Финансии / Банкарство

Димитриеска-Кочоска: Управата за финансиска полиција отпочна 58 финансиски истраги на околу 400 физички и 95 правни лица

Со конституирањето на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, Македонија воспоставува централен и координиран механизам за засилена борба против финансискиот криминал, перењето пари и незаконското стекнување имот.
На денешната конститутивна седница, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека формирањето на Советот претставува суштински исчекор од декларативни политики кон системски пристап заснован на јасна одговорност, институционална координација и мерливи резултати.
„Финансиските истраги и конфискацијата на нелегално стекнатиот имот не се само прашање на безбедност и правда, туку директно влијаат врз фискалната стабилност, интегритетот на финансискиот систем и довербата на граѓаните во институциите", нагласи министерката Димитриеска-Кочоска.

Министерството за финансии, како што истакна министерката како централна институција во овој процес, има повеќеслојна надлежност преку институциите под негова капа – Управата за финансиска полиција, Царинската управа и системот за спречување перење пари и финансирање тероризам.
Во рамки на Националната стратегија за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028 година, Министерството презема конкретни, мерливи и суштински активности насочени кон подобрување на ефикасноста на системот.

„Во таа насока, се зајакнува правната рамка што директно ја поддржува ефикасноста на финансиските истраги. Со новиот Закон за Царинската управа се воспоставува појасна и поефикасна основа за пристап до релевантни податоци и следење на финансиските и стоковните текови поврзани со криминални активности. Паралелно, преку унапредување на законската рамка за Управата за финансиска полиција, се зајакнува нејзината улога во водењето финансиски истраги, конфискацијата на нелегално стекнат имот и професионализацијата на кадарот.

Посебен акцент беше ставен на резултатите постигнати во изминатиот период. „Во 2025 година, Управата за финансиска полиција отпочна 58 финансиски истраги со опфат на околу 400 физички и 95 правни лица, при што 33 истраги веќе се завршени, а останатите се во тек. Во рамки на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, по иницијативи на јавните обвинителства, обезбедени се судски мерки за имот во вредност од над 38 милиони денари" кажа министерката и потсети дека во 2022 се спроведени само 9 финансиски истраги , во 2023 се спроведени 17, во 2024 година се спроведоа 10 истраги.

Министерката нагласи дека овие бројки јасно покажуваат дека финансиските истраги не се само формални постапки, туку водат кон реална конфискација и заштита на јавниот интерес.


Извор/фото Министерство за финансии

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано