Вести

Земјоделското образование во Кавадарци постои 70 години, средношколците денеска го одбележаа празникот на лозарите и винарите

Земјоделското и шумарско училиште во Кавадарци постои 70 години, средношколците денеска го одбележаа празникот на лозарите и винарите Свети Трифун со богата културно-уметничка програма. Притоа истакнаа дека традиционално го одбележуваат празникот, кој е на 14 февруари и е значаен за историјата, културата и стопанството на овој крај.

- Мотото на нашето училиште е - денеска ученик, утре стручњак. Од ова училиште во текот на годините произлегле многубројни стручни лица. На овој начин ја одбележуваме традицијата во најголемиот лозаровинарски регион во државата. Се верува дека празникот е заштитник на лозјата од мразови, суша, болести и штетници, секаков вид невреме. Со празнувањето на овој празник се верува дека годината за лозарите и винарите ќе биде родна, плодна и бериќетна, ќе се добијат високи и квалитетни приноси од грозје и ќе се произведе квалитетно вино - нагласија од училиштето.

Патем потсетија дека празникот Свети Трифун е ден на лозјето, надежта. Училиштето „Ѓорче Петров“ постои 70 години, а во него сега има и медицинска струка.

- Во февруари е студено, но во срцата на луѓето тлее надеж. Ова не е обичен ден, ова е денот на свети Трифун, ден кога земјата се благословува, а човекот се потсетува на трудот, верата и љубовта. Луѓето се собираат во лозјето со молитва, со почит и со љубов, како што правеле со векови - повторија од училиштето.

Притоа додадоа дека секоја година на овој ден симболично се почнува со работа во лозјата за новата производствена сезона со молитва.

- Лозата е како човекот, ако ја негуваме - ќе роди, ако ја заборавиме - ќе овене. А ја кроиме, или вршиме резидба, за да порасне посилна. Понекогаш мора малку да се отсече за да има повеќе живот. Како што човекот понекогаш мора да ги остави зад себе лошите мисли за да може да расте со добрина - истакнаа од земјоделското училиште.

Патем, потсетија дека за лозарите и за винарите лозата е надеж, нивна радост и нивна сила. 


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано