Вести
Стојкоски: ЗАМРЗНУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ НАСПРОТИ ЗГОЛЕМЕНИТЕ КАМАТИ
Економија и бизнис | печатено издание | октомври 2023г.
На својот состанок од 14 септември, Советот на Европската централна банка донесе одлука за уште едно покачување на трите клучни каматни стапки на ЕЦБ за 25 базични поени.
ЕЦБ ги зголеми каматните стапки 10-ти последователен пат почнувајќи од средината на 2022 година. За рекордни 15 месеци од кога започна да ги покачува каматите, со цел зауздување на растечката инфлација, ЕЦБ неколкукратно ја зголеми каматата од 0 % до ниво од 4,50 % п.п., што е најсилен циклус на вакво забрзано покачување на каматите од постанокот на еврозоната.
Главна причина за покачување на каматите е растот на инфлацијата која е значително покачена и во нашава земја и на соодветен начин е менаџирана од страна на Народната банка која ја зголеми референтната каматна стапка на благајничките записи во изминативе месеци неколкукратно и ја донесе на моменталното ниво од 6,30 %. Која е целта на ваквите покачувања на референтните каматни стапки од страна на монетарните власти? Од она што го знаеме од теоријата, целта е да се повлечат паричните фондови, односно слободните парични средства кои циркулираат во оптек во вид на побарувачка, за да не креираат понатамошен притисок врз цените. И ваквата политика е оправдана во услови кога расте инфлацијата, односно претставува еден вид повлекување на кислород од запалена просторија со цел да се изгасне пожарот. Но, паралелно се одвиваат и други политики кои се спротивни од повлекувањето на пари од оптек како што се: зголемувањето на платите на јавната администрација, започнувањето на масивни проекти како новиот план за подобрување на патната мрежа и договорот со стратешкиот партнер конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој би чинел околу 1,2 милијарди eвра согласно првичните претпоставки, потоа разните издвојувања за непродуктивни субвенции и слични политики на дотурање свежи пари во системот, кои се обратни процеси и кои може да се доживеат како дотурање на бензин врз распален оган како што е пожарот наречен „инфлација“. На ова треба да се додадат и огромните буџети во повеќето држави кои се планираат во следниве неколку години во борбата против „климатските промени“ кои досега изнесуваат околу 500 билиони евра само во САД и во Германија.
Овие досегашни зголемувања на референтните камати донесоа одредени резултати во борбата со брзорастечката инфлација така што, согласно септемвриските макроекономски проекции на персоналот на ЕЦБ за еврозоната, просечната инфлација се прогнозира да биде 5,6 % во 2023 година, додека во Македонија инфлацијата е повисока и согласно последните податоци од август изнесува 8,3 %. Пред неколку месеци официјалната инфлација и во еврозоната и во Република Северна Македонија беше речиси двојно повисока.
Сепак, сите ние сме свесни дека овие податоци за стапката на инфлација не се сосема реални. Во реалниот живот речиси сите цени во малопродажбата се зголемени во просек од 20 до 50 %, а кај некои продукти и двојно повеќе. Исти ценовни притисоци има и во еврозоната, во САД, како и во останатите економии. Покрај цените на храната, зголемени се и цените на закупнините за недвижности во САД, во Канада, во Австралија од 1 000 долари во просек за еднособен стан на ниво од над 2 000 долари месечна кирија. Слични примери може да се наведат и за други сектори од економијата.
Главна причина за ваквите ценовни движења може да се каже дека беше предизвикана од војната во Украина која ги спречи дистрибутивните канали за енергијата и за гасот и предизвика пораст на цената на електричната енергија која, пак, е една од клучните компоненти при формирањето на цените на сите продукти, вклучително и на цената на производите за храна. Дополнително на ова влијаеше и трендот на примената на криптовалутите и производството на електрични возила кои влијаат врз зголемената побарувачка на енергија. Само како пример, продажбата на електрични возила од 4 % во 2020 година е зголемена на 14 % оваа година, а се претпоставува дека до крајот на 2030 година речиси 60 % од сите возила ќе бидат електрични. Сето тоа ќе доведе до огромен пораст на побарувачката за енергија и соодветно на тоа цената на овој клучен ресурс за живот на населението и деловно опстојување на стопанските субјекти ќе биде од година во година сè повисока. Консеквентно, тешко е да се очекува и дека инфлацијата ќе се доведе надолу до посакуваните нивоа од 2 % во наредниов период.
А сè ќе беше поинаку доколку развојот на индустријата се базираше на евтини извори на енергија како водородот или пак се најдеше начин за изработка на мотори кои ќе ја намалеа потрошувачката на фосилните горива од сегашните просечни нивоа од околу 10 литри на 100 км на ниво од 2 литри на 100 км на пример. Зарем развојот на технологиите во 21 век не можеа да го спроведат ова во дело? Или пак во делот на домувањето да се градеа функционални и конкурентни проекти за домување субвенционирани од страна на државите при што цената на метар квадратен ќе се намалуваше наместо да расте.
Куповната моќ на населението во услови на растечки цени денес драстично е намалена во вакви услови на енергетско интензивни процеси и на Запад сè повеќе ќе исчезнува таканаречената средна класа која е исчезната кај нас одамна. Но, додека во гореспоменатите западни економии просечните плати на граѓаните се околу 5 000 долари при што граѓаните таму полесно ќе се справат и ќе мора да се откажат „само“ од едно летување и едно скијање на планина или пак ќе мора да продадат едно од четирите возила кои ги имаат во гаражниот парк, што да прави населението во Македонија со просечни плати од околу 500 до 600 евра.
Зголемувањето на референтните камати не влијае многу значајно врз обичниот народ. Вистинска мерка за оние кои се без заштеди на парични средства е замрзнувањето на цените на клучните животни продукти во стилот на српскиот претседател Вучиќ. Може да му се најдат бројни забелешки за политиките кои ги води, за начинот на кој се рекламира со цел да придобие гласачи, но намалувањето на цените на повеќето основни продукти му е вистински погодок и сите „паризер“ шеги на негова сметка се лаички и невкусни. И нашите владини тела, разни агенции за заштита на потрошувачите и контрола на квалитетот потребно е сериозно да се зафатат со спроведување на строги ценовни пазарни ограничувања и пазарен кодекс на однесување доколку сакаат да им помогнат на своите граѓани и да им го подобрат животниот стандард.
Иако за поздравување, задоцнети се последните обиди за намалување на цените од 10 % бидејќи во анкетите граѓаните тврдат дека претходно цените беа оставени да пораснат за околу 30 до 40 %. Сите девијантни појави и обиди за измами од производителите, од трговците и од препродавачите треба прудентно да се следат, да се контролираат и да се казнуваат од страна на владините агенции. Можеби наместо да се преземаат симултани мерки на глобално ниво за покачување на референтните камати треба да се преземаат мерки на симултано намалување на цените на поскапените прозводи и нивно враќање на ниво од пред година и пол или да се следи просекот на цени од последните 3 до 4 години, што можеби ќе има побрз ефект врз намалувањето на инфлацијата.
На крајот важно е да се напомене дека не е сè толку црно и дека и во услови на криза можно е да се креира бизнис и да се прават пари. Има бројни такви примери на претприемачи. Треба само да се има претприемачки дух. Како за пример, доколку направевте добар бизнис-план пред 10-тина години кога каматите беа екстремно ниски и користевте евтин кредит за креирање на фабрика за производство на некој продукт и по 5 до 10 години го лансиравте тој продукт на пазарот, ќе имавте среќа да ви се погоди инфлаторниот бран од последниве две години и вашите продукти ќе можевте да ги продавате по повисоки цени од оние проектирани во бизнис-планот. Ќе имавте огромна заработка од таквиот развој на настаните, а профитот ќе можевте да го реинвестирате во нови уште поскапи продукти, додека вишокот на ликвидни средства ќе можевте да го орочите во банките или да го инвестирате во државните хартии од вредност по значително повисоки камати какви што имаме сега во 2023 година. Луѓето во секакви економски услови треба претприемачки да размислуваат и да имаат малку подобри информации за следење. Што мислите вие? Колкумина успеаја да го предвидат ова?