања за работењето на компанијата и за состојбите на овој сектор во Македонија?

Б. Серафимоски: Примената на нови дигитални технологии и на вештачка интелигенција носи големи придобивки, но и ризици − особено во однос на заштита на податоците, на квалитетот на информациите и на етичките прашања.
Нашето очекување е дека сметководствениот сектор ќе продолжи да се трансформира − од оперативна кон аналитичка и стратешка функција.
За Unija ETL, фокусот останува на одржлив раст, на развој на кадри и на воведување иновации, така што веќе активно работиме на развој и на вклучување на вештачката интелигенција во работните процеси, а со цел зголемена продуктивност, побрза и поквалитетна услуга. Што се однесува до секторот во Македонија − очекуваме постепена професионализација и модернизација на целиот сектор, окрупнување и подигнување на стандардите. Институтот на сметководители и овластени сметководители активно работи на оваа проблематика и верувам дека во партнерство со компаниите од секторот ќе придонесеме за остварување на целите, што на крајот верувам дека и ќе придонесе за враќање на атрактивноста на сметководството како професија меѓу младите.


 

Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано