Разговор со Џон Матон, водечкиот светски извршен тренер и говорник за лидерство
Креатор на филозофијата „Intelligent Leadership” (Интелигентно лидерство)
Вие сте рангиран како број 1 извршен тренер во светот веќе неколку години заедно со имиња како Тони Робинс и Маршал Голдсмит. Што ве издвојува во вашиот пристап и во резултатите што ги испорачувате?
Џ. Матон: Она што ме издвојува е тоа што не тренирам само карактеристики − туку трансформирам лидери однатре кон надвор.
Повеќето тренерски пристапи денес се фокусираат на она што го нарекувам „надворешно јадро“ − вештини, стратегии и однесувања. Тие се важни, но не се одржливи без силна внатрешна основа. Мојата работа се базира на интелигентно лидерство (Intelligent Leadership®) кое се фокусира и на внатрешното јадро (карактер, вредности, уверувања) и на надворешното јадро (компетенции и извршување).
Лидерите со кои работам не стануваат само поефективни − тие стануваат поавтентични, постабилни и понамерни. Тука доаѓаат вистинските и долгорочни резултати.
Повеќе од 30 години ја усовршувам методологијата која е мерлива, со можност за раст и длабоко човечка. Резултатот не се само подобри лидери − туку посилни култури, повисока ангажираност и организации кои ја одржуваат извонредноста на долг рок.
Во текот на вашата кариера сте тренирале над 200 глобални извршни директори, вклучувајќи личности како Стив Џобс и Роџер Енрико. Што имаат заедничко лидерите на тоа ниво и која е нивната најголема „слепа точка“?
Џ. Матон: Големите лидери на тоа ниво делат три работи: јасност, убеденост и храброст.
Тие го гледаат светот поинаку. Подготвени се да носат храбри одлуки. И имаат неверојатна способност да постигнуваат резултати преку други.
Но, нивната најголема слепа точка често е иста: јаз меѓу тоа како се гледаат себеси и како ги доживуваат другите.
Јас го нарекувам ова „лидерски јаз“.
Многу успешни лидери премногу се потпираат на своите силни страни. Тоа што ги донело до врвот − амбиција, интензитет, одлучност − со време може да стане ограничување. Стануваат помалку отворени, помалку свесни за себе и помалку поврзани со луѓето.
Иронијата е во тоа што колку повисоко се искачуваш, толку поопасен станува недостатокот на самосвесност.
Најдобрите лидери со кои сум работел се оние кои свесно избираат да погледнат навнатре, да прифатат повратна информација и континуирано да се развиваат − не само како извршни директори туку и како луѓе.
Вашата филозофија интелигентно лидерство се фокусира на срцето, на умот и на душата на лидерот. Во практика, што најмногу им недостасува на денешните лидери − компетенции или карактер?
Џ. Матон: Без сомнение − карактер.
Повеќето лидери денес се висококомпетентни. Тие се паметни, искусни и способни. Но, компетентноста без карактер не е одржлива.
Карактерот е основата на лидерството. Тој гради доверба. Ја обликува културата. Одредува како лидерите реагираат во моменти на притисок, на неизвесност и на предизвици.
Кога карактерот е слаб лидерите стануваат реактивни, водени од его и оддалечени. Кога карактерот е силен стануваат стабилни, автентични и издржливи.
Во интелигентното лидерство се фокусираме на двете − но започнуваме од внатрешното јадро затоа што ако не ги зајакнете срцето и душата на лидерот, ниедна вештина нема да создаде долгорочно влијание.

На 11 јуни доаѓате во Скопје со тренинг програма базирана на интелигентно лидерство. Која е најголемата вредност што ќе ја добијат учесниците?
Џ. Матон: Најголемата вредност е самосвесност што води до трансформација.
Ова не е типичен лидерски семинар. Ова е длабоко лично и практично искуство.
Учесниците ќе добијат:
- јасно разбирање на своите лидерски силни страни и слабости
- увид како нивното внатрешно јадро ги обликува резултатите
- патоказ за унапредување на карактерот и на компетенциите
- алатки што веднаш можат да ги применат.
Но, најважно − ќе заминат со одлука. Одлука да растат затоа што лидерската трансформација не се случува преку информации. Таа се случува преку свесност, намера и акција.
Една од клучните теми е парадоксот дека неуспехот води кон успех, но и дека успехот може да биде почеток на неуспех. Како лидерите да го препознаат тој момент и да не станат „жртви“ на сопствениот успех?
Џ. Матон: Ова е една од најважните вистини во лидерството: успехот носи ризик.
Неуспехот, кога се прифаќа, гради скромност, издржливост и учење. Но, успехот може да создаде удобност, его и самозадоволство.
Лидерите стануваат жртви на својот успех кога престануваат да растат.
Постојат предупредувачки знаци:
- станувате помалку отворени за повратни информации
- се потпирате на стари формули наместо да се адаптирате
- се опкружувате со луѓе кои се согласуваат со вас
- повеќе ви е важно да бидете во право отколку да се подобрите.
Решението е едноставно, но не и лесно: останете скромни, љубопитни и намерни во својот развој.
Најдобрите лидери го гледаат успехот не како крајна точка, туку како одговорност − да продолжат да се развиваат и да придонесуваат на повисоко ниво.
Вашата компанија John Mattone Global воспоставува партнерство со Genuine Dynamics . Какво влијание очекувате оваа соработка да има врз развојот на лидерството и на бизнис-културата во Македонија?
Џ. Матон: Верувам дека ова партнерство со Genuine Dynamics има потенцијал да создаде значајна промена во тоа како се разбира и практикува лидерството воМакедонија и да поставиме нов стандард за лидерската извонредност во Македонија.
Преку соработката со Genuine Dynamics, ние не испорачуваме само програми туку и градиме основа за одржлива лидерска извонредност.
Нашата цел е:
- да развиваме лидери силни и во карактер и во компетенции
- да ги унапредиме организациските култури да бидат поангажирани, иновативни и одговорни
- да создадеме „ефект на бран“ каде што подобри лидери создаваат подобри организации и посилна економија.
Најмногу ме возбудува можноста да инвестираме во лидери кои се подготвени да растат.
Затоа што кога лидерите растат – расте сè: луѓето, резултатите и можностите.
Разговараше: Ќирко Бошкоски
Економија и бизнис, 15 април 2026г.







