Интервјуа

Беџети: До изборите не треба да се прават фискални акробации

Интервју со членовите на Фискалниот совет

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2024г.

Академик Абдулменаф Беџети, член на Фискалниот совет по предлог на МАНУ


Иако објективно немавте можност да се произнесете во фазата на усвојување од страна на Собранието, каква е оценката на Фискалниот совет за макроекономските проекции и буџетот на државава за тековнава година? Дали очекувате реално да се остварат? Како ги оценувате во контекст на посакуваната фискална консолидација итн.?

А. Беџети: Фискалните политики се избор на Владата. За постигнување на зацртаните макроекономски проекции и стапки на раст на земјава, покрај други фактори, важно е како се трошат јавните приходи. Мислиме дека проекциите на Буџетот се во рамките на реалните очекувања, но влегуваме во изборен процес, останува неизвесноста со кризата во Украина... Во наредниов период ќе одиме сегментарно во следење на остварување на фискалните проекции за годинава. Доколку успееме да го зголемиме учеството на капиталните инвестиции, на ниво од 5 до 6 отсто, можеме да оствариме и повисоки стапки на раст. Истражувањата на МАНУ покажуваат дека растот на економијата по 2025 година ќе биде над пет отсто.

Влегуваме во период на двојни избори. Тоа вклучува изборни кампањи и ветувања, а од нашево досегашно парламентарно искуство тоа е период на водење на поекспанзивна фискална политика проследена со (не)одржливи ветувања од страна на политичарите. Како гледате на бројните чекори како што се зголемувањата на платите во јавната администрација, доделување на 7 000 ваучери за набавка и вградување на инвертер климатизери, одобрување на 15 000 ваучери за одмор на летување на посиромашни граѓани итн., особено што тајмингот на селекција на граѓаните за мерките не се поклопува со времето на нивна реализација, во смисла доцна е за греење и рано е за летување.

А. Беџети: Постои наклонетост на секоја политичка влада да трошат, а притоа да не зафаќаат повеќе од приходите на граѓаните и од компаниите. Секој вид трошоци што ги прават со доделување на ваучери за социјални семејства и други исплати ќе бидат под мониторинг на јавноста. Партиите ќе треба да водат сметка за тоа кои мерки се неопходни за подобрување на животот на граѓаните. Зголеменото трошење со единствена цел да се придобие еднократната доверба на гласачите нема да даде резултати. Граѓаните се рационални кога гласаат на избори. Да резимирам, до денот на изборите не би требало да се прават такви фискални акробации.


Интервју со Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет

Интервју со Марина Трпеска, член на Фискалниот совет на предлог од Државниот завод за ревизија

ПРЕПОРАЧАНО