Бизнис
Дуковска-Павловска: Очекуваме пазарната позиција на Макстил да остане стабилна
Што очекувате од 2025г.
Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.
„Имаме умерено позитивни очекувања за нареднава година, кои во голема мера ќе бидат одредени од движењето на побарувачката на челик, особено во делот на деловните инвестиции, како и од движењето на трошоците во делот на инфраструктурните проекти, конкретно оние поврзани со декарбонизацијата и со дигиталната трансформација во големите економии.
Очекуваме пазарната позиција на Макстил да остане стабилна и без позначајни промени. Во производниот погон Челичарница планираме десетмесечно работење, додека во производниот погон Валавница планираме производството да ја следи динамиката од оваа 2024 година, со дванаесетмесечен производен тек, со отворена можност за флексибилност и за прилагодување кон пазарните потреби. Снабдувањето со основните влезни материјали како старото железо, природниот гас очекуваме да се одвива тековно и по стабилни цени, додека цената на електричната енергија да бележи благ нагорен тренд, кој следствено ќе влијае на порастот на цената на чинење на нашиот готов производ. Бидејќи како компанија работиме по претходно добиени нарачки од купувачите, ме радува фактот дека веќе имаме обезбедени нарачки за првиот квартал од наредната 2025 година. Како позначајни пазари би ги издвоила Источна Европа, Турција и земјите на ЦЕФТА, додека во Германија под влијание на рецесијата продажбата бележи намалување.
Во текот на наредната година ќе продолжиме со инвестициите за зголемување на ефикасноста, со подготовките за воведување на новата СВАМ-регулатива на ЕУ, која е еден од приоритетите, при што очекуваме и вклучување на државните институции во поддршка на зелената транзиција на индустријата, декарбонизацијата и циркуларната економија“.