Бизнис
Германија очекува приход од две милијарди евра од фудбалот!
09.06.2024
Германија очекува пораст на потрошувачката и на економијата за време на одржувањето на Европското првенство во фудбал, кое ќе се одржува од 14 јуни до 14 јули. За годинава се прогнозира раст на германската економија од 0,3 отсто, а дополнителен импулс за повисока стапка, може да биде зголемената потрошувачка на пиво и на бројот на ноќевањата во сместувачките капацитети во земјата за време на фудбалскиот турнир, објави „Ројтерс“.
- Можно е 2024 година да биде рекордна година за туризмот во Германија, благодарение на фудбалските навивачи, изјави Норберт Кунз, генерален директор на Германската туристичка асоцијација (ДТВ).
Пиварниците во Германија можат да бидат најголеми добитници од организирањето на европскиот фудбалски турнир.
- На големите фудбалски натпреварувања во минатото се покажа дека се пие повеќе пиво, изјави Холгер Ајхеле од Германската асоцијација на производителите на пиво.
За време на Светското првенство во 2006 година, кое се организираше во Германија, продажбата на пиво се зголеми за пет отсто. Минатата година беше тешка година за германските пиварници, со пад на продажбата од 4,5 отсто на 8,4 милијарди литри.
Михаел Гремлинг од Германскиот економски институт (ИВ) вели дека „искуството од Светското првенство во 2006 година покажува дека за време на големите спортски натпревари доаѓа до пренасочување на потрошувачката на граѓаните“.
- За многу потрошувачи ЕУРО е можност да купат нов телевизор или да испијат повеќе пиво, но наместо да одат во ресторани или во кино, тие повеќе време ќе поминуваат дома и затоа нема да има и зголемена потрошувачка, смета Гремлинг.
Економистите од Комерцбанка прогнозираат дека германската економија може да стагнира во вториот квартал, по растот од 0,2 отсто во периодот од јануари до март годинава. Според проекциите на економистите, ЕУРО 2024 ќе треба да генерира зголемен бенефит од две милијарди евра, а се очекуваат повеќе од три милиони гости од странство, пренесе „Бизнис.рс“.
фото freepic