Економија
Јовановски: ТРИ ПОТЕЗИ ВО 2026 ГОДИНА ЗА ПОГОЛЕМ РАСТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА
Зоран Јовановски | Авторот е економист
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јануари 2026г.
Пред околу година дена на ова исто место напишав дека очекувам 2025 година да биде подобра за македонската економија, економскиот раст да забрза и да се движи околу 3,5%. Моите очекувања одеа контра дел од јавноста која беше воздржана заради најавите за неповолни економски движења на меѓународен план.
Што покажуваат податоците? Во првите три квартали од 2025 година БДП порасна во просек за 3,4%, со споредба на квартали од 2025 година со истите квартали од 2024 година. Во овој момент не се достапни податоците на Државниот завод за статистика за растот во четвртиот квартал од минатата година за да знаеме колкав ќе биде растот за цела 2025 година. Но, доколку растот во последниот квартал ја задржи годишната динамика на третиот квартал (3,8%), тогаш растот на македонската економија за цела 2025 година ќе биде 3,5%.
Ова значи дека 2025 година беше подобра за македонската економија од 2024 година, која тогаш порасна за 3%. Предвидувањето од пред една година се оствари.
Што да очекуваме за 2026 година?
Важното прашање сега е што да очекуваме во 2026 година. Достапни се проекциите на редица релевантни институции. Тие се дадени во текот на различни периоди на минатата година и по правило ќе бидат ревидирани во текот на годинава, но тоа не ја намалува нивната индикативна содржина. Проекциите на меѓународните институции, би рекол веќе традиционално, се со помал оптимизам. Европската банка за обнова и развој проектира реален раст на македонската економија во 2026 година од само 2,7%, Светска Банка проектира раст од 3%, Европската комисија од 3,3%, а ММФ од 3,4%. Кога овие проекции би се покажале точни тоа би значело дека македонската економија во 2026 година во споредба со 2025 година би остварила, во помала или поголема мера, побавен раст. Наспроти ова, Министерството за финансии во државниот буџет проектира раст од 3,8%, што би значело дека растот во 2026 година дополнително би се забрзал. Народна банка не посочува конкретна бројка за растот за 2026 година, но дава индикација дека во периодот до 2028 година растот ќе достигне до 4% годишно, со што практично индиректно ги потврдува очекувањата на Министерството за финансии.
Колку се точни ваквите проекции? Искуството од 2025 година, при реален раст на македонската економија од околу 3,5%, покажува дека меѓународните институции и за минатата година имале попесимистички очекувања (проекцијата на ЕБРД беше дека растот ќе биде помеѓу 2,6 и 3%, на Светска банка 3,1%, на Европската Комисија 3,2% и на ММФ 3,3%). Сите се помали од оствареното. Наспроти ова, проекцијата на Министерството за финансии беше 3,7%, нешто повисока од она што ќе се оствари. Фактот дека оствареното во 2025 ќе ги надмине проекциите на меѓународните институции покажува дека поголемиот оптимизам на Министерството за финансии се покажал оправдан што ѝ дава кредибилитет и на проекцијата на ова министерство за економскиот раст во 2026 година.
Економските предизвици во 2026 година
Во 2026 година бизнис секторот ширум светот ќе се соочи со редица предизвици. Геополитичките случувања, поттикнати од безбедносните аспекти, драматично влијаат на темелите на светската трговија и ја зголемуваат општата неизвесност на бизнис амбиентот. Неизвесноста се манифестира преку тешкотиите да се предвиди што точно ќе се случува со: цените на разновидните енергенси, со висината на инфлацијата и каматните стапки, со девизните курсеви на главните валути во контекст на можни тектонски поместувања кај глобалната валутна инфраструктура и во тој контекст сигналите што доаѓаат за промените во однесувањето на централните банки, со висината на расположливиот доход на населението и големината на приватната потрошувачка, со апетитот на банките за голем кредитен раст во услови на растечки ризици при регулаторни обврски за поголема капитализираност, со капацитетот на државите да го финансираат своето задолжување во услови на веќе високо ниво на задолженост, итн. Сето ова може да влијае дестимулирачки на намерите на бизнис секторот за нови инвестиции и да ја зголеми неговата воздржаност и очекување на подобри времиња. Секако, тука исклучок се инвестициите во развој на вештачката интелигенција и во развој на воената индустрија, на двете полиња трката не смее да запре по ниедна цена.
Разумно е да се очекуваат последици за македонскиот извоз од ваквите очекувани случувања, но, и покрај тоа, проекциите за 2026 година за нашите главни извозни пазари се релативно охрабрувачки. Во првите 11 месеци од 2025 година нашите пет најголеми извозни пазари (наредени по поодделното релативно значење) се Германија, Србија, Бугарија, Унгарија и Косово, со заедничко учество од 56,9% во вкупниот извоз нз македонската економија. Во своите проекции за 2026 година (објавени во октомври 2025 година) ММФ за сите овие пет земји предвидува забрзување на реалниот годишен раст на БДП, при што за некои од нив забрзувањето не е занемарливо (за Германија од 0,2% на 0,9%, за Србија од 2,4% на 3,6% и за Унгарија од 0,6% на 2,1%). Најновите ажурирани проекции на ММФ за 2026 година ќе бидат објавени на 19 јануари, но тие не се достапни во моментот на пишување на овој текст.
Двигатели на растот на македонската економија во 2026 година
Очекуваните двигатели на развојот се веќе посочени во јавноста во повеќе наврати. Зголемена приватна потрошувачка поткрепена од очекуваниот раст на платите и на пензиите, реализација на големите јавни инвестиции во инфраструктурни проекти, продолжување на растот на градежниот сектор, итн. Сето ова е добро познато.
Притоа, за било што да се направи, стартна точка, суштински важна, е тековната поставеност на политичките сили. Македонија може да направи длабоки, суштински реформи за економијата само во услови кога има доминантна политичка опција во земјата. Ситуацијата е сега токму таква, власта е во рацете на владечката коалиција на сите нивоа, парламент, Влада, претседател, локална власт.
Што може дополнително да се направи?
1. Релаксирање на страната на приходите во буџетот на државата
Не е лесно да се биде министер за финансии во тековниот контекст на македонската економија. Од една страна треба да се обезбеди континуирана ликвидност и навремена исплата на сите обврски предвидени во државниот буџет (во најголем дел фиксирани за тековни трошоци), а од друга страна соодветно да се поттикне економијата. Притоа, за да се зголеми маневарскиот простор на Министерството за финансии потребни се дополнителни приходи што не треба да дојдат ниту од зголемување на даноците или другите давачки кон државата ниту од преголемо задолжување на државата.
Извор на такви приходи е борбата против сивата економија. Патем, нема зошто да се вика сива економија, таа треба да се вика криминална економија, бидејќи таа е токму тоа. Во една анализа од пред неколку години професорот Александар Стојков направи проценка дека криминалната (т.н. сива) економија во 2022 година зафаќала 33,4% од БДП. Ако претпоставиме дека тој удел останал непроменет и во 2025 година, ги земеме предвид проектираниот износ на БДП за 2025 година, проектираниот износ на даночни приходи, нивното учество во БДП и ги направиме потребните едноставни пресметки ќе добиеме дека во 2025 година Македонија по основ на криминалната економија изгубила даночни приходи во износ од 1 милијарда и 97 милиони евра. Кога би успеале во оваа фаза, не целосно да ја искорениме, туку само да ја сведеме криминалната економија во земјава од 33,4% на околу 20% од БДП (колку што беше просекот за земјите од ЕУ), тогаш загубата на даночни приходи на Македонија во 2025 година би изнесувала 657 милиони евра, односно даночните приходи на земјава би биле поголеми за 440 милиони евра ГОДИШНО. Ако земеме дека дефицитот во буџетот на државата за 2026 година е проектиран да изнесува 672 милиони евра, со дополнително наплатени 440 милиони евра, би покриле 65,5% или две третини од дупката во буџетот. Тоа би значело помало задолжување за финансирање на буџетскиот дефицит и помалку издатоци за плаќање на камата во иднина.
2. Географска диверзификација на извозот
Стратешката ориентација на земјава кон ЕУ е општо позната и неспорна, но закочена и без изгледи во догледно време да се откочи. Без оглед на тоа, остануваат континуираните напори за преземање на чекорите за функционална подготвеност на македонската економија за влез на Заедничкиот пазар на ЕУ, се’ што вклучува тој процес, подготовка и усвојување на потребната регулатива, реорганизација и зголемување на капацитетот на институциите, итн.
Но, процесот на динамизирање на евроинтегративниот процес на земјава не зависи само од нас. Ние мораме да ја расчистиме дилемата дали пречка на тој пат се само барањата на Бугарија или таа е само „лицето“ на противниците. Разрешувањето на таа дилема ќе ја реши политичката страна на прашањето, но за потребите на економијата треба да се работи на влез на нови пазари, преку обмислена активност, со фокусирање на таргетирани региони. На пример, може ли македонската економија да им продаде нешто на земјите од Северна Африка. Чисто за илустрација, Египет, Мароко, Алжир и Тунис имаат вкупно 218 милиони жители, што претставува речиси половина (48,4%) од населението на ЕУ. Вкупниот увоз на овие четири земји за 2024 година е проценет дека изнесувал околу 230 милијарди американски долари. За илустрација, целокупниот македонски извоз во 2024 година изнесуваше 8,4 милијарди американски долари (3,6% од вкупниот увоз на четирите посочени земји). Проекциите на ММФ за 2026 година покажуваат очекувања за економски раст на Египет од 4,5%, на Мароко за 4,2%, на Алжир за 2,9% и на Тунис за 2,1%. Вреди да се направи сериозен, обмислен, координиран со државна помош, напор за влез на тој пазар.
3. Што може да направи приватниот бизнис сектор?
И бизнис секторот треба да си зададе себеси „домашна задача“ за 2026 година. Задачата треба да биде зголемување на продуктивноста и ефикасноста на работењето преку носење поквалитетни менаџерски одлуки. Фокусот треба да биде на масовно користење на соодветни алатки, како што е PowerBI, за да се носат одлуки што во основата се базираат на податоци. За илустрација, 97% од компаниите на Fortune 500 листата користат PowerBI. Тоа им овозможува да приберат податоци од различни датотеки, да ги поврзат и трансформираат податоците, да ги моделираат врските помеѓу податоците, да ги визуелизираат сознанијата и сето тоа автоматизирано во еден екосистем. На тој начин се создава основа за многу поквалитетни менаџерски одлуки.
Ова се само неколку идеи за македонската економија за 2026 година, секако, ги има повеќе. Долгорочните мерки и реформи се посебна тема.