Финансии / Банкарство
Комитет за јавни инвестиции ќе следи поефикасно и транспарентно управување со капиталните проекти
24.09.2025
На вчерашната седница Владата донесе Одлуката за формирање на Комитет за јавни инвестиции,со што се поставуваат основите за поефикасно, транспарентно и стратешко управување со јавните инвестиции.Комитетот се формира врз основа на Законот за буџети и ќе работи согласно Уредбата за управување со јавни инвестиции. Формирањето на овој комитет претставува значаен чекор за обезбедување поголема ефикасност, транспарентност и усогласеност на јавните инвестиции со националните приоритети и стратешки цели.
Станува збор за постојано меѓуресорско тело на Владата кое ќе обезбеди координација меѓу институциите и интегриран пристап во донесувањето одлуки. Со Комитетот ќе претседава министерот за финансии, а во неговиот состав ќе бидат вклучени сите ресорни министри, што овозможува одлуките да се носат врз основа на консензус и темелна анализа на предлогите.
Неговата улога ќе биде клучна во разгледувањето и оценувањето на проектните идеи, во нивното приоретизирање и во носењето одлуки кои ќе го насочат државниот инвестициски циклус кон проекти што носат најголема вредност за граѓаните и економијата.
Комитетот ќе го следи напредокот на инвестициите, ќе ја проценува нивната изводливост и ќе обезбедува препораки за најдобро користење на јавните средства. На тој начин ќе се гарантира дека јавните инвестиции се во целосна согласност со целите и приоритетите на Владата и дека нивната реализација е усогласена со националните стратегии за развој.
Со воспоставувањето на Комитетот се создаваат услови за подобро планирање и управување со јавните ресурси, а процесот на селекција на проектите станува појасен и пообјективен.На долг рок, оваа реформа ќе обезбеди повисоки економски приноси, поефикасно обезбедување на јавните услуги и ќе придонесе за остварување на стратешките цели на земјата, вклучително и оние што се поврзани со европската интеграција.
Формирањето на Комитетот за јавни инвестиции директно произлегува од новата Уредба за управување со јавни инвестиции, со која се воспоставува систем за систем за подобра реализација на капиталните проекти.
Со Уредбата сe воведува обврска сите буџетски корисници, јавни претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост, како и општините, да ги доставуваат своите иницијативи за јавни инфраструктурни проекти со проценета вредност над 5 милиони евра до Министерството за финансии.
Во рамките на Министерството е формиран посебен Сектор за управување со јавни инвестиции кој ќе врши независен преглед на прединвестициските студии, процена на зрелоста на проектите и следење на нивната реализација.
Фото Економија и бизнис