Финансии / Банкарство
ЗЛАТОТО − БЛЕСКАВИОТ ШТИТ ПРОТИВ ИНФЛАЦИЈАТА И ЕКОНОМСКИТЕ ТУРБУЛЕНЦИИ
Дарко Стојкоски | Авторот е долгогодишен член на АЦИ Македонија
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Ако некој тренд може да се издвои како доминантен на финансиските пазари во изминатата 2024 година, а кој продолжува да блеска на економско-политички и на глобален план и во оваа турбулентна година на кинеската змија − тоа е трендот на континуиран раст на цената на инвестициското злато. Само во последниве 12 месеци цената на златото во однос на американскиот долар е порасната за 45 %, што е за повеќе од половина надминат пораст на цената на златото за последниве 5 години во кои цената на овој сјаен благороден метал во однос на доларот е порасната за 75 %.
Но, доколку мислите дека златото е во тренд само последнава година, погледнете наназад 20-тина години и ќе согледате дека златото пораснало за 580 % или за речиси 6 пати. Во изминативе две децении, златото се етаблира како клучен играч на глобалните финансиски пазари, нудејќи сигурност и стабилност во време на економски и на геополитички турбуленции. Неговата улога како заштита од инфлација и средство за диверзификација на инвестициите го прави привлечна опција за инвеститорите кои бараат безбедно засолниште за својот капитал. Пред 20 години, во 2005 година, цената на златото изнесуваше околу 513 долари за една трој унца злато (31,1035 грамови). До 2007 година, златото порасна до ниво од 837 долари за унца одразувајќи го зголемениот инвеститорски интерес. Големата економска криза од 2008 до 2009 година ја пропелираше цената на златото до дотогаш невидени ценовни нивоа од околу 1 900 долари за унца.
Следуваше период, од 2012 до 2019 година, на стабилизирање на цената на златото на нивоа од околу 1 200 до 1 400 долари за една трој унца за во 2020 година, за време на пандемијата на ковид-19, цената повторно да се искачи, надминувајќи го претходниот рекорд и достигнувајќи ново највисоко ниво од 2 070 долари за унца. Во последниве 3 години, одбележани со војната во Украина, глобалниот инфлаторен бран кој започна во 2023 година, конфликтот во Газа и најновите тарифни војни наметнати од новостариот американски претседател Трамп, цената на златото порасна до ниво од околу 2 940 долари за една унца и прашање е на денови кога и магичната бројка од 3 000 долари за една унца ќе биде надмината.
Но, доколку мислите дека златото е во тренд само во последнава година или во последниве 5 или 20 години, сетете се само на големата „златна треска“ на Дивиот Запад во 19 век или пак на походите на шпанските конквистадори од 15 и од 16 век кога главна мотивација за освојувањата беше златото на Инките и на Ацтеките. Историјата може да ве одведе и до времето кога Филип Втори Македонски ја разви Античка Македонија благодарение и на производството на златни статери во рудниците за злато околу Драма, Серес и Кавала, благодарение на кои и можеше да ги финансира своите воени походи и кампањи кои ги продолжи и неговиот син Александар кој наследи огромни трезори со злато од својот татко.
Златото е во тренд низ целата историја наназад така што не е ни чудно што и во 2025 година се зборува многу за него како интересна инвестициска опција.
Премотувајќи ја историјата кон сегашноста, според најновите статистички податоци на Светскиот совет за злато (World Gold Council) за 2024 година, глобалната побарувачка за злато достигна рекордно високо ниво од 4.974,5 метрички тони, што претставува зголемување од 1 % во однос на претходната година. Oвој пораст првенствено беше поттикнат од значителните набавки од централните банки и зголемената побарувачка за инвестиции.
Централните банки додадоа 1 045 метрички тони на глобалните резерви на злато во 2024 година со што се одбележува трета година по ред кога купувањата надминаа 1 000 метрички тони.
Народната банка на Полска ги предводеше овие аквизиции со додавање од 90 метрички тони со што нејзините вкупни резерви достигнаа 448 метрички тони, што претставува 17 % од нејзините вкупни меѓународни резерви. Други значајни купувачи беа Централната банка на Унгарија која ги зголеми своите резерви за 16 метрички тони и Народната банка на Србија, додавајќи 8 метрички тони.
Оваа одржлива побарувачка ја нагласува стратешката промена меѓу централните банки кон диверзифицирање на резервите и хеџирање од валутните ризици и од геополитичките турбуленции − делумно и преку полнење на резервите со злато. Поради глобалните трендови на трговски и на царински војни, огромните долгови на главните светски национални економии и сè погоемиот обем на пуштени пари во оптек кај фијат валутите, во услови на можни сценарија за позначаен глобален воен конфликт, за очекување е централните банки сè повеќе да ги полнат златните резерви, особено бидејќи инвеститорите немаат аверзија и национална обоеност кон овој божествен метал како што тоа го имаат кон националните валути на одредени земји обоени со национален предзнак, а и златото лесно може да се размени и во услови на криза за најнеопходните ресурси (храна, енергија, лекови, оружје и слично) во секое време и на најбрз начин.
Институционалните инвеститори, исто така, покажаа зголемен интерес за златото, поттикнати од неговите перформанси, но и од можностите за управување со ризиците и заштита од инфлаторните бранови.
Инвестициите во злато го достигнаа четиригодишниот максимум во 2024 година со вкупно 1 180 метрички тони, во вредност од приближно околу 90 милијарди американски долари.
Побарувачката за физичко злато во форма на шипки, на плочки и на монети остана стабилна и во 2024 година на ниво од 1 186 метрички тони, а најголеми инвестициски набавки се видени во Индија и во Кина кои го неутрализираа падот на интересот во САД и во Европа. На почетокот на 2025 година, особено кон крајот на јануари и разнишаните западни берзи, особено во делот на технолошките акции поради влијанието на акциите од новите компании од секторот за вештачка интелигенција и појавата на кинескиот Дипсик (DeepSeek), забележани се значајни набавки на злато, особено и поради трендот на намалување на каматните стапки на позначајните светски валути, кој тренд позитивно ќе влијае врз цената на златото и во 2025 година.
За очекување е дека и во РС Македонија во наредниве години златото како инвестиција сè повеќе да зема замав и кај институционалните инвеститори, особено кај оние кои инвестираат на долг рок како што се пензиските и инвестициските фондови и компаниите за животно осигурување. Овие сектори потребно е да направат системски прилагодувања со цел и златото, кое е втора актива со највисок просечен принос во последниве 100 години во САД по приносот на акциите што го држат приматот, да може да биде поинтензивно застапено во инвеститорските портфолија, особено на системски значајните финансиски институции. Од особена важност е потребата на диверзифицирање на портфолијата кај структурните инвеститори пред сè, но и пошироко бидејќи е познато дека златото позитивно влијае врз портфолијата, особено во кризни години кога ја задржува вредноста и расте во услови кога другите ставки во едно инвестициско портфолио бележат инверзна негативна насока.
Банките, исто така, може да размислуваат за инвестиции во злато заради потребата за диверзифицирање на своите инвестициски портфолија, но и заради потребата да го развиваат приватното банкарство каде што златото во понудата на банкарски продукти и опции неминовно треба да биде една од клучните компоненти.
Приватните банкарски институции, посветени на управувањето со богатството на поединци со висока нето-вредност, одамна ја препознаа стратешката важност на златото. Златото нуди ликвидност, универзално прифаќање и служи како заштита од економски и од геополитички ризици.
За клиентите од приватното банкарство, инкорпорирањето на златото во нивните портфолија не само што се усогласува со нивните инвеститорски стратегии за заштита на богатството туку и обезбедува материјално средство што може лесно да се употреби и бргу да се конвертира во готовина за различни финансиски потреби.
И кај приватните инвеститори забележлива е сè поголемата ангажираност на приватни инвеститори во нашава земја кои сè повеќе се одлучуваат да ги претворат дел од своите денарски и девизни заштеди во инвестиции во злато и во сребро.
Оттука може да заклучиме дека инвеститорите и во нашава земја сè повеќе ги следат тековните финансиски трендови и претстојат златни години за благородните метали.