Бизнис
Албанија има поголем раст на бројот на туристи од Грција и Турција
21.07.2024
Албанија е на прво место со 86 отсто раст на бројот на туристи, објави денеска албанскиот премиер Еди Рама, кој ја сподели класификацијата на Европската комисија за патувања
-Класификацијата на Европската комисија за патувања, врз основа на протокот на пристигнувања во земјите од Европа, покажува зголемување или намалување на протокот на туристи во секоја од земјите, каде туристичката Албанија повторно се потврдува како убава успешна приказна, напиша Рама на социјалните мрежи.
Во извештајот на ЕК за првата половина од годинава, Албанија е на прво место по растот на туризмот, оставајќи ги зад себе другите земји како Грција или Турција. Процентот на раст на туризмот, во Албанија е 86 отсто, додека Грција има раст од 25 отсто во однос на 2019 година, објавија албанските медиуми.
Освен Албанија раст бележат Србија за 40%, Малта 37%, Бугарија 29%, Португалија 26% и Турција 22%, додека намалување е забележано Литванија 15%, Естонија 16% и Летонија 24%.
Албанија минатата година ја посетиле 10 милиони туристи што е за 2,5 милиони повеќе споредено со претходната година. Во првите шест месеци од годинава нивниот број е над 4,5 милиони.
Извор МИА
фото freepic