Општество

Алиу најави четири начини за плаќање паркинг на Клинички

Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција за решавање на проблемот со паркирање во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ најави дека во план е да има четири вида за плаќање паркинг во иднина.

- Ќе има неколку вида за плаќање на паркинг-местата. Онколошките пациенти и сега имаат бесплатно паркинг-место, тоа ќе продолжи да биде така. Пациентите што се лекуваат тука ќе плаќаат цена што ќе биде достапна за нив и нема да биде комерцијална. Вработените во Клиничкиот центар ќе имаат цена што е достапна за администрација. На крајот, ќе имаме цена што ќе биде комерцијална, како на сите паркинг-места што има комерцијални цени. Тоа ќе биде за граѓаните што се паркираат поради други причини или за да посетат некој близок, хоспитализиран во кампусот „Мајка Тереза“ во Скопје - појасни Алиу, одговарајќи на новинарско прашање за цените за паркирање.

Тој информира дека во план е преку апликација од дома да се резервира паркинг-место со број на упат или пред рампата да се скенира кодот од упатот. Според предвиденото, ќе може да се плаќа онлајн на апликацијата или како досега - со кеш или картичка.

Според првичните анализи, до јуни треба да има и катни гаражи што ќе може да се користат. Бројот на катните гаражи, како што информира министерот, ќе биде максимум три.

- Идејата е да имаме слободни паркинг-места колку што ни се потребни. Направена е анализа според последните три години колку се користи. Пикот е некаде од 10 до 15 часот во Клиничкиот центар - додаде Алиу.

На прашањето каде се планирани катните гаражи, министерот рече дека трите локации за кои досега се зборувало се една кај модуларната болница, вториот простор за катна гаража е до Гинекологија и третиот е кај хелиодромот.

- Од каде ќе се почне, зависи од Јавното претпријатие „Градски паркинг“ - одговори тој на новинарско прашање.

Министерот рече дека просторот на Клинички ќе биде уреден со зеленило, пешачки патеки, со брза патека за брзата помош, а во план е да се отвори и нов влез, кој ќе биде кај Кардиологија и Кардиохирургија, за пациенти на кои секој миг им е важен за животот.

Тој додаде дека станува збор за одлука за давање под закуп недвижни ствари со непосредна спогодба со Град Скопје заради организирање, управување, уредување и одржување на паркиралиштата во просторот на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

- Во следната фаза Град Скопје ќе почне со проектирање и изградба на катните гаражи. Договорот ќе биде склучен на 15 години, со закупнина во висина од 10 проценти од вкупно остварениот промет и со него овозможуваме модернизација и значително зголемување на капацитетите за паркирање за 50 отсто. Со оваа одлука се овозможува просторно доуредување и изградба на катни гаражи. Во рамките на нашите заложби за дигитализација предвидуваме комплетен мониторинг на паркирањето, при што ќе бидат поставени информативни табли, а ќе има и посебен дигитален водич што ќе ги насочува граѓаните - додаде Алиу.

Тој најави дека предвидено е и урбано и хортикултурно уредување на просторот со зеленило, пешачки патеки и ЛЕД-осветление. Исто така, како што најави, ќе биде имплементиран и таканаречен паметен паркинг-систем со интегрирани сензори на секое паркинг-место за детекција на слободни места, камери со автоматска регистрација на возила, мобилна апликација за реално време за резервации и уплати, како и поврзување со фискален систем и е-управување.

- Нашата визија е здравството да функционира не само во операционите сали, туку и во логистиката. Денес го правиме токму тоа. Паркингот можеби изгледа како мал чекор, но редот почнува токму од вакви чекори бидејќи со години илјадници луѓе го почнуваат своето лекување со нервоза, неизвесност и хаос пред рампите на Клиничкиот центар. Тоа не е само проблем со паркингот - тоа е чувство дека системот не функционира - дециден беше министерот за здравство.


 

Извор/фото МИА 

ПРЕПОРАЧАНО