Бизнис
ДОДЕЛЕНИ СЕРТИФИКАТИ ЗА ЗАВРШЕНИ ОБУКИ ЗА ОДРЖЛИВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО НА 130 ФАРМЕРИ ОД ПРЕСПА
13.12.2024г.
На 130 земјоделци од Преспа денеска им беа доделени сертификати за успешно завршување на едномесечните обуки за одржливо земјоделство.
Во рамките на обуките, кои опфатија шест теми – заштита на култури, почва, вода, диверзификација, интегрирано и органско земјоделство – учесниците се стекнаа со практични знаења и вештини за унапредување на земјоделската пракса на начин кој го штити екосистемот.
Обуките се спроведоа во рамки на проектот „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“, финансиран од Европската Унија, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации во партнерство со општина Ресен, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Оваа голема активност за одржливо земјоделство покажува дека Преспа има професионални јаболкопроизведители кои се заинтересирани и да слушнат и да применат нови технологии. Оваа голема група на преспански земјоделци може да се каже дека е авангардата на одржливото македонско земјоделство“ – изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.
Обуките за одржливо земјоделство се прв чекор од активностите со кои ЕУ и УНДП ги поддржуваат земјоделците од Преспа.
„Обуките за добрите земјоделски пракси спроведени во текот на минатиот месец се само почетокот на помошта за фармерите од Преспа која ја обезбедуваат Европската Унија и Програмата за развој на обединетите нации. Дел од нив ќе добијат и финансиски грантови во износ до 10 000 евра за примена на мерки на одржливо земјоделство, како и менторска поддршка за нивна имплементација во наредната година.“ – изјави д-р Маријана Милевска, проектна менаџерка од УНДП.
Учесниците на обуките се стекнаа со повеќе практични знаења и вештини за унапредување на земјоделската пракса на начин кој го штити екосистемот.
Преспанскиот регион, познат по своето природно богатство и земјоделска активност, се соочува со сериозни предизвици. Земјоделството, како главна економска активност, создава притисок врз екосистемот на Преспанското Езеро преку прекумерно користење на вода за наводнување, излевање на хранливи материи и пестициди во езерото.
Целта на обуките за одржливо земјоделство и зголемената примена на овие мерки е да се ублажи негативниот притисок врз Преспанското Езеро и да се обезбеди долгорочен економски развој во регионот.