Интервјуа

Јошевски: Следните години ќе бидат години на силна експанзија на финтек индустријата во нашава земја

Групација на небанкарски финансиски друштва

Интервју со Никола Јошевски, генерален директор, ФД СН Финансии – претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва
Економија и бизнис, печатено издание, април 2023г.

Кажете ни накусо за „личната карта“ на Групацијата (релативното значење на конкретната индустрија за финансискиот сектор на македонската економија, составот на Групацијата итн.).

Н. Јошевски: Групацијата на небанкарски финансиски друштва како дел од Здружението на финансиски организации во Стопанската комора на Северна Македонија е формирана во 2019 година, на која конститутивна седница бев и избран за претседател на оваа групација. Пред тоа финансиските друштва дејствуваа во склоп на неформална организација заедно со штедилниците. Со новата организација и структура, Групацијата стана значително поактивна, побројна, помоќна и релевантен партнер на регулаторот во презентација на своите барања и интереси. Според последната состојба, од вкупно 35 регистрирани финансиски друштва, во Групацијата членуваат 24. Притоа активно работиме на зголемувањето на бројот на членовите во Групацијата со цел подобра застапеност на интересите на целата индустрија пред регулаторот/законодавецот.
Главен приоритет на Групацијата на финансиски друштва е дефинирање на соодветна законска регулатива која ќе обезбедува оптимална рамка за работење на финансиските друштва, идентификување на предизвиците во нашето работење, изнаоѓање сеопфатни решенија што резултираат со создавање основа за поуспешно функционирање на компаниите од овој сектор, како и воведување нови програми и проекти кои ќе придонесат за зајакнување на финансискиот систем, негово унапредување и доближување кон сите засегнати страни.
Брзата трансформација и дигитализација, примената на нови технологии и постојаните иновации се наш крвоток по кој сме познати во овој сегмент на финансискиот свет, па оттука стратегиите за развој на Групацијата се во насока на задоволување на растечките барања и на индустријата и на пазарот. Во таа смисла, една од целите на Групацијата во 2023 година ќе биде и креирање стратегија за развој на финтек индустријата, заедно со надзорните органи, регулаторот, академската заедница и финансискиот ИТ-сектор, во правец на промовирање на можностите што ги даваат небанкарските финансиски технолошки решенија, кои ќе бидат од корист на поединците и на општеството во целост.
Исто така она што ни претставува новина во Програмата за работа на Групацијата за оваа година е предвидувањето на повеќе активности на Групацијата надвор од границите, како и настани за вмрежување со групациите и асоцијациите на финансиски друштва од регионот со цел размена на искуства, подобрување на работењето и применување на добрите меѓународни практики.
Финансиските друштва се најмладиот и најдинамичниот сегмент на финансискиот систем, кои по малку, но постојано од година во година го зголемуваат своето учество. Во изминатата деценија експанзијата на финансиските друштва се огледа во нивниот зголемен број, растот на бројот и вредноста на новосклучени договори, порастот на кредитите и зголемениот број на кредитокорисници. Нивното учество од година во година расте. Така учеството на финансиските друштва во вкупните средства на финансискиот сектор во 2020 година изнесува 0,6 % , додека во 2021 година учеството е 0,8 %. Учеството на средствата на финансиските друштва во БДП е 0,9 % во 2021 година, што е за 0,2 процентен поен зголемување од 2020 година (0,7 %). Една од целите на Групацијата за 2023 година е зголемување на овие учества на над 1 % преку зголемена видливост, препознатливост и доближување на работата на финансиските друштва во јавноста.
Финансиските друштва обезбедуваат и ќе продолжат да обезбедуваат пристап до финансии за дел од населението и микро и малите бизниси кои имаат потешкотии за пристап до финансиски средства на друг начин преку традиционалните форми на кредитирање токму во моментите кога тоа им е најпотребно, што директно влијание на квалитетот на животот на корисниците на услугите. Тоа се краткорочни, претежно потрошувачки кредити на мали износи на клиенти со послаба кредитна способност, кои не можат лесно да ги добијат овие услуги кај банките. Поради начинот на одобрување кој е онлајн или во филијала, кредитите се леснодостапни и брзодостапни (24/7) за разлика од покомплексните и поконзервативни кредитни политики на банките.

Како ги оценувате трендовите и тековната состојба кај небанкарските финансиски друштва?

Н. Јошевски: Мислам дека следните години ќе бидат години на силна експанзија на финтек индустријата во нашава земја. Со новите законски регулативи ќе им се овозможи на финансиските друштва да освојат поголем дел од пазарот и да понудат комплетна услуга на граѓаните во финансиските сфери.
Како Групација последнава година активно работевме со Министерството за финансии на новиот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за финансиски друштва кој веќе е во собраниска постапка. Со новото законско решение ќе се овозможи многу поголема транспарентност во работењето на финансиските друштва, како и поголема заштита на клиентите, корисниците на нашите услуги. За финансиските друштва овие законски измени носат многубројни новини, но и многу ограничувања. Во тој контекст сметам дека со новата регулатива, како и со зголемената конкуренција ќе се дорегулира пазарот и на него ќе останат само најквалитетните финансиски друштва кои нудат најповолни услуги.
Групацијата активно работи на подигнување на имиџот на оваа индустрија и на перцепцијата за финансиските друштва во јавноста. Евидентно е дека од година во година преку подобрување на нашите услуги и надминување на лошите искуства од секојдневното работење, приближување на работата на финансиските друштва, перцепцијата и резултатите се подобрени.
Воедно членките на Групацијата работат интензивно на примена на глобално прифатените добри лекции кои ни помагаат да бидеме целосно во чекор со светот, оттука и нашиот силен потенцијал кој веќе кај сериозните играчи во оваа сфера креира ефикасен и инклузивен финансиски систем кој во скалд со ЕУ-директивите во регулативата и стандардите станува компетитивен на големата сцена.
Финансиското друштво СН Финансии е првата финтек компанија во Македонија со домашен капитал, кое на пазарот е препознаено како лидер во иновациите. Би истакнал дека нашата стратешка определба е на граѓаните на Македонија да им понудиме современи услуги во склад со дигиталното секојдневие во кое реално живееме. Во таа смисла имплементираме онлајн работење уште од самиот почеток. За нас работи тим на ИT-експерти кои развија посебни продукти и решенија базирани на принципите на вештачката интелигенција, при што уште од почеток за кредит се аплицира онлајн, одобрувањето го прави виртуелна комисија, оди премногу брзо и овие услуги се мерат во минути.
Исто така партнерството кое го направивме со Силк Роуд Банка и ВИЗА (VISA), со издавање на нашата кобрендирана картичка ВИЗА (VISA), креира една нова иднина во сферата на финансиите во нашава земја, што е уште еден пример за тоа дека нам како компанија очите ни се вперени во иднината.
Развојот на финтек индустријата во светот и кај нас е неминовен, а ние сме тука национални лидери и, иако нескромно звучи, навистина сме горди на тоа што направивме партнерство со банка. Со креирање на добри кредитни политики и дизајнирање на производи кои ние директно ги имплементиравме во трговијата, да се купува кредитирано од нас на рати, ФД СН Финансии даде силен импулс на потрошувачката во земјава.

Кои се клучните успеси на небанкарските финансиски друштва, но и предизвици со кои се соочуваат?

Н. Јошевски: Клучен успех на финансиските друштва е вложувањето во развојот на нови технологии кои логично придонесуваат за развојот на финтек индустријата во нашава земја, а што реално е скапа играчка. Но, вреди!
Само со дигитализација можеме да донесеме силен раст во секој сектор и во секој сегмент на живеењето, а финансиските друштва се класичен пример на финтек компании, како се прави тоа од првиот ден. Ова е време во кое конкурентноста на една мала економија, каква што е македонската, мора да биде базирана на брзи и храбри компании кои вложуваат во наука, иновации и развој. Ова е единствениот клуч и за нашиот успех. Предизвиците кои ги носи развојот на финансиската технологија се бројни. Но, исто така, треба да знаеме дека ни претстои сѐ уште долг пат кој се однесува на примена на повеќе инструменти, особено оние кои ќе помогнат во финансиската едукација на населението.

Кој е главниот столб на конкурентност на небанкарските финансиски друштва?

Н. Јошевски: Иако предностите на финансиските друштва како динамични компании кои лесно се приспособуваат на барањата на клиентите, во однос на другите учесници на финансискиот пазар, се многубројни, сепак би издвоил четири пилари кои ја детерминираат нашата конкурентност:
•користењето на вештачка интелигенција при одобрување на кредити
•можноста да се аплицира онлајн само со лична карта
•можноста да се добие бесплатен краткорочен кредит
•распространета мрежа на експозитури во кои не се чекаат редици.

Што може да се направи за да се подобри амбиентот во работењето на небанкарските финансиски друштва?

Н. Јошевски: Како што напоменав и погоре, овој период во исчекување сме на донесување на новиот закон за финансиски друштва кој ќе ги зајакне регулаторните барања и стандарди кои треба да ги исполнат финансиските друштва. Покрај овој закон, значително влијание ќе има и Законот за платежни услуги и платни системи кој стапи во сила во почетокот на оваа година, а ќе треба да се донесат или изменат и некои други закони кои значително ќе се одразат на подобрувањето на работата на финансиските друштва.
Она што е важно е дека има иницијатива за промени и подобрување на регулативата во сегментот на небанкарските финансиски друштва и на финтек индустријата кај регулаторните тела и кај законодавецот. Ние сме тука и нашето присуство означува револуција во трансформирање на финансиското работење, како и збогатување на финансиската понуда.
Ако на почеток како финтек старт-ап компанија бевме фокусирани на мала целна група, со нашиот брз развој кој е природен за хајтек индустријата веќе активно шириме услуги, покриваме широк појас на клиенти и нудиме лесна интеграција на услуги, раздвојувајќи и спојувајќи решенија во светот на финансиите. Имаме и знаење и искуство и уште многу нов потенцијал, во чекор сме со светските трендови и општоприфатените стандарди, па оттука и потребата да се подобри амбиентот во работењето што ќе значи и успех на нашата национална економија.

ПРЕПОРАЧАНО