Бизнис
КОЈ ЌЕ ИЗНАЈМУВА СТАН НА ТУРИСТИ, ЌЕ ТРЕБА ДА ГИ ПРАША СОСЕДИТЕ, Хрватска најави казни до 10.000 евра за сопствениците на станови за краткорочен наем
23.08.2024
Владата на Република Хрватска предложи Закон за управување и одржување на зградите, а најголемата новина се однесува на начинот на изнајмување на апартманите на туристите. Во еден од членовите се определува сопственикот на станот кој сака да го користи за краткорочно изнајмување, односно за издавање под кирија за работници или туристи, потребна е претходна писмена согласност од квалификуваното мнозинство на сосопствениците на зградата. Условот за изнајмување е добивање на задолжителна согласност од соседите на станот, чии ѕидови, подови или таван граничи со станот што ќе се изнајмува.
- Последните години се покажа дека ваков облик на користење на становите негативно влијае на квалитетот на домувањето на сите сосопственици и станарите во една зграда. Но се намалува и станбениот фонд за долгорочно изнајмување, што оневозможува решавање на станбеното прашање, како едно од темелните човекови права на граѓаните, објаснуваат од хрватската влада.
Правните експерти посочуваат дека со изјамнувањето на станови на краток рок се судираат две права на граѓаните. Првото право е на сопственикот на станот да го користи својот стан на начин кој му одговара. Второто право се однесува на другите сопственици на зградата кои уживаат право на непречено користење на станот од другите соседи.
Предлагачите на законските измени посочуваат дека со отворање на апартманите за сместување на туристи се нарушува квалитетот на живот на другите станари. Ова е посебно изразено во туристичките делови на градовите, каде има постари згради со послаба изолација и со тоа на другите станари им се намалува квалитетот на живот.
Но, неконтролираното изнајмување на становите за туристи се одразува и на нереално заголемување на цените на недвижностите наменети за живеење на локалните жители.
Со измените на регулативата им се дава можност на другите сопственици на зградата да можат да го искажат своето мислење за тоа дали се согласуваат низ заедничките ходници да поминуваат и други непознати лица.
- Потребната согласност се ограничува на 80 отсто од сосопственичките делови, за да се избегне состојбата потенцијалните изнајмувачи да зависат од самоволието на секој поединечен сосопственик, се нагласува во предлог законот. За оние сосопственици, кои без добиена согласност од квалификувано мнозинство на другите станари, го изнајми станот за работници или туристи, се пропишува казна од 2.000 до 10.000 евра, пренесува „Телеграф Бизнис“.
фото freepic