Интервјуа
СТРАТЕШКИ ПЛАН НА УЈП 2025 − 2027: МОДЕРНИЗАЦИЈА, ДОВЕРБА И СТАБИЛНИ ДАНОЧНИ ПРИХОДИ
Мега интервју со Елена Петрова, генерален директор на УЈП
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2025г.
Неодамна Управата за јавни приходи (УЈП) го донесе својот нов стратешки план за периодот 2025 − 2027 година. Планот, со наслов „Напред – во чекор со предизвиците и со реалните можности“, не е само обичен документ туку е најавен и како сеопфатен патоказ за реформите што ќе го дефинираат новото лице на даночната администрација во С. Македонија.
Кон што се стреми УЈП со овој стратешки план?
Е. Петрова: Овој стратешки план е визија за идното администрирање на даноците, клучен патоказ за реализација на визијата за модерна даночна администрација. Основниот фокус на планот е да се постигне квалитативна промена во процесите на собирање даноци и во функционирањето на даночната служба со цел да се создаде поволен амбиент за македонските даночни обврзници во кој ќе ги исполнуваат своите даночни обврски, а истовремено ќе имаат сигурност и поддршка во целиот процес. Оваа трансформација е суштинска за изградба на поефикасна, на транспарентна и на правична даночна администрација која не само што ќе ги модернизира процесите туку и ќе има поголема доверба од граѓаните и ќе ја зголеми ефективноста на наплатата на даноците. Во светот на брзи економски, технолошки и општествени промени, прилагодливоста и флексибилноста се од суштинско значење за стабилноста на даночните приходи. Стратешкиот план ќе донесе долгорочни и темелни промени кои ќе обезбедат трајна вредност за сите − од даночната администрација и даночните обврзници до целава држава.
Кои се главните промени што ќе ги донесе Стратешкиот план? Што значат овие промени за обичниот граѓанин и за компаниите?
Е. Петрова: Промените ќе бидат многустрани и ќе се фокусираат на подобрување на услугите за граѓаните и за компаниите и поефикасна наплата на даночните приходи преку иновативни пристапи, флексибилност, управување со ризиците на усогласеноста на даночните обврзници, поголема ефективност и ефикасност во користење на ресурсите, градење клима на доверба и зголемување на даночната свест во општеството. Стратешкиот план ги организира иницијативите во четири клучни области, познати како „4Д“: даночни обврзници, даночни приходи, даночни службеници и дигитализација.
Односот на УЈП со даночните обврзници ќе го градиме кон посуштинска кооперативност и партнерство. УЈП ќе работи на создавање средина каде што даночните обврзници ќе имаат пристап до лесно достапни информации, едноставни алатки, директна помош и квалитетна услуга, кои ќе им помагаат точно да ги исполнуваат своите обврски. Со ова УЈП очекува дека даночните обврзници ќе бидат правилно и навремено информирани за да ги разбират своите обврски, што е клучно за системот на самооданочување, каде што доброволната усогласеност е основата на ефективното собирање даноци. Даночните обврзници ќе добијат подобрена услуга, поедноставени и професионални услуги. Наместо да се соочуваат со бирократија, даночните обврзници треба да искусат професионална и праведна даночна администрација која е навремена и ефективна во давањето услуги.
Како конкретно ќе се променат комуникацијата и услугата на даночните обврзници? Дали ова ќе значи крај на долгите редици и на сложените процедури?
Е. Петрова: УЈП веќе започна со серија конкретни проекти кои ќе донесат значајни подобрувања во комуникацијата со даночните обврзници и со услугите што им се нудат. Со новата програма „Кооперативно кон заедничката цел“, УЈП активно работи на решавање на проблемите и на потребите на даночните обврзници. Во рамките на оваа програма, при крајот на 2024 година, формиравме Совет за даночна усогласеност како заедничко тело на УЈП и на даночните обврзници претставени од нивните асоцијации, здруженија, советници, консултанти и сл. Овој Совет ќе прерасне во платформа за конструктивен дијалог меѓу УЈП како даночна администрација и даночните обврзници. Основната цел на ова тело е да обезбеди споделување на информации меѓу вклучените страни, да ги адресира прашањата и предизвиците кои се појавуваат во исполнувањето на даночните обврски и права, да обезбеди консултации и препораки за подобрување на даночните процеси, но и на даночната политика и на регулативите, како и да промовира даночна усогласеност и транспарентност во врска со наплатата на даночните приходи.
Даночните обврзници исто така очекуваат сигурност дека едно даночно прашање се разбира на ист начин во рамките на УЈП и дека сите даночни службеници и инспектори во УЈП треба да постапуваат конзистентно и унифицирано. Имајќи предвид дека најчесто инспекциските контроли се постапки во кои настануваат „спорни” ситуации, воведовме интерен механизам − тело за независна проверка на приговорите од даночните обврзници по инспекциските записници со цел да гарантираме дека во секоја контрола пристапот е фер и унифициран, намалувајќи ги можностите за понатамошни судски постапки кои создаваат дополнителни трошоци за двете страни.
Во подготовка е и проектот „Хоризонтален мониторинг“ кој ќе овозможи УЈП да има подобро следење и надзор на материјалните ризици и на специфичните деловни трансакции кај големите даночни обврзници.
Во однос на прашањето за намалување на редиците на шалтерите на УЈП, одговорот е „да“, со започнатите проекти за воведување на е-услугите, како е-уверението на кое активно работиме, овие процеси ќе бидат многу поедноставни и побрзи. Повеќе нема да има потреба од долги чекања на шалтерите, а административните трошоци значително ќе се намалат. Дополнително ова ќе го елиминира субјективниот пристап и ќе ја намали можноста за корупција во процесите на одобрување на даночни документи.

УЈП веќе го најави и проектот е-фактура. Какви бенефити ќе овозможи е-фактурата за даночните обврзници?
Е. Петрова: Во УЈП веќе ја започнавме имплементацијата на проектот „е-фактура“ со кој ќе се дигитализира фактурирањето, што ќе донесе големи бенефити за компаниите како што се поголема сигурност, подобра контрола и намалување на административните трошоци. Со е-фактура, УЈП ќе има увид на трговските трансакции во реално време, што ќе овозможи автоматизирана проверка на податоците за секој промет наместо ретроспективната контрола која беше вообичаена досега.
Што сè планира УЈП во својот Стратешки план во делот на дигитализацијата?
Е. Петрова: Програмата за дигитализација на УЈП насловена „Транзиција во дигиталниот свет“ вклучува широк процес на дигитализација на сите функции и деловни процеси во УЈП, што треба вистински да ја трансформира УЈП со премин од традиционални практики на работење и раководење кон нови практики базирани на употреба на современи технологии, квалитетни податоци и безбеден информациски систем. Програмата за дигитализација вклучува три големи проекти. Првиот проект „е-УЈП − консолидирана електронска даночна администрација“ се однесува на редизајн и на автоматизација на внатрешните даночни процеси како што се даночните регистри, обработката на даночните пријави и сл., консолидирање на базите на податоци, на техничката инфраструктура и на платформите на УЈП. Вториот проект „Платформа за аналитички капацитет“ се однесува за воспоставување складиште на податоци и технологии за работа со големи количини податоци и напредна анализа. Унапредување на безбедноста и стабилноста на инфраструктурата е третиот проект. Веќе имаме активности во тек за изготвување технички спецификации за нови процеси, работи на сајбер безбедноста, унифицирање на податоците од постојните неинтегрирани бази и хартиени документи и сл.
Дигитализацијата ќе донесе бројни придобивки не само за УЈП туку и за сите граѓани и компании. Преку создавањето на интероперабилен даночен систем каде што УЈП, државните органи, банките и бизнисите автоматски разменуваат податоци во реално време се очекува значително зголемување на ефикасноста во собирањето на даночните приходи.
Бидејќи дигитализацијата ќе трае неколку години, УЈП веќе започна со помали проекти за брзи победи како што се автоматизацијата на процесот за поврат на ДДВ и други административни процеси кои, во моментов, рачно се управувани. Овие брзи прилагодувања ќе овозможат ослободување на ресурси за посложени задачи и ќе ја зголемат ефикасноста во брз рок.
Даночната евазија и сивата економија се голем проблем бидејќи произведуваат широки негативни импликации за македонската економија. Како е ова прашање третирано во Стратешкиот план и што ќе преземе УЈП?
Е. Петрова: Ова се најголемите прашања со кои се соочува УЈП. Со програмата „Доследна борба против неусогласеноста, даночната евазија и сивата економија“, УЈП има цел да ги намали даночните загуби преку подобрување на даночната контрола и зајакнување на капацитетите за борба против даночната евазија. Оваа програма има цел да ги зајакне механизмите за контрола, да ја подобри процената на ризиците и да воведе нови методи за верификација на пријавените податоци, што ќе овозможи поефикасно справување со нерегуларностите и со избегнувањето на даночните обврски.
Една од клучните активности на УЈП е имплементацијата на подобри критериуми за процена на ризиците. Ова значи дека со вкрстување на податоците УЈП ќе може да детектира отстапувања од стандардните модели и да ги идентификува можностите за даночни нерегуларности во реално време. Во оваа насока, планирано е да се воведе систематски процес за верификација на податоците од даночните пријави, како и нови методологии за контрола кои ќе ги направат инспекциите поефикасни.
УЈП продолжува со зајакнување на капацитетите на даночниот инспекторат преку редовни обуки. Планирано е воведување лиценца за даночни инспектори, што ќе осигури дека инспекторите имаат високи стручни стандарди и дека постапките за контрола се изведуваат на највисоко ниво на професионалност и интегритет.
Вакви промени и целење засновано на анализа планираме и кај контролите во дејностите со готовински плаќања бидејќи готовината е еден од генераторите на сивата економија. Но, кога се работи за неформалната економија, таа не треба да ја концептуализираме како еден сектор, имаме предвид дека таа е хетерогена во смисла на доходот и на даночниот потенцијал и многу е важно нашите мерки да бидат ефективни и правични преку целење на оние оператори кои остваруваат повисоки приходи и имаат даночен потенцијал наспроти оние кои работат во мал обем. Во 2025 година ќе започнеме со лепеза на мерки и активности кон такви бизнис-професии и занимања кои се изложени на можност за неформалност, односно може да вклучуваат економски активности кои не се одвиваат според официјалните правни и административни процедури и водат кон неплаќање на даноците на државава.
Што планира да направи УЈП во однос на заостанатите даночни долгови?
Е. Петрова: УЈП се фокусира на решавање на проблемот со заостанатите даночни долгови. За ова планирано е спроведување реорганизација и централизација на процесите за наплата со примена на добри меѓународни практики. Ќе се воведе методологија за управување со ненаплатливите долгови и нова процедура за попис, за процена, за заплена и за јавна продажба на имот. Овие промени ќе го унапредат процесот на наплата и ќе ги намалат загубите за државава.
Работата на УЈП во оваа област ќе биде поддржана и со измени на Законот за даночна постапка со што ќе се зајакнат овластувањата на УЈП во постапката за наплата на долговите. Систематскиот и транспарентен пристап во овие процеси ќе биде клучен за успехот и за да покажеме дека овие мерки се кредибилни и насочени против оние кои избегнуваат плаќање данок.
УЈП мора да постигне баланс меѓу поддршката на доброволната усогласеност и силен капацитет за спречување на даночна евазија. Овој пристап ќе обезбеди фер услови за сите даночни обврзници така што чесните граѓани и компании нема да плаќаат повеќе поради оние кои ги избегнуваат свои даночни обврски.
Сите овие мерки и активности имаат цел да создадат пофер, потранспарентен и поефикасен даночен систем кој ќе обезбеди поголема даночна дисциплина и ќе ја намали сивата економија.

Дали УЈП има доволен човечки капацитет за реализација на овие амбициозни иницијативи и програми?
Е. Петрова: Свесни сме дека технологијата сама по себе не е доволна за успешно спроведување на големите реформи што се планирани во Стратешкиот план. За ова суштински важен е човечкиот капитал кој треба УЈП активно да го развива. Програмата „Силна администрација − здрава кондиција“ поставува јасен фокус на подобрување на лидерството, на управувачките структури и процеси, на структурните реформи и инвестирање во човечки ресурси.
Во УЈП веќе воспоставивме неколку советодавни тела − комитети од кои секој има суштинска специфична улога за успешното функционирање на организацијата. Комитетот за стратешко и реформско управување го формира долгорочниот правец и врши надзор над спроведувањето на реформите. Оперативно-извршниот комитет ја осигурува ефикасната имплементација на дневните активности за наплата на даночните приходи. Комитетот за управување со институционални ризици ја одржува стабилноста на работењето преку управување со финансиски, со оперативни и со други ризици од таа природа, додека Етичкиот комитет ги промовира интегритетот и професионалноста. Заедно тие ги поддржуваат напредокот и успешноста на УЈП во собирањето на даноците и во спроведувањето на трансформативните промени.
Со зајакнувањето на технолошките капацитети, УЈП активно работи на усогласување на својата внатрешна организација. Во тек е функционалната анализа која ќе помогне во развојот на динамична и на флексибилна структура.
Планирана е и програма за зајакнување на човечкиот капитал која ќе обезбеди ресурси, интелектуален капацитет и обука за лидерите кои ќе ги водат промените. Програмата ќе се фокусира на јасно дефинирана хиерархија, вреднување на даночните службеници, како и создавање организациска култура која поттикнува професионализам, етика и ангажираност кај сите вработени.
Како транспарентноста на работењето на УЈП придонесува за зголемување на даночната свест и за развој на даночниот морал кај граѓаните и бизнисите?
Е. Петрова: Сметам дека транспарентноста има позитивното влијание како фактор за градење доверба и за зголемување на даночната свест кај граѓаните и бизнисите. Преку поголема транспарентност во работата се создава етичко однесување во однос на даночните обврски, што директно влијае на подобрување на даночната дисциплина. УЈП активно работи и на проекти кои се директно насочени кон младите со цел од мали нозе да се гради свест и култура на редовно и на точно плаќање на даноци. Со проектот „Данок плати − во иднина да ти се врати“ ги мотивиравме младите од неколку средни училишта креативно преку видеа да го изразат своето знаење за важноста на даноците.
На крајот, каков е вашиот личен поглед за Стратешкиот план на УЈП имајќи предвид дека долги години работите во оваа институција?
Е. Петрова: Како директор на Управата за јавни приходи и долгогодишен посветен даночен службеник, јас сум горда на овој стратешки план. Тој претставува амбициозна и иновативна иницијатива за модернизација и за унапредување на даночната администрација. Како личност која долго време е вклучена во администрацијата, го вградив моето искуство во изготвувањето на овој план бидејќи добро ги познавам предизвиците и можностите на даночната администрација, како и потребите на даночните обврзници и на бизнисите.
Стратешкиот план не се фокусира само на технологијата и на автоматизацијата туку и на создавање поголема доверба во даночниот систем, зголемување на транспарентноста и унапредување на ефикасноста во наплатата на даноците. Со реализацијата на овој план ќе се постигнат позитивни резултати кои ќе влијаат на сите − од граѓаните до бизнисите и целава држава.
Разговараше: Зоран Јовановски