Финансии / Банкарство
„Каде има корупција – нема доверба. Каде нема доверба – нема наплата. А каде нема наплата – нема држава“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на Денот на даночните работници
28.11.2025
Без ефикасна и чесна даночна администрација нема ниту силна економија, ниту одржливи јавни финансии, ниту држава што може да планира стабилно и да инвестира во својата иднина, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во Клубот на пратеници на одбележувањето на Денот на даночните работници.
- Денот на даночните работници не е само професионален празник. Тоа е ден кога треба да говориме за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста. Ден кога се потсетуваме дека јавните приходи не се бројки на хартија - тие се плати на наставници и доктори, нови патишта, функционален здравствен систем, поддршка за компаниите, социјална сигурност за секој граѓанин, подвлече премиерот.
Тој рече дека од јануари до крајот на октомври годинава, нето наплатата на даноците и социјалните придонеси достигна 3 милијарди и 600 милиони евра.
- Тоа е за 260 милиони евра повеќе од минатата година. Во првите десет месеци имаме раст на даночната нето наплата од над 6%, раст на социјалните придонеси од речиси 15%. Ова значи дека економијата расте. Активноста се зголемува. Компаниите работат, платите растат, а со тоа растат и приходите. Но, тие бројки зборуваат и за нешто друго - за довербата помеѓу државата и бизнисот. За довербата помеѓу институциите и граѓаните. За тоа дека кога државата работи чесно и предвидливо, граѓаните возвраќаат со дисциплина и чувство на обврска, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека навременото поднесување на ДДВ-пријавите за јануари - септември 2025 година изнесува 95 отсто.
- Во споредба со 2024 година, кога изнесуваше 92%, ова е огромен чекор напред. И уште поважно - навременото плаќање на ДДВ порасна на 81 процент. Во 2023 и 2024 тоа беше 76 отсто. Ова е доказ дека системот станува посилен, подисциплиниран и поефикасен. Сите овие трендови не се случајни. Тие се резултат на вашата работа, вашата посветеност, процесите на дигитализација, подобрувањето на услугите, поактивната комуникација со компаниите, но и на стабилната економска политика која ја водиме како Влада, рече премиерот.
Нагласи дека „ниту еден напредок нема вистинска вредност, ако не го браниме од најголемата закана за секоја држава - корупцијата“.
Во оваа борба, рече тој, УЈП е клучна фронт-линија.
- Затоа што каде има корупција – нема доверба. Каде нема доверба – нема наплата. А каде нема наплата – нема држава. Затоа ви благодарам што покажувате висока професионална етика, и ве охрабрувам да останете бескомпромисни. Државата стои зад вас. И ќе стои зад секој чесен човек во институциите, истакна премиерот.
Извор/фото МИА