Финансии / Банкарство

Кредит обезбеден со депозит

13.02.2023г.

Иако за многумина би звучело доста нелогично и ирационално да се користи кредит со залог на депозит, сепак кога ќе се навлезе во проблематиката на производот и тоа како има голема финансиска оправданост за истото. Имено, замислата кај овој производ е да се депонира одредена сума на средства како депозит (орочен или наменски) и врз основа на заложување на овие средства, банката да исплати кредит (краткорочен, долгорочен или во вид на кредитна линија), во износ не поголем од депонираните средства. За банката ваквите кредити се целосно обезбедени и ризикот од невраќање на достасаните рати не постои. Доколку кредитокорисникот не го врати кредитот, во тој случај банката го активира обезбедувањето и се затвараат сите побарувања. Дополнително, кај многу банки дозволено е да се прават парцијални повлекувања, во зависност од типот на депозитот и износот на слободни средства над износот на кредитот.

Овој тип на кредити е особено атрактивен за нови компании кои сеуште немаат пристап до кредитирање, а нивните сопственици имаа лични депозити. За да не се доведат во ситуација личните средства да се трансферираат во компанијата како позајмици или како основачки капитал, се прибегнува кон овој вид на кредити со депозит. Исто така, постои одрдена група на поединци за кои овој производ е атрактивен, а тоа се оние кои моментално немаат активна работа, а со самото тоа не се кредитоспособни за кредит, но во меѓу време акумулирање одредена банкарска заштеда. Трета група се оние поединци кои имаат значителни износи на депозити и каде во зависност од договорената маргина, може да остварат дополнителни каматни приходи.

Ќе анализираме еден практичен пример со цел подобро да го објасниме производот:

Да претпоставиме дека лице X има 1.000.000 денари слободни средства кои може да ги депонира во банка во вид на орочен депозит со 3.5% годишна каматна стапка. Тој депозит може да биде залог за кредит во износ од 950.000 денари, со маргина од 1.5%.

Од табелата погоре може да се забележи дека клиентот ќе има нето позитивен ефект од 35.536мкд, на крајот на периодот, а притоа не ги искористил своите средства. Вкупната камата која банката ќе ја исплати на депонираните средства е за 32.2% повисока од она што клиентот ќе го врати на банката по основ на камата за кредитот.

Главната поента при преговарање за ваков тип на производ е да се добие што поголема каматна стапка на депозитот и што помала маргина.

Преку овој производ исто така се прави дополнителна заштита од промена на каматните стапки. Имено, кај најголемиот број на банки овие производи се врзани со фиксна каматна стапка, така што придобивките се уште поголеми кога ќе се спореди со регуларен кредит со варијабилна каматна стапка. Исто така, овој производ е доста интересен за компаниите од причина што може да се вклучи клаузула или начин на отплата без месечни ануитети. Пример, компанија која купува опрема за производство со ваков кредит, може да го отплати вкупниот долг на крајот на периодот. Ако кредитот е со рок на отплата од 10 години, на износ од 6.000.000 мкд, компанијата во текот на тие 10 години плаќа само камата, додека главницата ја исплаќа после истекот на 10-те години. Со ваквиот начин на финансирање времетраењето на кредитот се корелира со времето кое е потребно за инвестицијата во опрема во целост да се рефлектира преку добивка.

Исто така, длабоко во суштината на овој производ е бихевиористичкиот бенефит од одржаната заштеда. Имено, анализите покажале дека во најголем дел од случаите потрошените заштедени средства многу тешко повторно се аумулираат. Така, овој производ на некој начин претставува принудно штедење.


(E&Б)

 

ПРЕПОРАЧАНО