Бизнис
РЕВИЗИЈА ЗА РАБОТЕЊЕТО НА АД ПОШТА: Висока загуба, ненавремено доставени пратки, директорите со зголемени плати, вработени како поштари работат како административци
14.11.2024
Континуираните загуби негативно се одразуваат на тековното и идно работење на друштвото, не овозможуваат негов развој и го доведуваат во прашање ефикасното, трајното, уредно и квалитетно вршење на дејноста како јавен оператор во внатрешниот и во меѓународниот поштенски сообраќај, се наведува во денеска објавениот конечен ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија на АД за поштенски сообраќај Пошта на Република Северна Македонија во државна сопственост Скопје.
Согласно ревизорскиот извештај друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.
Во извештајот се подвлекува дека сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.
Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7% од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки.
Меѓу другото се додава дека со Годишниот план за јавни набавки во 2023 година друштвото планирано да набави машина за сортирање на поштенски пратки со проценета вредност од 30.000 илјади денари со која би се овозможило побрзо и флексибилно сортирање на поштата, подобрувајќи го целокупниот процес на услугата од почеток до крај, но истата не е спроведена.
Ревизорите утврдиле и сериозни неправилности во работењето на АД Пошта на Северна Македонија.
- Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење, посочуваат во извештајот од ДЗР.
Во постапките за доделување на рамковна спогодба со еден економски оператор за набавка на услуги за осигурување на имот со отворена постапка во 2022 и 2023 година, биле склучени две рамковни спогодби, со вкупна вредност од 28.169 илјади денари (од кои 16.207 илјади денари во 2023 година). Ревизорите утврдиле дека истите можеле да бидат спроведени во делови, што би имало влијание врз конкуренцијата во постапката и рационалното користење на финансиските средства. Покрај тоа, утврдено е ненавремено плаќање на премиите (еден месец пред истекот на важноста на полисата премијата не е подмирена). Заклучено било дека ова ја загрозува сигурноста на материјалните и паричните средства, а дополнително може да доведе до зголемување на премиите во иднина поради влошениот рејтинг на друштвото.
Со ревизијата утврдени се чести измени на актот на систематизација, особено во однос на бројот на извршители, работното искуство, степенот на образование и видот на стручна подготовка. Утврдени се и неправилности во пополнување на работните места и евиденцијата на работното време, како и во пресметката на додатоци, надоместоци и награди за дел од вработените. Понатаму, друштвото има склучено договори со 276 пошторазнесувачи, но дел од нив, наместо за договорените услуги, ангажирани се за извршување на други административни задачи.
Во извештајот од ДЗР се подвлекува дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно, што не е во согласност со Законот за трговски друштва. Според законот, во случај на намалена добивка или значително влошена финансиска состојба на друштвото, надоместокот на плата и другите бенефиции, предвидени во менаџерскиот договор може да се намалат.
Ревизорите укажуваат на потребата од поголема меѓуинституционална соработка за обнова на руинираните делови од зградата во која се наоѓа Дирекцијата на АД Пошта на Северна Македонија.
Со извршената ревизија, се вели во извештајот, констатирани се и низа други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива.
За надминување на констатираните состојби, како што стои во објавеноит извештај од ДЗР, дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Извор/фото МИА