Бизнис

МИЗО: МАКЕДОНИЈА ИМА ПРОБЛЕМ СО МОБИЛНОСТА НА РАБОТНА СИЛА, СИТЕ САКААТ ДА РАБОТАТ ВО ДЕБАР МААЛО ИЛИ НА УЛИЦА „МАКЕДОНИЈА“

31.10.2024

Продажбата на автомобили која беше пред ковид кризата нема да се врати до 2030 година. Во автомобилската индустрија се случи целосна промена, а на тоа влијаеа тензиите во политичките односи во светот, зголемени цени на енергијата, кои се одразија на повисоките цени во индустриското производство и на крајот на повисоки цени на автомобилите. Се јавуваат и нови играчи на пазарот. Во Кина расте учеството на електрични автомобили на околу 50 отсто. Нивните е-автомобили стануваат и побрзи, а се произведуваат и нови модели со подобри перформанси. Кај луѓето се јавува скептицизам кога станува збор при одлуката дали да купат автомобил од 45.000 евра или да почекаат година или две за да купат нов модел по пониска цена и со повисоки квалитети. Кина едноставно е неколку чекори пред другите земји кога е во прашање автомобилската индустрија, изјави Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“, на денешната панел дискусија на тема: „Иднината на индустријата: Како да се постигне одржливост и раст“, организирана од МАМЕИ.

Во однос на иднината на индустриското производство во Македонија, Мизо вели дека „како земја немаме индустриска традиција“ и затоа можеме да се насочиме само кон „оптимализацијата на производниот процес со користењето на нашите локални компании и подобрувања на знаењето“.

- На овој начин успеавме да ги намалиме нашите трошоци за 35 отсто при воведувањето на нашите производни линии. Како автоиндустрија се соочуваме со недостигот на работна сила. Земјата ќе се соочи со одливот на кадри. Како индустрија се соочуваме и со проблемот на слабата мобилност на работна сила во Македонија. Целата индустрија е насочена во еден центар, а тоа е Скопје. Сите сакаат да работат блиску од својот дом или нивните работни места да се во Дебар Маало или на улица „Македонија“, забележа Мизо.  

ПРЕПОРАЧАНО