Вести

Над 400 учесници на финалните консултации за Националната развојна стратегија

06.12.2023г.

Повеќе од 400 претставници од национални институции, граѓанскиот сектор, експерти од различни области, голем број млади и младински организации, вчера и денеска учествуваа на финалните консултации за Националната развојна стратегија. На настанот беше презентирана нацрт верзијата на стратешкиот документ кој претставува сеопфатна визија за развојот на државата во следните 20 години. Процесот на креирање на Националната развојна стратегија обезбеди широка вклученост и консултации со повеќе од 5.000 граѓани од различни генерации, етнички групи, политички партии и општествени актери.

„Горд сум што успеавме да постигнеме инклузивност и широката вклученост на голем број граѓани, граѓанскиот и бизнис секторот, институции, млади и ранливи групи. Ова е еден од предусловите за да се осигураме дека Националната развојна стратегија ќе биде наша, на сите нас и сите ќе се грижиме за нејзиното реализирање, затоа што заедно сме ја креирале“, изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.  

Националната развојна стратегија е уникатен пример за заедничка, интер-дисциплинарна, над-национална и над-политичка соработка на сите учесници во општеството. Досега во процесот активно беа вклучени повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1.000 млади и претставници на младински организации.

„Широкото вклучување на сите политички и неполитички чинители, за мене е доволен и сигурен показател дека беше избран вистинскиот модел за изработка на документ кој е од клучно значење за економскиот и социјалниот напредок на земјата“, рече амбасадорот на Словачка во земјава, Хенрик Маркуш.

„Ова е првпат ваков модел да се користи во Македонија за подготовка на еден важен документ како што е Националната развојна стратегија. Процесот беше поддржан од сите засегнати страни, вклучувајќи ги и политичките партии. Исто така, меѓународни институции и експерти придонесоа во процесот што дополнително говори за неговата важност“, порача Ендру Бренд, раководител на програмскиот тим од Амбасадата на Обединетото кралство во Република Северна Македонија.

Националната развојна стратегија ќе биде „чадор“ процес која ќе ги опфати сите веќе започнати и планирани стратегии и ќе ги комплементира и надгради досегашните постигнувања. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици со кои се соочува Северна Македонија.

„Овој процес не завршува со усвојување на стратегијата во Собранието. Она што се очекува од државните институции е да воспостават инклузивна и силна оперативна структура која ќе го раководи спроведувањето и следењето на Националната развојна стратегија. Она на што се надеваме од политичките партии е дека ќе ја инкорпорираат НРС во нивните приоритети кои подоцна ќе се преточат во владина програма, а граѓаните да продолжат да преземаат одговорност да го следат и предизвикуваат спроведувањето на НРС“, истакна Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во нашата земја.

„Националната развојна стратегија е дизајнирана за да ги идентификува и да најде решение за актуелните предизвици во општеството преку нивно сеопфатно мапирање. Исто така, стратегијата ќе ги воспостави неопходните капацитети за да се осигура дека државата е добро подготвена и способна успешно да се справи со непосредните предизвици во согласност со Целите за одржлив развој на Обединетите нации и процесот на пристапување во Европската Унија“, порача Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП.

Процесот на создавање на Националната развојна стратегија, Владата на Република Северна Македонија го реализира во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации - УНДП. Изработката на НРС е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано