Бизнис

МНОГУ ШПАНЦИ ЗА ПРВ ПАТ КУПУВААТ ОД ПОЕВТИНОТО МАСЛО ОД СОНЧОГЛЕД, Шпанија е најголем производител на маслиново масло но тоа станува прескапо

22.08.2024

Шпанија е најголем производител на маслиново масло во светот, но  поради високата цена нејзините граѓани се помалку го користат во својата кујна и се преориентираат на поевтиното масло од сончоглед. Шпанците во првото полугодие годинава купиле 107 милиони литри од сите видови на маслиново масло и 179 милиони литри од сончогледово масло. До лани, маслиновото масло беше далеку побарано кај домашните потрошувачи.

Во 2023 година, според податоците на шпанското министерство за земјоделство, маслиновото масло учествуваше со 62 отсто во продажбата на масла за јадење во земјата. Маслото од сончоглед учествуваше со 34 отсто.

- Јасно е дека потрошувачката на маслиновот масло во Шпанија се намалува. Има домаќинства  кои купуваа само маслиново масло, а сега за прв пат купуваат и сончогледово, изјави Аниерац Фернандез, од министерството за земјоделство.

Количински продажбата на маслиновото масло се намали за 18 отсто во однос на првото полугодие во 2023 година. Во истиот период продажбата на сончогледово масло се зголеми за 25 отсто.

Литро масло од сончоглед лани се продаваше во просек за 1,86 евра за литар, а подобрите видови маслиново масло чинеа повеќе од 6 евра за литар. Оваа цена е за 50 отсто повисока во однос на 2022 година.

Шпанија обезбедува околу 40 отсто од потребите на маслиново масло во светот, но топлотните бранови и долготрајната суша во последните две години го намали производството на маслинки. Затоа, цените на овој производ се зголемија за двапати, пишува „Сеебиз“.


фото freepic

ПРЕПОРАЧАНО