Бизнис
Платите во администрацијата се мали, но бараните 30 отсто се преголема сума, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев
11.01.2025
Протестот е демократско право, но за тоа прашање треба да се разговара со повеќе министерства, пред се во Министерството за финансии, за евентуални дополнителни средства во државниот буџет со кој ќе се овозможат тие 30 отсто, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во интервју за ТВ 24, по најавата за протест на 14 јануари на вработените во дел од министерствата, доколку не се прифати барањето да добијат 30 проценти додаток на плата,
- Јас сметам дека таа сума е преголема. Факт е дека платите во администрацијата се мали, но постојат две опции – еден колективен договор за сите, но и индивидуални колективни договори за секоја институција посебно, рече Минчев.
Со претседателот на синдикатот на УПОЗ, рече, имал средба на која се договориле во писмена форма да ги достават своите забелешки за законите за јавна администрација со кои не се согласуваат и во втората половина на идната недела повторно да имаат средба „за да разговараат за се она што може да послужи за подобрување на овие законски решенија“.
До 27 јануари на ЕНЕР (Електронскиот национален регистар на прописи) завршува 30-дневниот рок за јавна расправа за четирите предлог-закони за реформи во јавната администрација - Законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници и Законот за инспекциски надзор.
Минчев истакна дека во изминатите пет месеци е креиран овој пакет четири закони кои, рече, се „почеток на реформи во јавната администрација“, и дека биле вклучени синдикати, експерти, академската фела, невладини домашни и странски организации и сите засегнати страни.
По добиените забелешки на ЕНЕР, работната група од МЈА ќе ги креира конечните решенија што ќе бидат проследени на седница на Влада, а потоа и во собраниска процедура, рече министерот за јавна администрација во интервјуто за ТВ 24.
Извор/фото МИА