Бизнис

Романија ја зголемува минималната плата на 500 евра

08.06.2024

Романија од 1 јули ќе ја зголеми бруто минималната плата од 3.300 леи на 3.700 (околу 744 евра), што значи дека нето минималната плата ќе надмине 500 евра. Владата во Букурешт го зголеми и износот за ослободување од данок и социјални придонеси од 200 на 300 леи  за вработените со полно работно време и минимална плата,  пренесува „Нова економија“.

Околу 760.000 вработени во Романија ја заработуваат минималната плата, но корист од зголемувањето на нејзиниот износ ќе имаат над 1,8 милиони лица, кои заработуваат меѓу 3.300 и 3.700 леи.

Одлуката на Романија за зголемување на минималната плата се случува истовремено со обидите на владата да  го намали фискалниот дефицит.

Во првите четири месеци годинава,  дефицитот во буџетот на земјата  е проценет на 3,24 отсто од бруто домашниот производ. Ова е зголемување од минатогодишниот буџетски дефицит од 1,7 отсто.

Во февруари Меѓународниот монетарен фонд ја повика Романија да ја засили фискалната консолидација, поради предвидувањата дека буџетскиот дефицит во наредните години ќе надмине над шест отсто. Во март годинава, со исти забелешки излегоа и официјалните претставници на Европската комисија, кои искажаа загриженост поради фискалната состојба на Романија.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано