Интервјуа

Бишев: Немаме друга алтернатива од намалување на буџетскиот дефицит и забрзување на растот

Интервју со членовите на Фискалниот совет

Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2024г.

Во септември минатата година со општ консензус на политичките партии беше избран составот на првиот Фискален совет. Со претседателот на Советот Глигор Бишев разговаравме за потребата од формирањето на ова независно тело кое ќе треба да ги следи спроведувањето на фискалните политики и начинот на кој се трошат јавните приходи, како и за начинот на кој ќе влијаат во остварување на одржливи финансии и повисоки стапки на раст на Македонија.



Вие сте на чело на Фискалниот совет чии членови се уште и Абдулменаф Беџети и Марина Трпеска. Фискалниот совет се конституираше во октомври 2023 година со задача да ги следи и да се произнесува за различни аспекти на макроекономските и на фискалните политики во земјава. Каква беше потребата од формирање на вакво тело? Какви се искуствата на други земји?

Г. Бишев: Постоење на независно тело во форма на фискален совет станува светски стандард и постои во сите земји од ОЕЦД и во земји во Европската Унија. На ниво на ЕУ постои координативно тело кое ги одобрува буџетите на земјите членки, а нивната улога беше посебно истакната по кризата во 2008 и 2009 година. Фискалните совети даваат свое мислење, а нивна функција е професионално и независно да ја оценуваат и да ја анализираат одржливоста на јавните финансии на долг рок. Mеѓутоа, тие не носат одлуки, но преку независните мислења им помагаат на носителите на економските политики да добијат независно мислење и да проценат дали одлуките што се носат се одржливи на долг рок. Во принцип, секоја влада е политичка, па затоа е важно фискалниот совет да има поглед на фискалните политики во подолг период од еден изборен и четиригодишен цилус. ЕУ и секоја земја во Унијата има фискални правила. Така и Република Северна Македонија ги усвои соодветните фискални правила. Сега, покрај Министерството за финансии, и Фискалниот совет следи како се применуваат овие правила не само формално туку и суштински. Во овие четири месеци воспоставивме соработка со фискалните совети од други земји во регионот и во ЕУ. Во Србија неколку години функционира ова тело. Со приближување кон ЕУ, и РСМ ги прави институционалните подготовки за да оствари здрави и ефикасни финансии. Регулативата за функционирање на нашиот Фискален совет е направена врз основа на најдобрите меѓународни практики.

Целта на Фискалниот совет е да дава независни стручни мислења за фискалните политики и за стратегиските документи и извештаи заради обезбедување макроекономска стабилност и фискална одржливост. Тоа бара и специфична кадровска поддршка. Дали од формирањето до сега успеавте да се екипирате, но и да обезбедите целосна функционалност на Фискалниот совет?

Г. Бишев: Како и сè во животот, ако не се испотите не можете да добиете ништо. Очекувањата од Фискалниот совет се големи. Обезбедени се трајни простории во Државниот завод за ревизија на улица „Павел Шатев“. Ја добивме поддршката од сите релевантни институции во земјава. Членовите се избрани едногласно од сите парламентарни партии. Остваривме одлична соработка со: Комисијата за финансирање и буџет, Државниот завод за ревизија, НРМ, МАНУ, стопанските комори, ММФ, Светска банка, Европската комисија... Членовите на Фискалниот совет учествуваа во расправата за Буџетот за 2024 година. Ја усвоивме Годишната програма за работа која беше прифатена со консензус. Во постапка сме за изработка на мислење за Фискалната стратегија до 2028 година. Сите анализи и материјали ќе бидат достапни на јавноста, а наскоро сите наши анализи ќе бидат достапни и на нашата веб-страница. Целосната транспарентност е еден од клучните столбови за работењето на Фискалниот совет. Создавањето на консензус за одредени појави од јавните финансии е најдобар начин за да станеме свесни и да дадеме придонес во ефикасноста на прибирањето на јавните приходи и нивното рационално трошење. Клучно е да дискутираме со аргументи. Ги користиме сите ресурси во земјава и во странство. На прашањето дали Фискалниот совет е нов трошок за државава би истакнал дека буџетот за негово функционирање е скромен. Од октомври до денес немаме направено ниеден расход. Работиме домаќински. Клучно е користа да е голема. Мораме да даваме пример и со нашето однесување и согласно моралните и етички стандарди. Еден од документите што го усвоивме е и Етичкиот кодекс за вработените. Работиме според добри корпоративни практики. Се надеваме дека ќе направиме и квантитативни промени при носењето на финансиските политики преку кои ќе може да се мерат и резултатите на Фискалниот совет.

Клучен аспект на функционирањето на едно тело како што е Фискалниот совет е независноста во неговото работење. Ова подразбира дека е сосема можно да дојде до ситуации каде што стручните погледи на Фискалниот совет и на Министерството за финансии нема да се поклопуваат за важни прашања. Зошто е толку важно да се сочува независноста на Фискалниот совет?

Г. Бишев: Независноста на Фискалниот совет е од голема важност како што е важно и за Централната банка да биде независна. Но, овде постои разлика. Централната банка ги носи и одлуките. Овде Фискалниот совет дава само независно мислење, а одлуките ги носат носителите на политиките претставени од партиите. Тежината на Фискалниот совет за ефикасно да ја врши својата работа е повеќе преку давање на објективни анализи и преку консензуално одлучување и градење на ставови. Освен кај политичките субјекти, потребно е да има консензус и кај науката. Една од функциите на Фискалниот совет е како да се изгради механизам за градење на професионален консензус во општеството од аспект на тоа што е најдобро за јавните финансии. Дебати и разлики во мислењата ќе има секогаш. Нашата главна цел е како да се постигне заедништво во носењето на еден проект како што е Националната стратегија за развој на Македонија од 2024 и до 2044 година, која е доставена до Собранието, и како да се постигне консензус за да се забрза развојот на земјава и конвергирањето кон ЕУ. И да се направат за тоа потребните реформи без да се загрози макроекономската стабилност и фискалната одржливост.

Крајната суштинска цел од функционирањето на Фискалниот совет е да обезбедиме фискална одржливост, односно народски кажано да обезбедиме одржливост на Буџетот на државава и за идните генерации. Каква е вашата генерална оценка за тековната фискална позиција на земјава како стартна точка во работењето на Фискалниот совет? Дали долгогодишната патека на која досега се наоѓаат финансиите на државава е одржлива, вклучително и висината на јавниот долг, или мораме нешто да менуваме? Кои се клучните ризици за иднината?

Г. Бишев: Оваа година буџетскиот дефицит изнесува 3,4 проценти од БДП. Тоа е висок процент споредено со оние стандарди усвоени со Законот за буџети. Исто така тој е висок и од аспект на капацитетот на македонската економија. Но, ако се спореди со буџетскиот дефицит од 2022 година, тој е речиси преполовен. Од апсект на трендови има прилагодување, но тоа мора да продолжи во наредните години. Во 2025 година треба да се сведе на околу три проценти. Имаме добра динамика кај дефицитот. Но, долгот минатата година изнесуваше 61 процент од БДП. За годинава, проекциите на Министерството за финансии е да изнесува 63 проценти за подоцна да се намали под 60 отсто од БДП. Тоа што е клучно за анализа на висината на задолженоста и на буџетскиот дефицит е дека тоа се коефициентите. Буџетскиот дефицит е коефициент на буџетското трошење и БДП, на јавниот вкупен долг и БДП. Ако не се оствари проектираниот економски раст на БДП, прашање е дали ќе се оствари и проектираниот буџетски дефицит и нивото на проектираниот јавен долг. Македонската академија има истражување за тоа која е оптималната задолженост за Македонија. Најдобро управување на јавниот долг и на буџетскиот дефицит е да успеете да го зголемувате именителот, односно реалниот раст на БДП побрзо отколку броителот – јавниот долг. Но, за тоа се потребни реформи на подолг рок. Доколку Македонија расте годинава и наредниот период со просечна стапка од 2,5 проценти, и овие коефициенти ќе растат. За време на ковидот немаше земја во која немаше висок буџетски дефицит и кога надворешната задолженост растеше. Прашањето сега е дали ќе се преземаат ефективни мерки за да се сведе долгот во прифатливи рамки, а да не се поткопа економскиот раст на земјава. Технички гледано може бргу да се намали буџетскиот дефицит, но и да се предизвика рецесија. Кога го намалувате јавното трошење клучното прашање е како да не се предизвика рецесија. Најдобра опција е да се намали буџетскиот дефицит и по можност да се претпочита варијанта на забрзување на економскиот раст. За жал, во последниве дваесет години од независноста на државава не се успеа преку забрзување на економскиот раст. Тоа е клучното прашање. Нема друга алтернатива. За побрз раст не се само фискалните политики. Една од мерките кои Министерството за финансии ги предлага и Фискалниот совет ги поддржува е она што се нарекува вредност за потрошените пари. Да не може да се трошат парите, а да не се гледаат позитивните резултати од тие средства. Еден од принципите во идниот период треба да биде, за секој инвестициски проект за кој би се трошеле буџетски средства, да има пресметка колку ќе биде неговиот ефект и додадена вредност, колку би придонел кон повисок раст на економијата.

Формирањето на Фискалниот совет е само еден од елементите на пошироката фискална реформа што вклучува и формализирање на фискални правила, воведување мерливост на резултатите и мерливост на ефикасноста на трошењето на буџетските средства. Како гледате на целината и на елементите на вака замислената фискална реформа?

Г. Бишев: Реформите во економијата се како да трчате маратон, а не спринт. Кога ќе заврши едната реформа наредниот ден треба да се почне со нова. Постои единствен индикатор во економијата кој укажува дали забрзано да правиме реформи или можеме со побавно темпо. Нашиот економски раст, во просек од 2,5 отсто во изминативе години, ни кажува дека тоа е недоволно за висок животен стандард и за конвергирање кон ЕУ. Ова ни кажува дека треба да направиме сеопфатни реформи и трансформација на економијата. Тоа е содржано и во најновата Студија за раст на националната економија до 2044 година. Во тие рамки потребни се реформи во јавните финансии, во даночната сфера и на расходната страна. Реформите мора да бидат сеопфатни. Не може реформи само во една сфера, а во друга сфера да нема промени. Сите зборуваме за зелена економија и незагадувачки индустрии и за примена на обновливи извори на енергија и тоа треба да се предвиди во буџетот на Министерството за економија и за животна средина за да се добијат средства да ја трансформираат македонската економија. На тој план ни треба сеопфатен пристап.


Разговараше: Митко Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано