Бизнис
Со градење на извозните капацитети до подобри перформанси на македонската економија
ПРОЕКТНИ АКТИВНОСТИ - ЗА ПОДДРШКА НА КОМПАНИИТЕ ВО НИВНИОТ РАСТ И РАЗВОЈ
Економија и бизнис | печатено издание | 01 јуни 2024г.
Стопанската комора во партнерство со УСАИД го реализира тригодишниот проект „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“ (2022 − 2025), кој ќе поттикне зајакнување на капацитетите на македонските компании за поуспешна регионална соработка и нивно поврзување во нови партнерства.
Еден од механизмите кој произлезе од овој проект е Националниот совет за извоз кој продожува да дејствува како единствена национална платформа за јавно приватен дијалог со сите релевантни чинители кои се надлежни во доменот на извозот, каде што се адресираат сите прашања кои го засегаат приватниот сектор и преку кој се иницираат предлози до ресорните институции кои, исто така, се дел од овој Совет, а се во насока на создавање на поволни услови за поттикнување на извозните активности на домашните компании и зголемување на нивната конкурентност како на регионален така и на меѓународен план.
Следни проектни чекори:
- Преку Институтот за извоз ќе се обезбедува практично знаење базирано на современите трендови и практики во делокругот на надворешната трговија и извозот, со истражувачки и аналитички пристап ќе се обезбедува стручна експертиза преку компаративни анализи за поддршка на компаниите во освојување на нови клиенти или пазари, а Тренинг центарот ќе нуди апликативно знаење потребно за градење на кадарот во извозните компании.
- Оперативно се работи на создавање на платформа за дигитален извоз – „Лесен извоз“ (Easy Export) која како нова алатка ќе ги обединува сите информации од важност за надворешно-трговското работење како што се: календар на меѓународни трговски саеми по сектори и земји, годишен календар на деловни средби, информации за царинските давачки и други трговски бариери за целните извозни земји/пазари; информации поврзани со трговски прашања генерирани од страна на Светската трговска организација, Светската царинска организација, Меѓународниот трговски центар во Женева, ЦЕФТА Секретаријатот, Конференција на Обединетите нации за трговија и развој (UNCTAT), Коморскиот инвестициски форум (WB6 CIF); информации за трговски посредници (царински брокери, осигурување за извозни кредити, компании за финансирање на извозна трговија); трговска карта; патни информации и други корисни информации неопходни во секојдневното работење на извозните компании.
- Во подготовка е извозен директориум кој на едно место ќе обединува информации за 1 000 извозни компании, вклучувајќи го и нивното портфолио на производи, сè со цел приближување на македонските производи до потенцијалните партнери од странство.
Ќе продолжат добро воспоставените проектни механизми за поддршка на компаниите, и тоа прво со градење на нивните извозни капацитети преку развој на стратегии/планови за извоз на постојни или нови пазари; дигитална трансформација преку развој на прилагодени дигитални решенија и алатки за дигитализација на деловните операции; имплементација на меѓународни стандарди за квалитет и за циркуларна економија, како и техничка помош за пристап до финансии која вклучува подготовка на проектни апликации со инвестиции, деловни и финансиски планови за национални програми, преку кофинансирање и грантови.