Бизнис
Во Хрватска се бараат работници за плата до 7.000 евра и со средно образование
29.08.2025
Хрватската контрола на летање сè уште бара 48 контролори на летање, поточно 40 за работа во Велика Горица и осум во Задар, Сплит и Дубровник.
Условите се најмалку завршено средно образование, помалку од 28 години во моментот на истекот на рокот за аплицирање, активно познавање на хрватскиот и англискиот јазик, државјанство на Република Хрватска или друга земја-членка на ЕУ и потребната медицинска способност. Потребен е воздухопловен персонал од трета категорија, што значи, на пример, лицето да нема никаква абнормалност на кардиоваскуларниот систем, вродени или стекнати абнормалности на респираторниот систем, функционално или структурно заболување на дигестивниот систем или придружните жлезди, или нешто што би можело да го спречи безбедното користење на добиената лиценца. Здравствениот преглед за избраните кандидати го плаќа работодавачот.
Оние кои на крајот ќе ја добијат работата ќе мора да поминат обука во Велика Горица. Работодавачот нуди обезбеден превоз, како и договор за вработување на определено време до добивање лиценца, по што следува договор за вработување на неопределено време. Онлајн апликацијата мора да содржи биографија, доказ за образование (сертификат или диплома ако лицето има завршено студии), потврда за непокренување кривична постапка што не е постара од шест месеци и потврда за државјанство. Огласот трае до 31 август.
Работното место контролор на летање е едно од најплатените. Тоа е шестата најплатена позиција во земјата. Просечната нето плата е 2.974 евра, но самиот опсег на плати е до 7.044 евра, пренесува Пословни дневник.