Бизнис
Дурмиши: Ќе ги ограничиме профитните маржи и цени, доколку трговците не ги намалат цените
25.12.2024
Доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Како што истакна на денешната прес - конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе де донесе одлука дали ќе се донесат поригорозни мерки. Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници.
Институциите од денеска ќе реагираат во однос на цените во маркетите, а доколку трговците продолжат со зголемување на цените на одредени производи реакцијата ќе биде уште по робусна во периодот што следи, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски посочи дека вчера во Владата разговарале со сопствениците на сите големи супермаркети и оти оставиле добра воља да не биде со пристап кој ќе значи ограничување на цени и.т.н, за кои тие велеле дека е непопуларна мерка.
- Сакавме да слушнеме од нив на добра воља да се поразговара и да се донесе заедничко решение, кое ќе биде прифатено. И тоа се случи. Тоа што некој од нив се служат со трикови, тоа е друга работа. За тоа ќе има соодветни процедури, трае анализата и тие процедури деновиве ќе бидат аплицирани, рече Мицкоски.
Извор МИА