Вести

Крај на глобализацијата или нова трка со препреки?

Ивор Мицковски | Авторот е политиколог

Економија и бизнис | печатено издание | февруари 2023г.

Дека глобализацијата каква што ја познаваме е во криза нема никакви дилеми. Но, да се прогласи нејзината смрт е сигурно претерано како што не е за очекување дополнителен удар да добие за време на Светскиот економски форум во Давос, местото каде што светските лидери треба да се обидуваат да ги премостат политичките поделби и протекционизмот во поларизираниот свет.

Сепак, најголем дел од светските аналитичари и економисти кои интервенираа во Давос на панелот „Деглобализација и реглобализација“ немаат сомнежи дека глобализацијата и понатаму е витална. Наместо деглобализација гледаат можности за „нов глобален поредок“ кој е во потрага по своите форми: и од кој би можела да се изроди глобализација на регионална скала, поделена во зони според различна политичка припадност.
Сепак, бариерите за глобалната трговија кои ја доживеаја својата кулминација со воведување на царински давачки од страна на Доналд Трамп се далеку од срушени во ерата на Џо Бајден и само го менуваат својот лик трансформирајќи се во таргетирани субвенции со цел да расте американската индустрија, и тоа на сметка на странските конкуренти.

Ова однесување е во тотална спротивност со традиционалната американска филозофија за слободен пазар и отворени економии, кои ѝ дадоа сила на глобализацијата. САД спроведуваат прецизно протекционистичко затворање со цел да го повратат технолошкиот примат и синџирот на снабдување во Америка на сметка на конкурентите како Кина и Русија, потег кој, пак, неизбежно испровоцира одговор и од пријателските земји, особено од Европа.
Европскиот одговор на американската програма за субвенции и даночни олеснувања во областа на зелената технологија, Зелениот индустриски план, беше претставен од Урсула фон дер Лајен во својот говор на Светскиот економски форум во Давос. Планот предвидува ревизија на политиките за државна помош и проширување на буџетот на Комисијата преку издавање на заеднички долг со цел финансирање на суверен фонд.

Во 2022 година, американскиот Конгрес донесе два предлог-закони со цел да ја зајакне националната индустрија. Всушност, станува збор за финансиски субвенции за својата индустрија во некои од клучните сектори. „CHIPS Act “ предвидува субвенции од 52 милијарди долари за фирмите на полуспроводници во обид да го промени деценискиот опаѓачки курс во производството на компоненти кои се витални за новата економија која сè повеќе оди во насока на дигитализација.
„Inflation Reduction Act “, американскиот закон за намалување на инфлацијата (ИРА), предвидува пакет од 369 милијарди долари за субвенции и даночни олеснувања за производи како што се електричните возила под услов да се произведуваат на американска територија, така намалувајќи ја зависноста од Кина во серија важни синџири на снабдување како што се батериите за електричните автомобили.

Потребата од субвенции неизбежно наметнува сериозно преиспитување и ревизија на правилата кои ја регулираат меѓународната трговија и отвораат нови натпреварувања кои се преклопуваат со геополитичките фрактури од последниве години. Така границата меѓу одржливиот развој и протекционизмот станува крајно лабилна. Амбициозните цели за заштита на животната средина создаваат плодна почва за невино пласирање на протекционистички мерки кои ги прекршуваат мултилатералните правила кои забрануваат субвенции. Тоа важи за САД како што важи и за ЕУ, и создава предуслови за една многу опасна трговска војна.

Во Европската Унија оправдано стравуваат од евентуалното повлекување на инвестициите и преместување на производството од Европа во САД. Затоа, како што е исправно, Лајен потенцираше дека е неопходно да се пронајде договор со САД. Политиките од двете страни на Атлантикот мора да бидат координирани со цел да се постигне терен за заедничка игра. Но, доаѓањето до договор воопшто нема да биде едноставно. Засега ЕУ успеа да обезбеди исклучоци во правилата на американскиот закон за намалување на инфлацијата (ИРА), што се однесува до електричните возила и батериите, но мошне веројатно е дека Американците немаат намера да попуштат на други полиња. Средбата од вторникот меѓу американскиот секретар за трговија Таи и еврокомесарот Домбровскис заврши без никаков исход. „America first “, односно зголемувањето на американското производство останува како опсесија и за републиканците и за демократите.

Дополнително комплексно прашање е како овие договори би се прошириле на остатокот од светот затоа што Бајден, исто како и Трамп, ја минира работата на Светската трговска организација. Подеднакво опасна е идејата светот повторно да се подели блоковски врз база на систем на заеднички вредности. Америка и Европа: западниот свет наспроти остатокот од светот. Изгледа неразумно затоа што е многу тешко да се определи каде почнува и каде завршува границата на заедничките вредности. Притоа би било крајно ризично и неприфатливо Африка и Азија да се стават надвор од тие граници. Конечно, повеќе од 70 % од светската популација не живее во демократски системи.

Целта не е да се имаат заеднички вредности, туку заеднички правила. Големата сила на глобалните договори за трговијата е што правилата се едноставни и прецизни. Се ограничуваат да дефинираат максимални царини, да забранат употреба на каков било инструмент кој ја нарушува конкуретноста и да ѝ доделат моќ на Светската трговска организација да го наметне почитувањето на правилата. Тие правила важат за сите, било за демократии било за диктатури. И затоа истиот принцип треба да важи и за зелените политики и животната средина, нешто што е глобален проблем кој ниеден блок на земји засебно не може да го реши.

Секако, коректно е да зборуваме за вредности кога станува збор за екстремни и драматични настани како руската агресија врз Украина или бруталноста на режимот во Иран. Подеднакво е исправно да се санкционираат земји како Кина кои отстапуваат од глобалните правила. Но, сосема е лудо и погрешно да се кршат или минираат правилата со цел да се казни тој кој не ги почитува или пак со цел да се заштитат сопствените граници.
Затоа Урсула фон дер Лајен не бираше многу зборови да ја опише заканата од земјите конкуренти кои ја користат еколошката транзиција како оправдание за да привлекуваат европски фирми благодарение на субвенции. Лајен посочи дека Зелениот индустриски план се потпира на четири столба: регулирано опкружување, финансирање, вештини и трговија.

За таа цел, ЕК ќе предложи нов закон за индустрија со нула емисии на стакленички гасови по моделот на Законот за полуспроводници. „Новиот закон за индустријата со нула емисии ќе идентификува јасни цели за чистата технологија во Европа до 2030 година“, истакна Лајен.

Таа додаде дека целта на овој закон ќе биде да се насочат инвестициите во стратешки проекти низ целиот синџир на снабдување, како и дека приоритет ќе биде како да се поедностави и забрза издавањето дозволи за производство на чисти технологии.

Како дел од вториот столб на Зелениот индустриски план, ЕУ има намера да ги зајакне инвестициите и финансирањето на производството на чиста технологија. Во таа насока, ЕК ќе предложи привремено адаптирање на правилата за државна помош.
Тие вклучуваат даночни олеснувања и насочена помош за производство во стратешки важниот синџир на чиста технологија за да се спротивстави на ризиците од преместување на производните капацитети во трети земји поради странски субвенции.
Сепак, Лајен истакнува дека ЕК е свесна дека државната помош не може да биде целосно решение бидејќи само неколку земји членки имаат доволен фискален капацитет да ја субвенционираат индустријата, што потоа би довело до фрагментација на внатрешниот пазар. Затоа неопходно е да се зајакне финансирањето на ниво на ЕУ за да се избегне фрагментација на единствениот пазар и да се поддржи транзицијата во сите земји членки, а не само во некои.

Урсула фон дер Лајен за третиот столб на Зелениот индустриски план го посочи „развојот на вештините бидејќи и најдобрите технологии важат само доколку има квалификувани луѓе кои се способни да управуваат и да ги користат“.
Таа како четврти столб го посочува олеснувањето на еднаква и отворена трговија од која корист ќе имаат сите. Затоа ЕУ ќе се залага за трговски договори со земји како Канада, Велика Британија, Мексико, Чиле, Нов Зеланд и Австралија.

Последиците од праксата „Run faster and trip the other guy “ или политиката на субвенционирање, заедно со други фактори, придонесува за реглобализација на регионална основа преку закопување на нормите за слободна трговија до кои тешко се испреговара во последниве децении. Во оваа трка токму Америка има пресудна улога затоа што прејдоа од политиката „Трчај побрзо“, каде што цел им беше да бидат подобри и побрзи од другите, кон политиката „Трчај побрзо и спрепни ги останатите“, каде што поставувањето на пречки или ограничувањa за останатите е клучен фактор. Ваквото американско однесување сигурно ги зголемува инвестициите во националните економии, но на глобално ниво предизвикуваат астрономско зголемување на трошоците. Глобализацијата не е мртва, но нејзиното одржување на сосема нови основи ќе значи огромни трошоци кои неизбежно ќе паднат на грбот на даночните обврзници.

ПРЕПОРАЧАНО