Финансии / Банкарство
НАРОДНА БАНКА НА СРБИЈА КУПИ НАЈГОЛЕМА МЕСЕЧНА КОЛИЧИНА НА ЗЛАТО, златните резерви достигнаа 24,3 отсто од бруто девизните резерви на земјата
12.02.2026
Во јануари, Народната банка на Србија купи од компанијата „Србија Зиџин Копер“ најголема количина злато за еден месец од 577 килограми. Станува збор за 46 нови прачки од овој благороден метал наменети за резерви на српската централна банка, објавија од централната банка.
Така, резервите на злато, кои се дел од девизните резерви, достигнаа рекордни 53.084 килограми на крајот на јануари и вредеа 7,129 милијарди евра, што претставува 24,3 проценти од бруто девизните резерви на НБС.
Вредноста на резервите на злато во првиот месец од оваа година се зголеми во евра за 933 милиони евра, најмногу поради дејството на пазарните фактори односно зголемувањето на цената на златото во долари, додека слабеењето на доларот во однос на еврото дејствуваше во спротивна насока. Според податоците објавени од НБС во јануари, во текот на 2025 година резервите на злато се зголемиле за околу 4,4 тони.
На крајот на 2025 година, резервите на злато учествувале со 21,4 проценти во бруто девизните резерви, што е значително зголемување на учеството во споредба со крајот на 2024 година, кога изнесувало 13,3 проценти.
Фактот дека девизните резерви достигнале речиси една четвртина од вредноста на вкупните девизни резерви со последната „набавка“ во јануари не е ништо необично за Зоран Грубишиќ, професор на Белградската банкарска академија.
-Тој тренд го диктираат големите централни банки и ние го следиме. Тие гледаат на златото поинаку од малите инвеститори, за кои веќе постојат некои предупредувања дека е ризичен момент да се инвестира во овој скапоцен метал. Но, централните банки гледаат дека дел од девизните резерви мора да бидат во злато. Едноставно е прашање на принципот на управување со портфолиото, особено во овие глобално несигурни времиња“, вели Грубишиќ во интервју за Бизнис.рс.
Фото Економија и бизнис