Бизнис
Здравеска: Автоматизацијата и дигитализацијата стануваат императив за зголемување на продуктивноста и на конкурентноста на компаниите
Метална и електроиндустрија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Катерина Здравеска, управител на Каз Груп Скопје, член на УО на Здружението на метална и електроиндустрија
Металната индустрија денес се соочува со значителни промени, обликувани од динамични економски услови, нестабилност во цените на суровините и зголемените барања за одржливост. Секако, и ние како КАЗ Груп не сме имуни на овие предизвици, но остануваме посветени на создавање вредност и на долгорочен успех во металната индустрија.
Клучни предизвици
1. Флуктуација на цените на суровините − Цените на челикот и на другите метали се подложни на значителни варијации поради глобалните геополитички фактори и нарушувањата во синџирите на снабдување. Ова ја отежнува финансиската предвидливост, особено при долгорочните договори.
2. Енергетски трошоци − Наглиот раст на цените на електричната енергија и на другите енергетски ресурси директно влијае врз профитабилноста на компаниите. Ова ги поттикнува индустриските субјекти да бараат алтернативни решенија за енергетска ефикасност и за интеграција на одржливи извори на енергија.
3. Регулаторни барања и зелена транзиција − Металната индустрија е предмет на сè построги еколошки регулативи, што создава потреба од значителни инвестиции во намалување на јаглеродните емисии и воведување одржливи технологии.
4. Недостиг на квалификувана работна сила − Дефицитот на занаетчиски професии како што се: заварувачи, бравари и друг технички кадар го отежнува зголемувањето на производствениот капацитет. Стареењето на работната сила и недоволниот број нови стручни кадри ја нагласуваат потребата од инвестирање во образовни програми и од преквалификација.
5 Технолошка трансформација − Автоматизацијата и дигитализацијата стануваат императив за зголемување на продуктивноста и на конкурентноста на компаниите.
Перспективи и можности
И покрај овие предизвици, КАЗ Груп гледа значителен потенцијал за зголемен извоз, особено со проширување на пазарите во Европа, на Блискиот Исток и во Северна Африка. Инвестициите во технолошки иновации, оптимизација на производствените процеси и усогласување со највисоките меѓународни стандарди ќе обезбедат конкурентска предност.
Компанијата вложува во стручна едукација и е активен учесник во дуалното образование. Преку соработката со Средното стручно училиште „Владо Тасевски“, ученици доаѓаат на практика и на доусовршување во рамките на компанијата, што претставува важен чекор во развојот на идните стручни кадри.