Бизнис

Јосифовски: За стопанството и за граѓаните на РСМ, 2025 година ќе биде уште една тешка и неизвесна година

Што очекувате од 2025г.

Економија и бизнис | печатено издание | 15 декември 2024г.

„Во новата година очекувам промената на власта во САД да резултира со намалување на политичките и на воените тензии на глобално светско ниво. Со тоа ќе се создадат услови за побрзо опоравување на економијата и за зголемување на сигурноста кај инвеститорите. Сепак, цените на нафтата, на природниот гас, на струјата и на храната на светските берзи ќе бидат високи и во 2025 годинa.
За стопанството и за граѓаните на Република Северна Македонија, 2025 година ќе биде уште една тешка и неизвесна година. Очекувам раст на БДП од 3 до 3,5 % на годишно ниво и стапка на инфлација меѓу 2 и 3%. Се надевам дека Владата на Република Северна Македонија ќе ги исполни своите предизборни ветувања, особено за реализацијата на капиталните инвестиции и за борбата против сивата економија, за корупцијата и за борбата против криминалот, кои се вкоренети во сите области од животот во земјава.
За МАКПЕТРОЛ АД очекувам 2025 година да биде уште една успешна година на деловен план. Очекувам раст на прометот и на профитот, нови инвестиции и нови вработувања. Компанијата ќе го продолжи својот развој во основната дејност – промет со нафта и со нафтени деривати и ќе ги зголеми вложувањата во транзицијата кон зелена енергија.
Грижата за вработените, за заштитата на животната средина, за задоволството на потрошувачите и на акционерите на МАКПЕТРОЛ АД остануваат наш приоритет и во 2025 година“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано